Кога ќе сфатите дека вашите деца ќе се срамат од фотографиите што ги објавувате?

Како да ја запрам својата мајка да го објавува целиот мој живот на Фејсбук? Прашува едно девојче на Reddit и ги моли останатите корисници за совет како да ја заштити својата приватност и да ѝ објасни на мајка си дека се чувствува повредено. Дали вие објавувате фотографии од своите деца и каков е вашиот став за оваа тема?

0
296

Живееме во време на социјални мрежи со вирални содржини и не мораме многу да објаснуваме што значи тоа. Сите знаеме дека нашите животи се речиси целосно видливи за јавноста, особено ако сме чести корисници, па затоа и објавувањето на фотографиите на деца и малолетни лица е посебно чувствителна тема.

Дека таквите ситуации можат да станат проблем, покажува и еден вирален пост на Reddit во кој едно девојче се жали на својата мајка и нејзиното неконтролирано објавување на фотографии и други содржини за животот на нејзината ќерка на социјалните мрежи.

Во постот девојчето пишува: „Овде е една ученичка – како да ја запрам својата мајка да го објавува целиот мој живот на Фејсбук?“.

Таа ги моли останатите корисници за совет како да ја заштити својата приватност и како да ѝ објасни на мајка си дека се чувствува повредено?

„Од кога сум родена мојата мајка го објавува буквално секое парче од мојот живот на Фејсбук. Секоја детска слика, секој „прв момент“, секој успех и неуспех. Ако се скараме, бара совет на Фејсбук…Имам чувство како воопшто да немам приватност. Јас сум нејзино дете, не сум нејзино домашно милениче и така сакам да ме третира. Како да ѝ објаснам колку повредено се чувствувам?“.

Освен ова девојчето напоменало и дека оди во „middle school“ што значи дека е во своите тинејџерски години.

Помеѓу одговорите има уште неколку објави во кои корисниците зборуваат дека тоа им се случувало и ним, на нивните роднини и пријатели. Најдобриот совет кој го добила е да ѝ го каже сето тоа што го напишала на мајка си, а ако и тоа не успее, тогаш и самата на својот Фејсбук профил да почне да објавува фотографии од својата мајка.

А еве што мислат некои од децата на возраст помеѓу 15 и 17 години со кои зборувавме на оваа тема, но со оглед на тоа што се малолетни, нивните имиња се измислени.

Кате: „Моите ретко ставаат мои слики и за среќа, на Фејсбук нема слики од мене како бебе. Но имам пример од мојата тетка која секогаш става фотографии од своите деца и заради тоа моите братучетки ја избришаа од социјалните мрежи. Еден ден само ѝ го зедоа телефонот и ѝ ги избришаа сите профили што ги имаше. Им беше чудно и непријатно тоа што целиот свет може да ги гледа нивните „срамни“ фотографии.

Игор: „Мене не ме објавуваа баш многу, освен за родендени или некои такви ситуации. Но тие дури неодамна направија свои профили па веројатно затоа. Сигурно да ги имаа порано, ќе имаше и многу повеќе слики“.

Сања: „Моите тетки, мајка ми, татко ми, сите имаат Инстаграм и сите постојано ме тагираат на фотографиите. Го мразам тоа. Ако погледнете кај нив, можете да најдете мои фотографии од мојата петта година. Изгледам ужасно. Колку и да ги терам да ги тргнат не постигнувам ништо. Мајка ми вели дека е горда на мене па затоа става мои фотографии, не сака да разбере дека мене тоа ужасно ми пречи“.

Ивана: „Јас и мајка ми секогаш прво заедно ги прегледуваме фотографиите кои таа сака да ги објави и внимаваме секогаш да сум убаво излезена. Јас и самата често ставам мои фотографии, а особено кога ќе купам нешто ново. Мојот сон е да станам инфлуенсерка па не гледам зошто би ме нервирало тоа“.

Марија: „Татко ми нема Фејсбук ниту Инстаграм затоа што мисли дека е тоа глупо, но затоа мајка ми има. Таа не објавува често мои фотографии, но генерално се срама од фотографиите и постовите што ги објавува па се обидов да ја блокирам, но потоа долго време имавме проблем и таа не можеше да сфати зошто сум го направила тоа. Според неа, нема ништо срамно во тоа што го објавува бидејќи, како што велил сите нејзини пријателки и колешки го прават истото“.

Коста: „Јас не објавувам мои фотографии и воопшто не сум премногу на социјалните мрежи, освен на месинџер кадешто комуницирам со другарите и се договарам за излегување. Немам објави на фејсбук, а и моите не претеруваат, но сепак има некои мои фотографии на нивните социјални мрежи кои би сакал никогаш да не ги објавеа“.

Фото: Pexels

[better-ads type='banner' banner='999' ]