Почесто ме фаќа рак отколку грип

Вака се шегуваше сама со себе една од нашите соговорнички со кои зборувавме минатата година во просториите на здружението „Борка“, во октомври - светскиот месец за борба против ракот на дојка. Годинава, воочи 6.октомври, денот кога е закажана симболичната прошетка за поддршка на оние чиј живот е пред огромен предизвик и во чест на оние кои ја загубиле битката, ги објавуваме уште еднаш нивните лични приказни

0
703

Годинава, по 11-ти пат во организација на „Борка“ ќе се чекори за подигнување на свеста за борба против ракот на дојка.

„Да им дадеме поддршка на оние чиј живот е пред огромен предизвик и во чест на оние кои ги загубивме. Ова е наша заедничка борба, затоа биди и ти дел од неа и приклучи ѝ се на симболичната прошетка“, порачуваат од Борка.

Минатата година, во октомври – светскиот месец за борба против ракот на дојка, во здружението „Борка“ разговаравме со некои од волонтерките во здружението кои поради личното искуство, како страдалници и победници во борбата со ракот, се најангажирани и најуспешни токму во давањето поддршка и кревањето на моралот кај заболените. Го пренесуваме текстот во целост.

Зорица и Снежана, волонтерки и страдалнички

„Пред 4 години имав можност да поминам неколку часа и да зборувам со една од нивните најактивни волонтерки, со струмичанката Атина Саздова, жена која поминала низ пеколот, но овојпат таа не беше таму.

Наидов на две жени облечени во розеви маици, Зорица и Снежана. Двете се волонтерки и страдалнички кои откако го победиле ракот, се ангажирале и секојдневно се тука, во Борка, кадешто им помагаат на сите кои ќе дојдат или ќе се јават да побараат совет или утеха. Тие точно знаат како е да си исплашен, збунет и немоќен, бидејќи поминале низ истото.

Првата работа што ги прашав беше каде е госпоѓа Атина. Таа жена за мене беше олицетворение на храброст и неуништлива волја за живот. Долго после нашиот разговор пред 4 години, не можев да престанам да мислам на нејзината приказна. По двојната мастектомија (отстранување на дојките) и хистеректомија (отстранување на матката), аденоми на штитната жлезда, аденоми на надбубрежната жлезда и голем број подеми и падови,  таа се сметаше себеси за здрава жена, способна да се соочи со сите предизвици во животот, водеше нормален живот на сопруга, мајка и во периодот кога го водевме нашиот разговор, во радосно очекување да стане баба. Се лутеше на сите што се однесуваат кон неа како кон болна жена, на сите кои ја сожалуваат и кои негативно влијаат врз нејзиното расположение. Ми беше жал што не ја сретнав таму, се додека не ја слушнав причината – сега поретко доаѓа во Борка поради своите слатки обврски – чувањето на своето внуче.

Атина била и првиот контакт на госпоѓа Зорица Аџиевска кога таа првпат се јавила во Борка да се посоветува и да ја разреши сопствената дилема околу примањето на хемотерапијата.

Дали поради нејзиното влијание, или пак едноставно затоа што и самата е таков, ведар карактер, госпоѓа Зорица сега ужасно ме потсетува на госпоѓа Атина. Имаат идентичен смисол за хумор, главно, на своја сметка, зборливи се, отворени и искрени, со ведра насмевка, волја за живот и позитивен став кон животот кој сметаат дека и по соочувањето со мастектомија и со лузни наместо гради, може да биде убав.

И додека Атина додека зборувавме, реши да ја задоволи мојата љубопитност, такашто среде кафулето во кое пиевме кафе, ја стави мојата рака на нејзината протеза, овојпат, госпоѓа Зорица ми стави в рака една од тие силиконски „гради“ кои оние кои имале мастектомија и не направиле реконструкција, ги носат во своите градници. Ова го проследи со коментарот:

„Ете, со овие можеме барем вака однадвор да изгледаме така како што посакуваме, а можеме и да си бираме поголеми или помали, како ќе посакаме“.

