Во текст за Deutsche Welle Амели Рихтер пишува за неколку случаи на семејно насилство во кои децата се насилници, нивните родители – жртви.
Мартина повеќе не сака да го види тој СМС, но едноставно не може да го избрише затоа што, конечно, ѝ го испратил нејзиниот син. Иако е преполн со пцовки и закани.
„Кога го читам, истовремено ме облеваат и студенило и топлина“, вели 50.годишната жена од западна Германија. Ниту таа, ниту кој било друг во овие семејни драми не сака да ѝ се објави вистинското име: премногу се срамат.
Сцена што не се заборава
Нејзиниот син сега живее во поправен дом откако ја нападнал сопствената мајка со палка за безбол. Но ниту од домот не ја остава на мир.
Медиумите се полни со написи за родителите кои ги злоуотребуваат своите деца. Но едвај да има написи за деца кои психички и физички ги злоупотребуваат родителите и тоа далеку пред да станат полнолетни. Стручњаците проценуваат дека во околу 10 до 16 проценти од семејствата децата ги малтретираат своите родители. Понекогаш, само одвреме навреме, понекогаш редовно.
И тука не станува збор само за деца во пубертет кои се ианет и се спротивставуваат на сѐ што ќе им се каже, туку и за постари деца.
Како тргна сѐ погрешно
Тешко е да се каже вистинска бројка зато што многу родители се срамат било кому да му кажат што се случува. А истовремено мислат и дека се единствени на целиот свет кои ги мачи тој проблем. Затоа е реткост, но и исклучително добро тоа што Мартина е подготвена јавно да зборува за тоа – па макар и под измислено име.
Со нејзиниот син имало и претходно проблеми. Бегал од училиште, почнал да експериментира и со дроги. Уште со 16 години години барал и дома да се следат правилата кои тој ги поставувал. На ѕидот од дневната соба висат фотографии од семејството од одмор и од венчавката на една од четирите постари ќерки – со нив никогаш немало проблеми. Затоа и мајката секогаш одново се прашувала – што направила погрешно со нејзиниот син.
Дури од третиот обид „чукнала на вратата“ од канцеларијата за грижа за деца и млади. Како што вели мајката, тоа не била голема помош. Ѝ советувале дека ако наутро не сака да стане за на училиште, да му истури чаша вода врз лицето. Или да го „пушти“, да не му дава да јаде, да не му дава пари и конечно, да го исфрли од дома.
„Па како да го направам тоа? Тој е сѐ уште мое дете“, вели Мартина. Врвот се случил една вечер кога синот дошол дома под влијание на некоја дрога, мајката нема поим каква. Дома бил и службеник од канцеларијата за грижа за деца и млади, но кога видел дека со синот таа вечер нема да може воопшто да се разговара, си отишол. На мајката Мартина и на таткото тоа никако не можел да им го прости: нему му порачал да цркне и од некаде извлекол палка за безбол со која тргнал накај мајка му.
Никогаш не се виновни само родителите
„Не знам од каде му е тоа воопшто“, вели мајката. Но и таткото застанал пред синот такашто сѐ се завршило со уште многу пцовки и закани, а синот си заминал од дома. Ден подоцна го уапсила полицијата, бидејќи сега веќе станувало збор за конкретно казнено дело, закана со ладно оружје. Од тогаш повеќе не го видела, само понекогаш дбива СМС пораки. Полни со закани и навреди.
„Можеби сум потфрлила кај него“, вели мајката додека со мака ги задржува солзите.
„Сите други се добро воспитани. Но кај него…Немам поим што сум направила погрешно“.
„Обајцата потфрливме“, ја теши сопругот.
Психијатарот за деца и за млади Вилхелм Ротхаус тврди: „Родителите никогаш не се единствен и едностран проблем за своите деца. Но можно е да создаваат неповолни околности за нивниот развој“, вели стручњакот кој го водел одделот на детска психијатрија во Фирзен.
Германија има драстични закони за заштита на децата и малолетниците. Никому во оваа земја не му е паметен потег ако го потчукне по задникот детето дури и ако тоа прави глупости. Имено, голема е можноста некој од минувачите да повика полиција. Затоа и овој психијатар бил затекнат со големиот број случаи на малтретирање на родители.
