На девет месеци детето кое на само 4 месеци било одвоено од својот татко на американската граница и поминало пет месеци во згрижувачко семејство во Мичиген, е вратено кај родителите и браќата, но не препознало никого. Наводно, врескало и плачело по целиот пат од романскиот аеродром до дома, а го скршило одвојувањето од згрижувачката мајка. На возраст од 18 месеци Константин сѐ уште не може самостојно да оди ниту да зборува.
„Апсолутно ништо не зборува“, изјавила неговата мајка за Тајмс.
Константин е најмладото дете кое минатата година било одвоено од родителите на американско-мексиканската граница и неговиот случај е важен за разбирање на штетата која им се нанесува на децата на мигрантите кои се одвојуваат од своите родители, како и за тоа колку е тешкото нивното опоравување еднаш кога повторно ќе бидат вратени во семејствата.
Стручњаците за развој и психологија во раното детство повеќе од една година ја набљудувале кризата на границата, особено на мигрантските семејства кои властите ги раздвоиле и малите деца затворени во објекти без соодветна хигиена, храна или возрасни.
Како што велат, постојат бројни непознати фактори заради кои е невозможно точно да се утврди што се случува во умот на детето. Бројни елементи можат да влијаат на состојбата на Константин, како прашањето дали доживеал некаква траума пред одвојувањето, каква грижа имал во згрижувачкото семејство и дали имал некакви развојни и здравствени проблеми.
„Најголема траума доживеал кога повторно се сретнал со биолошките родители, не кога е одвоен од нив“, смета Кетрин Л.Хамфрис која проучува психологија и ран развој на детето.
До тој момент Константин првите четири месеци ги поминал со родената мајка, а пет со згрижувачката. Во периодот кога бил вратен во Романија, веројатно почнал да создава силна поврзаност со жената која го згрижила, објаснува Хамфрис.
Инсајдер пишува дека е невозможно да се каже колку бебето кое е старо 4 месеци разбира или сфаќа, но генерално ги забележува промените во своето опкружување и луѓето околу себе. Малку подоцна почнуваат да поврзуваат одредени луѓе со чувството на безбедност.
Хамфрис вели дека опоравувањето за децата како Константин е можно, особено кога се сместени кај соодветен згрижувач пред навршена година дена.
„Иако Константин веројатно ќе порасне без посебно сеќавање на одвојувањето и повторното обединување со семејството кои ги доживеал, сѐ уште може да чувствува необјаснива анксиозност или немир поради настани на кои не може да се сети“, додава.
Жанет Шапиро, деканка на Школото за социјална работа и друштвени истражувања, вели дека е загрижена за децата кои се наоѓаат во ужасните услови во бегалските кампови, посебно оние малите кои не можат да ја сфатат ситуацијата.
„Тие деца можат да развијат „тригери“ кои ќе ги потсетат на искуството иако можеби нема да имаат специфично сеќавање на него. Последиците од траумата која ја доживеало ова бебе ќе бидат засекогаш присутни во неговиот живот“, заклучила Шапиро.