Го кажа ова и гласно се изнасмеа на својата шега, додавајќи дека сепак е подобро да се помали, затоа што се прилично тешки. Навистина се тешки, ѝ возвратив јас мерејќи ја в рака тежината на оваа чудна и мека замена за женска града.

„Епа не е исто како кога се градите ваши и се дел од вашето тело, јас имам дури и вдлабнатина од ремчето на градникот од десната страна со оглед на тоа што десната града ми ја отстранија пред 21 година и оттогаш носам ваква протеза“, вели госпоѓа Зорица почнувајќи да ми ја раскажува својата приказна.

Приказната на Зорица, хемотерапија, болки, …

Тогаш имав само 44 години. Напипав една грутка на десната града но ми рекоа дека е веројатно последица од хормонално пореметување. Веројатно сакав да верувам во тоа, па не презедов ништо. Но, после еден стрес забележав дека грутката повеќе не се движи. Во тој период ќерка ми имаше 18 години и ѝ се појави едно мало топче на градата па се исплашив за неа. Отидовме кај доктор Крцковски кој ѝ го извади амбулантски и ми кажа да не се секирам, дека е тоа нормално за млади девојки и дека нема простор за страв. Тогаш мојот сопруг му рече: таа има поголема мака ама за себе не доаѓа да се прегледа. Докторот ми закажа да дојдам следниот ден и кога отидов и ме прегледа, ми кажа: зошто не си дошла порано, ова од авион се гледа дека не е добро. Се разбира дека бев шокирана иако потајно насетував дека нешто не е во ред.

Ме оперираа веднаш, излезе дека има рак на дојка во втор почетен стадиум, што значи дека не беше проширен и дека сепак сум дошла навреме. Тогаш поминав само со 21 зрачење и 5 години терапија со тамоксифен. На почеток, поточно 6 месеци, се хранев макробиотички, но потоа докторот ми кажа: ние се трудиме естрогените да ги намалиме бидејќи мислиме дека е тоа причина за појава на рак, а вие со макробиотиката правите обратно. Така престанав со макробиотика и решив да почнам да се хранам нормално. Шест месеци пиев и по 4-5 чаши од 300 грама сок од цвекло, морков, зелка, лимон, и веќе станав алергична на звукот на соковникот, одвреме навреме јадев риба и навистина многу внимавав, а сите постојано ми нудеа некој чудотворен лек, но јас решив дека ако нешто ми е толку одбивно за да го ставам во уста, тогаш тоа не може да е лек. Така решив да не си правам дополнителен стрес и да си јадам се што сакам, но умерено и да не претерувам со ништо.

Тогаш, на 44 години, секако дека не беше лесно да се слушне оваа дијагноза и да се направи мастектомија. „Имате малигнен рак на дојка“, секако не се зборови кои нема да ве исплашат дури и да сте најхрабри на светот. И јас бев исплашена и се прашував колку ќе живеам, дали ќе живеам, како ќе живеам,… но живеев.

На почеток го одбегнував огледалото, а пред сопругот не сакав да се соблечам за да не ме гледа таква. Но тој ми беше голема поддршка и постојано ме храбреше. Немав проблеми со него какви што имаат многу жени со истиот проблем со своите сопрузи кои ги напуштаат и ги оставаат сами да минуваат низ се. Поминав релативно лесно, а бидејќи на другата града ми најдоа две бенигни туморчиња, цели 18 години редовно ги контролирав. Не пропуштав ниту една контрола па затоа и ми беше многу поголем шок отколку првиот пат, кога после толку контроли наеднаш, после цели 18 години, повторно после еден стрес, ми се појави сосема нова грутка под левата пазува, со големина на тениско топче, а раката наеднаш не можев ниту да ја допрам до телото. Изгледа не научив да се справувам со стресот, па сигурна сум дека кај мене тоа се манифестира со појава на канцер.

