Дали и вашите деца одат со брендирана гардероба во градинка и во училиште?

Стекнувањето на дисциплина, работни навики, одговорност, не оди преку ноќ, но затоа треба да се почне на време. Верувајте, ќе се соочите со вашите деца после 2 децении и тие сѐ уште ќе очекуваат вие да им го фрлите ѓубрето, да им ги исперете чорапите, да им ги измиете садовите....И баталете ја брендираната облека!

0
1277

Неодамна зборував со мојата нова сосетка. Ми кажа дека почнала да работи како воспитачка во градинка. Помеѓу другото, освен што се пожали дека на една учителка доаѓаат дури по 30 деца па тие никако не можат да ги навјасаат, таа ми кажа дека имаат проблем и со родителите.

„Им велиме, не им облекувајте скапа и нова облека, ќе се извалкаат, не можат да си играат слободно, а тие ги носат облечени како за на модна ревија. Еднаш кога ги шетавме, една мајка ни забележа дека во чевличките нејзиниот син имал песок. А кај можеме да стасаме ние да им ги провериме и да им ги истресеме на сите! Деца, им влегло малку песок. Исто така се лутат и ако им ги вратиме со некоја дамка на скапите брендирани фустанчиња, маички, пантолончиња. И залудно постојано им повторуваме, тие си продолжуваат со дотерувањето па ние си имаме дополнителна мака“, ми раскажува сосетката која инаку вели дека ужива во својата работа особено затоа што долго чекала на ова вработување.

Сепак, вели, не е во ред тоа што за толку многу деца се грижат само две воспитувачки, и тоа секоја од нив останува сама одреден дел од времето бидејќи им се такви смените.

„Јас би ги шетала секојдневно, ама нема шанси да извадиш 30 мали деца, со две учителки и да ги шеташ по паркови или евентуално, да ги однесеш на Водно.

Исто така, имаме и деца со попреченост, па замислете колку внимание можеме да им посветиме ним. Се едуцираме дополнително како да се однесуваме со децата со попреченост, но залудно е сѐ кога немаме толку време и простор. Мора да се отворат нови градинки или да се зголемат капацитети и бројот на вработените ако сакаме квалитетно да ги згрижиме, но и да ги воспитуваме нашите деца“, вели таа.

Наскоро почнува и циркусот со првачињата!

Наскоро ќе почне и училишната година, а кај нас се знае, особено за првачињата и за нивните родители, за бабите и дедовците, првиот училишен ден е многу важен, и на него се гледа како на своевиден празник.

Но кај нас и за поаѓањето во градинка и за поаѓањето во училиште се крева непотребна тензија, па родителите се грижат за многу неважни работи од типот на купување на скапа гардероба, брендирани патики, најубави тетратки, ранци и училишен прибор.

А сето тоа за да не им бидат децата полошо облечени од другите деца. Ова е трка која освен што е осудена на пропаст, им носи и лоша порака на децата.

Во таа конфузна ситуација тие наместо да сфатат дека поаѓаат во училиште или во градинка за да научат многу убави и корисни работи, погрешно сфаќаат дека во училиште (или во градинка), мораат да бидат модерни и со подобра опрема и облека од другите за да бидат важни, забележани и прифатени.

На овој начин родителите самите си прават проблем. Некои поради сопственото помодарство, а оние другите, затоа што им е жал нивните деца да бидат скромно облечени, да имаат скромен прибор и со копнеж да гледаат во опремата на своите другари.

Наместо да ги воспитаат децата во духот на нематеријалните вредности од мали нозе, и со многу љубов да ги научат да им се радуваат на малечки работи, а такви да бидат и самите, родителите најчесто паѓаат под влијание на глобалното помодно лудило и, за жал, под влијание на т.н. ѕвезди кои жарат и палат низ светот, да де, оние од типот на сестрите Кардашијан…

Нови обврски и одговорности

И додека Скандинавците ги пуштаат децата сами во училиште и по многу посурова клима, а нивните деца се навикнуваат на тоа, се челичат и не се разболуваат толку често како нашите презаштитени деца кои родителите ги носат со автомобили и на училиште и на сите други воншколски активности.

И усогласувањето на семејната динамика е исто така еден од факторите кои придонесува за стрес кај нашите родители, поради новонастаната ситуација, поаѓањето на детето во училиште. Како детето ќе стане само, како ќе појадува и ќе оди на училиште?

