Салија Љатиф Петрушовска: Родителите кај нас се сакани и почитувани од нивните деца

Дека младите луѓе се навистина полни со идеи, покажува и примерот со вд директорката на ЈЗУ Геронтолошки завод „13 Ноември“ – Скопје, која освен што се залага за успешна и континуирана работа на институцијата на чие чело се наоѓа, се залага и за нејзин натамошен развој. По посетата на Дневната болница за заболени од деменција во Загреб, таа сака истото да го направи и кај нас: превенција, лекување и рехабилитација на заболените од деменција и членовите на нивните семејства преку програма која се спроведува во групи од 20 пациенти, секој работен ден од 8-16 часот. На прашањето што треба за да се направи овој „дневен престој“ за возрасни, одговара: пред сѐ, добра волја!

0
1497

Кога ќе се соочите со вашиот родител кој повеќе и не личи на него и дел од времето не знае кој сте, но во оној дел од времето кога ве познава и е колку-толку повторно оној ист ваш родител каков што го познавате, вие сте сосема беспомошни.

Гледате како од ден на ден станува сѐ полошо а кога ќе побарате помош од стручно лице-психијатар и невролог, тие креваат раменици и велат: типично, тоа е деменција, нема спас, вака ќе биде, а бидете спремни, ќе биде и уште полошо.

Кога ќе кажете, посоветувајте не, како да се однесуваме, што да правиме кога не не препознава, кога мисли дека ја труеме, дека ѝ ја крадеме облеката, дека сме некој сосема друг, а не ние, нејзините деца, ви велат: не се мачете да ѝ објаснувате, секако ќе заборави.

Вие гледате дека одвреме навреме се враќа назад и сака да направи нешто корисно, да биде повторно дел од семејството кој ќе придонесува, но животното темпо и работните обврски едноставно не ви дозволуваат да ѝ се посветите повеќе и да ѝ помогнете во ова, бидејќи истото бара многу време и трпение.

Ќе ја избањате, ќе ја облечете, ќе ја дотерате, ќе ѝ викнете фризерка да ѝ направи фризура, ќе ѝ ставите кармин, ќе ја прошетате, и сето тоа за викенд, а во другите денови, ќе ѝ дадете храна, лекови, ќе ѝ помогнете околу одржувањето на личната хигиена, за секој случај ќе го исклучите шпоретот, ќе ја заклучите вратата однадвор, за да не ѝ текне случајно да си оди „дома“, и ќе заминете да си ги завршите останатите  обврски, оние, за живот.

Бидејќи имате пријатели кои живеат таму „надвор“, а тие, кога ве прашуваат за мајка ви, не ви велат како што сме навикнале ние тука: епа тоа е, 80 годинки не се малку, туку ви велат: а што преземате, можеби нема лек за Алцхајмер и деменција ама има начин да се пролонгира, да се подобри барем малку состојбата, да се продолжи квалитетниот живот, и нејзиниот и вашиот.

Велите: А што би можеле да направиме, мислиш на масло од канабис, на некои витамини,…?!

Не не, не зборувам за тоа.

Знаете за што зборуваат? Да не одиме премногу далеку, пријателите кои живеат во Загреб, Хрватска, велат:

Па знаеш, кај нас постои нешто како „дневен престој за возрасни“. На пример, мајката на еден мој пријател која има деменција, ја носат таму во 8 часот, кога одат на работа, ја оставаат во Дневната болница за заболени од деменција во склоп на психијатриската болница Свети Иван и на враќање си ја земаат. Има напредок, таа е таму активна, се дружи, вежба, имаат различни активности и сѐ е полесно.

Ех, си велам, кога би имале и ние нешто вакво. А зошто да немаме?!

Се јавив кај вд директорката на Јавната здравствена установа Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“, госпоѓа Салија Љатиф Петрушовска и ја прашав дали може да поразговараме на оваа тема, но и за да ми објасни што им се нуди на старите лица на кои им треба посебна нега или згрижување во нивната установа кадешто за 1 месец треба да се одвојат 15 илјади денари, и е единствената установа чии цени се достапни за нашите услови.

Лесно се договоривме да се видиме, а на прашањето дали има шанси кај нас да се направи нешто слично, се насмеа и рече: Знаете, јас веќе бев таму, во Дневната болница во загреб и многу би сакала да направиме нешто такво и кај нас.

Навистина? Сте биле? Кажете ни за што точно станува збор? Како изгледа таа Дневна болница, што им нуди на пациентите и на нивните семејства?

„Дневната болница за заболени од деменција во Загреб е во рамките на психијатриската болница Свети Иван. Она што го видов за време на посетата е навистина фантастично. Активностите кои се спроведуваат помагаат за забавување на болеста, зачувување на когнитивните, социјалните и телесните активности, но и за намалување на стресот во семејството на заболениот.

Впрочем, основана е со цел подобрување на квалитетот на животот на заболените од деменција и членовите на нивните семејства. Се спроведува во групи од дваесет пациенти, секој работен ден од 8-16 часот.

Инаку, програмата ја спроведува тим од лекари, работни терапевти, физикални терапевти, социјални работници и медицински сестри, а нивната работа се темели на холистички и индивидуален пристап со фармаколошки и нефармаколошки методи, на пример, се прават вежби за подобрување на менталната кондиција, терапија со смеење, поттикнување на обновувањето на среќните сеќавања, поттикнување на пишувањето, читање, разговарање и занимавање со хоби, музикотерапија, ароматерапија, ликовна, музичка и литературна активност, друштвени игри, вежбање.