Првиот пат бев шокирана но како да насетував дека нешто не е во ред, но вториот пат шокот беше навистина огромен и за мене обесхрабрувачки. Некои велат дека не е можно толку брзо да се развие и дека на канцерот му треба повеќе време за да се развие, но се прашував и се уште се прашувам, зошто тогаш и покрај сите контроли и претходната историја на болеста и тоа што имам густо ткаење на градите кое го онезвозможува прегледот, сепак ниту еднаш не ме пратија на магнетна резонанца.

Овојпат се беше барем пет пати пострашно. Имав уште една мастектомија, а потоа и хемотерапија. Првиот пат не ја изгубив косата, а овојпат изгубив се, и коса, и веѓи, и трепки, но тоа е најмалку страшно. Како последица од хемотерапијата имам проблеми со нозете, движењето ми е ограничено, но оптимизмот не ме напушта. Примив шест хемотерапии. Тоа беше пред три години, во 2015. Многу ми е симптоматично тоа што и минатиот пат канцерот го открив во март и ме оперираа на 30 март, а вториот пат на 20 март. Почнувам да се плашам од март, а се шегувам на моја сметка и за тоа дека претходно сум била толку здрава што не сум имала дури ни здравствен картон. Па кога последен пат ме фати грип, се пошегував дека почесто ме фаќа канцер отколку грип.

Инаку, пред да почнам со хемотерапијата, токму поради тоа што слушав за можните последици бев во дилема дали воопшто да одам на хемотерапија. Тогаш и првпат се јавив во Борка. Разговарав со Атина и со нејзина помош се одлучив да ја прифатам терапијата. И колку и да е лошо и тешко искуство, сепак верувам во хемотерапијата и во конвенционалната медицина. Не велам дека алтернативната медицина нема никакви ефекти, но и тогаш мислам дека мора некој да ве упатува како правилно да се лекувате. Мене најтешка ми беше петата хемотерапија, имав страшни болки, не можев да стојам ниту да одам сама и до веце. Ми препишаа Трамадол, колку малку од малку да ми олесни, толку ми беше лошо што дури се мислев и воопшто да не одам на шестата. Навистина тешко се издржуваше. Но ете, ја издржав и петата и шестата. И оттогаш поминаа три години и мислам да живеам уште долго или барем да дочекам да добијам правнуче. Внука ми сега ќе полни 19 години и сакам да ја видам возрасна и реализирана и како човек и како мајка. Нема шанси да не дочекам, вели госпоѓа Зорица и повторно се смее, од сесрце.

Волонтирање во Борка, поддршка, нови пријателства…

Зорица Аџиевска веќе 2-3 месеци е волонтер во Борка. „Мене ми помогнаа кога ми требаше зошто да не помагам сега и јас некому“, вели таа.

„Со координаторката Лиле се шегуваме дека сега со сите кои доаѓаат тука сме станале како роднини. Не треба многу за да се роди ова чувство. Баш пред некој ден дојде една жена од Прилеп, со својата ќерка и со сестра ѝ. Дојде со солзи во очите, исплашена и потресена, после првата хемотерапија. Се обидовме да ја опуштиме, а сите кои доаѓаат тука кога не гледаат нас пред себе и кога им велам дека веќе 21 година живеам со канцерот, а сепак се смеам, живеам, дишам, се опуштаат и излегуваат низ вратата насмеани. Гледаме надеж во нивните очи кога пред себе имаат некој кој бил во истата ситуација.

Она што не го сакав кога ми беше најтешко, а не го сакам ниту сега, е да ме сожалуваат и да ме гледаат со оној исплашен поглед со кој секогаш ме гледаше сестра ми кога секојдневно доаѓаше да ме види во најтешкиот период од мојот живот. Еднаш дури и ја избркав поради тоа. Ѝ реков: ако сакаш да дојдеш да поседиш, да правиш нормален муабет со мене, дојди, ако не, ич не доаѓај за да ме гледаш со тој исплашен поглед. Што очекуваш да видиш, дека сум умрела? Не умирам јас така лесно!

Поради своето искуство секогаш ги советувам и сестрите и ќерка ми да одат на редовни контроли затоа што иако малку се разочарав од мојот случај, сепак мислам дека треба да се контролираат редовно, за да не се дојде до стадиум кога веќе нема назад.

