Давењето не е драматично, како што мислат повеќето луѓе. Лаиците сметаат дека давењето изгледа како во филмовите, но вистината е потполно поинаква: децата често знаат да се удават во тишина, вели педијатарот Улф Бухлиген од универзитетската болница во Лајпциг.
Тие потонуваат брзо и молчешкум затоа што парализирани од страв не стасуваат да повикаат помош, објаснува тој.
Кога детето се дави тоа прави сѐ за да дојде до воздух. Со мака се обидува да ги одржи носот и устата над површината на водата, а рацете се најчесто исружени во водата и не се во воздух, затоа што на тој начин телото се обидува да се одржи над површината на водата. Истакнува и дека најголема опасност не е длабочината на водата туку нејзината достапност.
Смртоносни можат да бидат, покрај класичните опасности како море, езеро и базен, и барите, изворите како и резервоарите за вода, па дури и кадите, објаснува Бухлиген.
И иако тоа нема да им се допадне на родителите, бабите и дедовците, угледниот педијатар од професионално искуство вели дека децата најчесто се дават во нивна присутност „поради мало внимание или целосен недостаток на внимание“.
Причините за несреќите лежат во тоа што децата често ги преценуваат своите способности или се непромислени и несвесни за потенцијалните опасности. Дете може да се удави за помалку од една минута.
Педијатрите велат дека давењето е водечка причина за смрт на децата на возраст помеѓу 1 и 4 години и втора најчеста причина за смрт на децата помеѓу првата и четиринаесетата година (веднаш по сообраќајните несреќи).
Не треба да се заборави ни дека за 69 отсто од децата родителите не очекуваат да пливаат, а сепак ги затекнуваат во вода.
Д-р. Бухлиген потсетува дека децата кои си играат во вода се гласни, па на родителите, бабите, дедовците или дадилките им се советува штом стивнат, да проверат што се случува.
Фото: Pixabey