Гордана Гарбин ја запознавме во нејзиниот ресторан „Портофино“ во Сплит, поточно, во Диоклецијановата палата. Оваа прекрасна русокоса жена која зборува далматински, поточно, сплитски, како да е родена таму, исто така и вешто се префрла на македонски, со симпатичен неготински дијалект.
Гордана е родена во Неготино, во земјоделско семејство кое, разбирливо за овој регион, одгледува грозје и произведува ракија и вино. Иако нејзините родители, вели Горде, се повозрасни луѓе, никој жив не може да ги задржи кај неа во Сплит подолго од две недели, зашто наместо да уживаат на море или на базен покрај луксузен хотел, обично знаат да ѝ кажат: доста беше, имаме работа, си одиме дома.
А Горде, кога станува збор за работа и посветеност, не е далеку од своите родители. Таа е целосно посветена на семејниот ресторан кој одлучиле да го отворат со сопругот пред две години. Во меѓувреме, од вкупно 470 ресторани во Сплит, нивниот („Портофино“) е постојано меѓу првите 10 на Трип адвајзор.
И токму Горде требало да дојде од Македонија за да им отвори во Диоклецијановата палата ресторан на кој ќе бидат горди сите, а најмногу сопствениците на просторот во кој е сместен ресторанот, а тоа е Лекарската комора на Сплит.
Обично ова ѝ го вели претседателката на Лекарската комора која е пресреќна што нивниот простор е сега место во кое се чека во ред за да се седне на ручек или на вечера, благодарение на тоа што Горде направила од него убав, светол и гостопримлив простор за разлика од претходниот.
А таа во овој бизнис влегла сосема случајно. Додека студирала на Правниот факултет во Скопје, решила преку лето да оди во Грција и да заработи некој денар, тука ја засакала гастрономијата и иако го завршила Правниот факултет, никогаш не работела во таа струка, животот ѝ отишол во сосема друга насока.
„Работев во ресторан со 6 ѕвезди во Грција и токму тука ја засакав гастрономијата. Тоа беше пред 15 години кога отидов да поработам по завршувањето на студентската година. Во 2005.година заминав на крузер бидејќи тоа беше добра шанса да се прошетам низ светот и секако, да заработам. Работев за компанијата „Ројал Карибиан“ и планирав да поработам 2-3 сезони, а останав цели девет. Причина за ова беше мојот сопруг Денис Гарбин, со кој се запознавме на патувањето со еден од бродовите на компанијата во 2006.година. Бидејќи компанијата има 30 бродови, откако се вљубивме и почнавме врска, компанијата почна да не одредува да работиме на ист брод. Работевме заедно 2-3 години, а потоа, после вкупно 9 години поминати на брод, јас се вкотвив тука, во Сплит и сега, веќе две години сум преокупирана со работата во ресторанот.
Мојот сопруг сѐ уште работи во истата компанија и за жал нема да го запознаете затоа што пред неколку дена повторно замина на брод. Тој е шеф-инженер, одговорен за механиката, моторите, горивата, а неговата позиција е на ист ранг како и таа на капетан на брод. Роден е во Сплит, а неговите родители кои се исто така, родени сплиќани, по потекло се од островот Шолта. Неговата мајка починала одамна, а татко му има 82 години, живее во Сплит и редовно се слушаме и се гледаме. Сопругот има и брат кој се занимава со туризам, односно, има брод за крстарење по Јадран и во лето е ангажиран со работа, па овој период само се слушаме, а се гледаме повеќе во зима. Јас пак имам брат кој веќе 7-8 години живее во Шведска со сопругата и две мали деца и тие пред неколку недели беа кај мене во Сплит. Имам и постара сестра која живее близу до нашите родители, а нејзиниот син Атанас е во Сплит и сезонава работи во нашиот ресторан. Здравје, го спремаме и него за на брод“, раскажува Горде.
Македонски ора на свадбата во Сплит
Кога Горде и Денис одлучиле да се земат, нејзините родители не само што не се изненадиле туку веројатно, вели таа, „им олесна што се мажам толку блиску со оглед на тоа што патував толку далеку“.
Се зеле во 2012.година, а свадбата ја направиле во Сплит, во Радисон Блу хотел.
„Свадбата беше во Радисон Блу ресорт, на плажа, а имав гости и од Македонија, пријатели и поблиски роднини и сите беа сместени во хотелот. За сите приготвив и едно изненадување, односно, се зачленив во македонското друштво во Сплит и преку нив организирав на свадбата да дојдат околу 14-15 луѓе облечени во македонски народни носии кои играа ора, свиреа гајди, труби и тапани. Беше многу убаво и сите заиграа на македонското оро“, се потсетува Горде пребарувајќи по компјутерот за да ни покаже некоја фотографија од свадбата.
Нејзините родители многу си го сакаат зетот, поточно, како што вели Горде, го обожаваат, а исто и тој нив, па така, кога се кај нив, а таа има некакви обврски во Сплит, тој знае и сам да си остане кај нив подолг период.