Во Борка одговарам на телефон, најчесто на прашања врзани со позајмувањето на перики на жените на кои им требаат, но и  за да го раскажам своето искуство и да им дадам поддршка на сите на кои им е тоа потребно“, вели госпоѓа Зорица.

Уште една приказна

Токму кога госпоѓа Зорица заврши со својата приказна, во просторијата влезе една млада жена со капа на главата. И таа насмеана, прво што рече беше: Здравоо, жива ли си? Жива сум, жива, ѝ одговори госпоѓа Зорица, ти жива ли си, како си? Младата новодојдена жена, како што ми кажаа подоцна, беше нова во јатото на Борки. Таа ја поминуваше својата прва хемотерапија, а дури потоа ја очекува операција и мастектомија на градата.

Не сакаше да ја споменуваме со нејзиното име затоа што, како што рече, се уште не ѝ ја кажала сета вистина на својата ќерка која во моментов работи надвор од државава.

„Уште е млада, можеби претпоставува, ама не сака да размислува за тоа па немам срце да ѝ кажам. Иако ме гледа без коса кога зборуваме на скајп, таа мисли дека е тоа од некои лекови што ги пијам за „тоа грутче“ на градата.

Јас одамна го напипав, но таков беше периодот, немав здравствено осигурување па не можев да ги направам сите прегледи. На крај дојдов дотаму што грутчето што го имав ми излезе надвор и почна да се гледа со голо око, се направи рана и јас, иако и самата веќе извесно време работев надвор од државава, на крајот морав да дојдам и да преземам нешто. Еве сега одам на терапии и дојдов да си земам перика“, ни раскажа накусо оваа се уште многу млада жена која се двоумеше помеѓу две перики.

За жал, во моментот во Борка немаа долга перика, иако таа посакуваше некоја токму таква, за да може да си фаќа репче како што правела претходно со својата коса. Не ѝ беше многу важно, но беше очигледно дека повеќе сака да зборува и да се занимава со некои толку обични работи каква што е фризурата, отколку за својата болест.

Сепак, ни раскажа што најмногу ја нервира кај нејзините најблиски роднини и пријатели.

„Тукушто ќе задремам, туку ќе се јави некоја од моите пријателки која штотуку прочитала за некој чудотворен лек и ќе ми раскаже се за тоа како некоја на интернет се излекувала за 2 дена. Или пак ќе ми дојдат на врата со нешто здраво што се препорачувало да се пие кога човек има рак. Јас секое сабајле пијам по една голема чаша цвекло, лимон и моркови, за имунитетот, потоа јадам овес или некои други зрна, и искрено, потоа веќе ништо друго и не ми се јаде, а не сакам да заслабнам. Слушнав и за варова вода и за сите други чудотворни лекови, но не верувам дека нешто толку невкусно може да ми помогне. Ама ќе биде добро. Допрва ме чека операцијата, а пред ќерка ми се уште не сум нашла храброст да изговорам дека имам рак. Таа пак веројатно повеќе сака да верува во тоа што ѝ го кажав, дека не е ништо страшно. Постојано ми вели дека ќе ми праќа пари за да не се стеснувам и да купам се што ми треба, а како ќе реагира кога ќе дознае дека ќе одам на операција, незнам. Се надевам дека ќе биде се во ред, а и ако не биде, ете, имам голема ќерка веќе, сепак сум се реализиарал на некој начин во животот па што сака нека биде. Ама ќе биде“, повторува по којзнае кој пат оваа симпатична жена.

„За денеска беше доволно, ве изморив и ве задржав“, им велам јас и станувам. „Не, таман работа, баш убаво си помуабетивме“, велат тие. Се поздравуваме и јас си заминувам.

Надвор е сончев, убав ден!. Јас немам рак. Се уште! Се надевам дека така и ќе остане. Во замена, се согласувам почесто да ме фаќа грип, се спогодувам во себеси и се обидувам да бидам позитивна како нив. Барем засега се уште немам некоја голема причина да не сум.

Фото: Unsplash

[better-ads type='banner' banner='999' ]