Има многу повеќе случаи отколку што е познато. Но и меѓународните проценки говорат дека во околу 10 отсто од семејствата доаѓа до такви однесувања“, вели Ротхаус.
На стотици илјади случаи
Ако се земе предвид дека во оваа земја има околу 8 милиони семејства со малолетни деца, тогаш можеби има на стотици илјади такви случаи. Кај богатите и сиромашните, образованите и необразованите… Стручњаците исто така тврдат дека до 14 години кон насилство се склони и момчиња и девојчиња, а потоа се сепак повеќе момчиња.
„Посебно добро се сеќвам на една мајка која ми кажа за својата ќерка дека не е убаво тоа што понекогаш крева рака на неа, но дека е ‘навистина ужасно со каков презир се однесува кон мене“.
Насилноста на децата е често изненадување и за родителите и за децата зашто на тој начин се кршат постоечките норми во семејството. Но тоа особено се случува во семејствата кадешто и самите родители имаат некои слабости – психички или физички, и тоа тогаш води до пресврт во хиерархијата.
„Детето станува шеф во семејството“, вели психијатарот и додава дека е тоа всушност премногу одговорност и задача и за самото дете.
„Но таа улога е премногу привлечна такашто не се откажуваат лесно“.
Била немоќна пред него.
Од друга страна се момчињата како што е Тобиас. Тоа е измислено име за 14.годишникот кој сега седи во својата соба во куќата за живот под посебно старателство на истокот на Германија. Собата е средена многу скромно: еден син кревет и едно црвено плакарче до него. И маса на која е фотографијата на Тобиас со мајка му и помладата сестра.
„Постојано се каравме, полудев и ѝ реков дека повеќе немам волја постојано да го слушам она што ми го зборува. Ѝ реков дека нема повеќе да ми наредува“, вели Тобиас. Тврди дека никогаш не ја тепал, но ѝ се заканувал. „Мојата мајка беше немоќна пред мене“.
Од почеток на годината живее во дом со млади со слична судбина. Нивните приказни звучат речиси идентично: лошо друштво, дрога, немале волја за ништо, проблеми и со полицијата. Марсел има 13 години и се степал со новото момче на својата мајка која го одгледувала сама. Сега и тој живее во овој дом кадешто владеат строги правила, речиси како во војска. Училиштето и учењето се тука риоритет и главна обврска. Ако ја извршуваат, тогаш во слободното време можат да излезат во градината, да отидат на риболов или да гледаат филм.
Што било погрешно во нивните семејства? Премалку правила?
„Па морам да кажам дека правев многу глупости за кои никогаш не бев казнет“, признава Тобиас.
Педагогот кој го следи нивниот развој објаснува дека не е лесно да се најде вистински одговор на тоа прашање како и дека не станува збор за тоа дали тие деца во родителскиот дом имале премногу или премалку правила.
„Нивното однесување често не било намерно насилство, туку попрво чин на очај“. Има ли надеж?
Ако се видат солзите на мајките, речиси е апсурдно она што и психијатарот Ротхаус ни го објаснува дека се и децата по правило еднакво несреќни – и Тобиас има слика од својата мајка на масата.
„На пример, имав едно девојче кое постојано ми зборуваше дека е несреќна затоа што се кара со мајка ѝ и дека би сакала тоа да смени. Меѓутоа, кога родителите дошле на заедничка терапија, за час сите „се врартиле во своите ровови“ и ќерката веднаш продолжила со навредувањето и понижувањето на родителите“.
Што да се прави тогаш? Психијатарот единствено може да им советува на родителите дека не помага многу да „голтаат“ сѐ што им се рави и да се надеваат дека детето ќе се „опамети“. После одредена мерка, важен прв чекор е секако да се побара стручна помош. Инаку судирот попрво ќе ескалира отколку што ќе се смири.
„Кога успеваат да ги натераат родителите да посетат советувалиште и потоа ќе каѓат дека „мораат да се постават граници“, дури тогаш почнува да се развива однос“.
Така е и кај Мартина. Сѐ уште рони солзи кога ќе се сети на својот син, но тој е во поправен дом и ѝ испраќа СМС-и. Засега сѐ уште со закани и со пцовки, но и нему мора да му биде јасно дека не оди така.
Фото: Unsplash