Според проценката на состојбата на пациентите, тимот ги вклучува пациентите во социтераписките и индивидуалните разговори со активна соработка на семејството во сите фази на лекувањето; од дијагностика и разбирање на настанокот на болеста, до обликување на план за лекување и психосоцијална рехабилитација“, објаснува директорката и додава дека токму ова сака да го направи и таа тука, во рамките на оваа установа.

На прашањето што треба за да се направи овој „дневен престој“ за возрасни, одговара: пред сѐ, добра волја!

Дали ова ќе се реализира во догледно време, навистина не би знаеле, но она што дознавме од разговорот со д-р Салија Љатиф Петрушовска е дека таа прави сѐ установата на чие чело се наоѓа, да биде што поуспешна, а возрасната популација на пациенти, се разбира, како и сите други кои се згрижени таму, да се почитувани и сакани како што заслужуваат.

Инаку, установата на чие чело се наоѓа таа, располага со четири објекти (геријатрија, два хосписи во Скопје и во Битола, и домот „Мајка Тереза“ во Злокуќани).
За жал, тука постои само оддел за Алцхајмер и деменција за 40 пациенти кои се подвижни но имаат потреба од посебна грижа.

„Оваа болест е карактеристична за луѓето во повозрасна доба, во различни облици. За пациентите кои се во доцна фаза од болеста, во геријатрискиот дел имаме психогеријатрија – оддел за 40 пациенти на кои, иако се подвижни, им треба посебна грижа. Станува збор за пациенти кои се непресметливи, кои прават проблеми во семејството, во околината, покажуваат агресија, бегаат од дома, одбиваат да се хранат, и тогаш семејствата се принудени да ги сместат кај нас. Со нив работат психијатар и социјален работник, а сместени се во петкреветни и трикреветни соби и во апартмани, по двајца.

Барем половината од геријатриските пациенти се со пропратна деменција, но тие кајшто доминира деменцијата, се во затворен дел и ги чуваме согласно процедурата за чување.

Инаку, располагаме со четири згради, одделот за геријатрија со околу 180 пациенти, во самата зграда има отсек за интензивно и постинтензивно лекување, болни во тешка состојба, најчесто коматозна, на кои им треба палијативна нега, оддел за акутно и хронично болни Сју Рајдер – пациенти кои се во терминална фаза на тешка болест, специјализирано за пациенти од малигни заболувања, и објектот Мајка Тереза, во кој не се спроведува здравствена грижа, туку социјална дејност“, објаснува Љатиф Петрушовска.

Токму тука, во објектот Мајка Тереза во Злокуќани, иако е со капацитет за сто луѓе, се сместени околу 65-70 лица, од причина што нема доволно човечки ресурси.

„Раководител на објектот е Дејан Петров, инаку, социјален работник и други социјални работници кои се грижат за социјалните активности на корисниците, исто имаме медицински сестри кои се задолжени за здравствената нега на корисниците. Тие имаат годишна програма, клубови, поболните се во болничкиот дел, а другите во бараките. Посетуваат културни настани, ги носиме во театри, кина, денови на поезијата. Една наша корисничка дури има добиено и награда, пишуваат песни, имаме социјална терапија, изработуваат ракотворби кои потоа по симболична цена се продаваат на базари. На пример, организиравме продажба во Света Петка, по повод големиот православен празник Пресвета Богородица, а парите од продажбата се користат за потребите на корисниците, за репро-материјали, па тие се чувствуваат повторно корисни. Исто така, имаме и убава градина која тие ја одржуваат заедно со нашите вработени.

Неодамна, од Ротари  клубот од Скопје во соработка со квартет од Филхармонија им беше организиран мал концерт со стари македонски песни, па сите се фативме за оро“, се смее Љатиф Петрушовска.

Според неа, луѓето кои се тука, имаат најразлични приказни, голем дел од нив самите одлучиле да живеат тука за да не им пречат на младите кои поради брзиот начин на живот имаат сѐ помалку време за нив, но тоа не значи дека се тие напуштени, сами и тажни. Напротив, нивните деца и внуци редовно ги посетуваат, па дури и откако поради епидемијата на морбили, вд директорката ги ограничила посетите само во одреден дел од денот, наместо како дотогаш – неограничено, тие се побуниле.

„Ако не се грижат и ако не ги сакаат своите стари родители, зарем ќе се бунат зашто сме им го ограничиле времето за посети. Не, јас сум сигурна дека сите кои се тука се тука затоа што имало потреба од тоа, а дека децата ги сакаат и се грижат за нив,  ги посетуваат, им носат храна и подароци, и нормално, колку и да им се возрасни родителите, сакаат да им поживеат што подолго, а нивната љубов се гледа во секоја нивна постапка. И конечно, не се случило ниту ќе дозволиме да се случи, да имаме пациенти кои се тука спротивно на својата волја“, завршува д-р Салија Љатиф Петрушовска која е на оваа функција од август 2017.година.

По професија е доктор по стоматологија, а искуството за менаџирање го стекнала во невладиниот сектор, поминала многу обуки и работела на проекти во кој акцентот бил ставен на здравствена и социјална заштита, па генерално добро ги разбира проблемите во овој систем.

„Нашата установа е мултидисциплинарна и секој може да си го најде своето место. Во моментов не е имплементирана стоматолошката здравствена заштита, но планирам во иднина да ја имплементирам. Секако, доколку останам на оваа функција. Исто како и Дневната болница за која веќе зборувавме“, завршува таа.

[better-ads type='banner' banner='999' ]