Родителите се грижат ако работното време не им е усогласено со она на нивните деца, па не можат да ги однесат во училиште.

Но ако се децата подготвени за поаѓање на училиште, подготвени се и за нови обврски и одговорности, па така треба и да се однесувате кон нив.

Година-две пред поаѓање на училиште, децата би требало да се запознаат со сообраќајните правила, со маршутата до идното училиште (но преку различни патишта за да се стекнат со просторна ориентација), да ги оставате сами дома, малку по малку  научете ги да си направат самите сендвич…и сите останати елементарни активности кои родителите најмногу би сакале да ги извршуваат наместо нив, правејќи од децата неспособни суштества.

Периодот додека детето оди во градинка е добро да го искористите за извежбување на самостојно снаоѓање. Дозволете им тие да ве водат до градинката, до пазар, докај баба им и дедо им и секаде кадешто одите со нив, играјте си патем такашто ќе ги учите да ги запомнат називите на улиците, пуштете ги сами да реагираат во сообраќајот, а вие потоа укажете им на грешките, доколку направиле некоја.

Тоа е можеби потежок начин отколку да го одведете со автомобил, но ова е многу подобро и за детето, а и за вас.

Сите родители им мислат добро на своите деца, но…

Иако сите родители им мислат сѐ најдобро на своите деца, постојат голем број разлики помеѓу балканските  и скандинавските родители.

Скандинавците, како и сите останати родители на светот, ги сакаат своите деца, но таа љубов не им ја покажуваат купувајќи им скапи предмети, без смисол и цел.

Иако се многу побогати од нас, не ги испраќаат децата на училиште и во градинка во монденска гардероба во која не смеат да си играат за да не се извалкаат или искинат, туку нивната облека е комотна и скромна, а често и веќе носена, од втора рака.

До првата мала матура на децата ретко им се купуваат нови и скапи работи, и тоа е сосема нормално.

Но изгледа дека е правило сиромашните нации да се натпреваруваат кој ќе им купи на своите деца поскапа облека, додека Скандинавците не ни размислуваат на оваа тема иако немаат никакви издатоци околу школувањето на децата, екскурзиите, ужината, затоа што сето тоа го плаќа државата. Тие сепак не се расфрлаат со пари и се многу рационални, а нивните деца – многу посамостојни од нашите.

Затоа, неопходно е заради децата, но и заради вас, да не им правите мечкина услуга и да им помогнете да станат одговорни и самостојни, во согласност со своите психофизички можности.

Токму затоа и децата во скандинавските земји кои од мали нозе добиваат обврски, не ја доживуаат работата дома како товар, казна или нешто што мораат да го прават, туку како нешто нормално.

Часови по домаќинство

И повторно, да ја споменеме потребата од враќање назад на предметот по домаќинство и да им помогнеме на децата да научат да си подготват самите оброк, да научат да си сошијат нешто, да пазаруваат, да работат со дрво, да прават ситни поправки во домот, да пеглаат.

И секако, водете сметка да им остане доволно време за игра и за слободни активности.

Затоа, добар пример е школството во Финска кадешто децата не добиваат домашни задачи, а наставната содржина се одвива преку игра, често наставата се одржува во природа и во опуштена атмосфера.

И секако, децата таму не се приморани да седат во клупи и да бидат мирни.

Научете ги сега, за да не се чудите потоа 

Битно е да се следи природата на детето, а во природата на детето на таа возраст сигурно не е да седи мирно, барем не во првата година од поаѓањето во училиште. И конечно, стекнувањето на дисциплина, работни навики, одговорност, не оди преку ноќ, но затоа треба да се почне на време.

Верувајте, ќе се соочите со вашите деца после 2 децении и тие сѐ уште ќе очекуваат од вас вие да им го фрлите ѓубрето, да им ги исперете чорапите, да им ги измиете садовите….

Не им ја покажувајте љубовта такашто ќе им ја местите чантата, ќе им ги  пишувате домашните, ќе ги возите во училиште,  и пред нив ќе ги прекорувате учителите, а постојано ќе ги браните нив.

Само разговарајте, интересирајте се како им поминал денот и барем еднаш во денот, имајте заеднички оброк кога наместо секој да гледа во својот телефон, ќе разговарате меѓусебно за тоа како им поминал денот.

И со среќа!

Фото: Pexels

[better-ads type='banner' banner='999' ]