Борам има два Јутјуб канали на кои става свои содржини – канал посветен на играчки со 13,6 и видео блог со 17,6 милиони следбеници, пренесува Си-Ен-Ен.
Во еден од своите најпопуларни клипови кој привлекол повеќе од 376 милиони прегледи, Борам направила нудли користејќи играчка – пластична кујна и потоа истите ентузијастички ги „исркала“ пред камера.
Меѓутоа, дел од нејзините објави предизвикале критики во Јужна Кореја поради вредностите кои ги промовира, па некои се пожалиле на невладината организација „Save the Children“, стравувајќи дека некои нејзини клипови би можеле негативно да влијаат на малолетниците.
Од организацијата „Save the Children“ пријавиле некои од видео-снимките во полиција загрижени за нејзината безбедност. Имено, во една од објавите Борам краде пари од паричникот на родителите, а во друга вози автомобил, додека во трета се преправа дека се пораѓа.
Од организацијата поднеле тужба во 2017. година тврдејќи дека родителите на Борам остварувале финансиска добивка такашто го терале деттео да прави работи кои можат да ѝ нанесат ментална болка и дистрибуирале видео-содржина која може да биде вознемирувачка за јавноста и може негативно да влијае врз малолетните гледачи.
Судот пресудил родителите на Борам да се упатат на обука и во советувалиште за родители кои злоупотребуваат деца.
Инаку, Борам неодамна купила недвижнини во елитното предградие на Сеул во вредност од 8 милиони долари.
Загриженоста на јавноста поради родителите кои ги користат своите деца и заработуваат од видео-снимките што ги објавуваат на Јутјуб е сѐ поголема бидејќи случајот на шестгодишната Борам не е единствен. Веќе имало случаи кога родителите биле обвинети за занемарување, а на брачна двојка од Мериленд дури им е одземено старателството, а каналот изгаснат.
Во официјалното соопштение од „Јутјуб“ стои дека се неприфатливи содржини кои ги загрозуваат децата.
„Работевме заедно со стручњаци кои се занимаваат со безбедноста на децата за да бидеме сигурни дека носиме правилни одлуки и дека доследно ги применуваме. Ги отстрануваме сите канали кои не се придржуваат кон нашите Услови за давање на услуги“, тврдат од оваа компанија.
Според Форбсовата листа, меѓу децата ѕвезди на Јутјуб минатата година најмногу заработил седумгодишниот Ријан Каџи, со заработка од 22 милиони долари благодарение на својот канал и следбениците, кои ги има 20,8 милиони.
Фото: maxresdefault