Дали е тешко да се биде маќеа – од лично искуство

Дали сте мајка или маќеа, или пак и самите сте имале и мајка и маќеа? Може ли маќеата да сака како мајка, а мајката како маќеа? Или пак, татко и очув, дали сте биле некому татко, а некому очув? Ви бил ли некој вам? Што мислите за овие семејни односи?

0
1017

Маќеа. Табу тема. Збор со грд призвук и предрасуди затоа што секогаш се врзува за лошо, вгнездено во нас од најмали нозе, од сите приказни кои ги знаеме на оваа тема, од Пепелашка, Марика и Јованче, па понатаму. Се обидувам да најдам синоним за истата, но не ми поаѓа од рака.  Нема синоним, како што нема ниту вистинска замена за зборот мама.

Но да не должам. Помеѓу останатите, животот ми ја додели и оваа функција и јас сум благодарна на секој дар, каков и да е тој.

На прашањето дали е тешко да се биде маќеа, одговарам едноставно: Не е лесно.

Поради што, се нижат прашања.

Не е лесно затоа што обично не си прозван да учествуваш во воспитувањето, имаш авторитет но никогаш навистина не го употребуваш, затоа што биолошкиот родител е секогаш во право и неговиот збор е последен.

Не е лесно, затоа што ако си блага – не ти е важно; ако си строга – го мразиш детето; ако имаш свои деца, а прво им удоволиш на нивните желби – себична си; ако прво им удоволиш на желбите на посинокот – се умилкуваш, итн.

Како се снајдов јас?

Би кажала дека добро пливам во овие води. Не се умилкувам, умеам да подвикнам, умеам да направам торта за која ќе ме замоли, да опоменам во врска со средувањето на собата, да купам сина постелнина, да го средам плакарот, да бидам критична, да го бакнам за добра ноќ, кога оди во училиште …
Сѐ доаѓа природно. Не се мешам ниту премногу, ниту премалку, кажувам што мислам, му излегувам во пресрет секогаш кога можам. И да, го сакам својот посинок, затоа што е тој дел од мојот сопруг, и дел од мојот живот.

А сепак, секако дека повеќе ги сакам своите деца.

И така. Далеку од тоа дека е сѐ секогаш убаво, прекрасно и спокојно. Не. Умеам да се карам, да викам, да инсистирам на некои работи, но исто така можам да кажам дека ми е драго што е овде, затоа што сум сигурна дека е на најдоброто место на кое може да биде.

Доаѓаат такви денови…

Ми е жал затоа што е осуден на ваков растргнат живот, на патувања и на долги вибер повици…Сепак, тој е само дете, а децата навистина никогаш не се виновни за ништо.

Моите деца го обожуваат, сепак им е тој постар брат, мангуп кој сешто знае, а искрено, јас секогаш велам дека имам три деца, па понекогаш ми е криво кога во јавност ќе ме викне по име.

Се на сѐ, сигурна сум дека животот би ми бил поедноставен ако за маж одберев некој без „товар“, како што погрдно велат, но јас го одбрав ова свесно и не ми е жал. Учам да го дадам најдоброто од себе, да сакам безгранично. Често ми поаѓа од рака и тоа е најубавото чувство.

Текстот е преземен од ТУКА.

Фото: Pixabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]