Инаку, одат во Македонија еднаш до двапати годишно, а годинава планираат да останат дури и два месеци во текот на зимскиот период.
Мајчинство, готвење, навики, секојдневје
Гордана го родила синчето Бруно на 37 години, па ја прашавме за тоа кои тестови се кај нив задолжителни кога станува збор за прворотка на оваа возраст.
„Кога жената има повеќе од 35 години, постојат задолжителни тестови, амнио тестови и јас ги правев сите, но инаку немав никаков проблем, бев многу активна и подвижна до крајот. Иако две години пред Бруно јас веќе не одев да работам на брод, а не работев ниту две години потоа, не значи дека ништо не работев. Напротив, тогаш работев буквално сѐ друго. На пример, во тој период научив да правам шалша по рецепт од Брач и оттогаш морам секогаш да ја имам во фрижидер. Начинот на кој се приготвува е сличен на начинот на кој ние го правиме ајварот, многу време треба да се меша, барем 2-3 часа и треба многу трпение. Слично е на маринара сос и јас секогаш кога ќе направам шалша си замрзнувам за да ја имаме секогаш при рака.
Често јадеме и риба и месо, но омилено јадење ни се шницли во сафт, оние од младо телешко. Никогаш не пржиме, па затоа кога сум во Скопје веднаш добивам по 3-5 килограми плус. Ние во Македонија многу мислиме на храна, таман сме појадувале, веднаш почнува да се зборува за ручекот.
Тука се договараме за јадење еднаш на ден, за главниот оброк околу 16-17 часот. Наутро каснуваме нешто малку, навечер повторно нешто малку, евентуално, со чаша вино ќе штипнеме по малку сирење или пршут, но, не си го поставуваме дома ние тоа прашање „што ќе јадеме сега“ три пати на ден, како што тоа го прават моите дома, во Неготино. Во Сплит јадеме главно далматинска кујна која е дефинитивно полесна од нашата македонска, но правиме и гравче тавче и за себе и за пријателите, а се разбира, тука е секогаш и ајварот од мама“, се смее таа.
За мајчинството и за тоа како изгледа истото кога се живее во овој град, вели:
„Иако многу мајки не работат, децата одат во градинка, а најдобра мајка е онаа која е задоволна сама со себе. Не е целта да се седи со детето 4-5 години, или да го чуваат баба и дедо, и да има кој, во Сплит се инсистира детето да оди во градинка, да се социјализира со своја генерација. Тука во Сплит ретко ќе видите баба и дедо да чуваат внуче. Што се однесува до мајчинството, јас не можев да им се начудам и секогаш се смеев со моите пријателки од Сплит кои кога ќе одевме заедно да ги шетаме децата додека беа уште малечки и ги возевме во колички, среде бел ден ќе се појавеа на вртоглави потпетици и комплетно дотерани и нашминкани. И такви стокмени, мртви ладни си ги туркаа количките со децата и се шетаа по рива. Но тоа е тука така, сите жени се дотерани и максимално се грижат за себе“.
Сите деца одат во градинка, па тешко е да се најде место
„Во Сплит е многу тешко да се најде место во градинка, бидејќи има премногу деца и, како што реков, не е вообичаено децата да ги чуваат баба и дедо па е тешко да се дојде до место во државните, но и во приватните градинки.
И во едните и во другите се внимава на исхраната на децата па така, секогаш во 10 часот децата добиваат овошје, во 12 имаат супа и главно јадење, а еднаш неделно, задолжително, имаат риба, и во приватните и во државните градинки.
Што се однесува до вакцините, тие се исто така задолжителни па оние чии деца не примиле вакцина, не можат да одат во државна градинка, но сега постои т.н. Обрт за чување деца, кадешто е двојно поскапо, и кадешто примаат и деца кои не се вакцинирани. Тие, за разлика од другите градинки работат нон-стоп. Во 7 и во 8 месец во градинките има многу малку деца, па на тие што одат им е здодевно, а градинката на Бруно во 8 месец и воопшто не работи, па морав да го запишав овие два месеци, јули и август, да оди во Обрт.
Мојата мајка доаѓа тука на две недели, задолжително за неговиот роденден, но повеќе тој знае да ја измори неа, отколку што таа ќе го чува.
Бруно следниот месец ќе полни пет години, а за две ќе почне да оди на училиште, па со него повеќе зборуваме на сплитски, но со баба и дедо си зборува македонски, а често кај нив останува и сам па си комуницираат одлично. На пример, пред 1 месец отидовме сите кај моите во Македонија, јас останав 3 дена, а тие двајца, маж ми и синчето, една недела. Секој годишен одмор мора да се оди во Македонија и нам, а особено на маж ми, тоа ни е најубавиот одмор“, ја завршува својата приказна Гордана која во меѓувреме ни ја дава и фотографијата на која се Денис и Бруно и со гордост вели: „Еве, ова се моите двајца мажи“.