Речиси пет децении Џуди и Џери Грифин им ја прераскажуваат на семејството и пријателите својата неверојатна приказна за тоа како се запознале на Вудсток и како нивната љубов од тогаш трае со ист интензитет. Единствената лоша работа во сето тоа била тоа што немаат физички доказ дека биле заедно на славниот фестивал – сѐ до неодамна.
Џуди го запознала Џери на 15.август 1969. година – првиот ден од култниот фестивал Вудсток – кога автомобилот ѝ се расипал на њујоршкиот мост Tappan Zee околу 150 километри од Бетел кадешто се одржувале концертите. Бидејќи не доаѓало предвид да го пропуштат фестивалот, таа и нејзините другарки одлучиле да стопираат. Така се случила судбоносната средба.
„Никогаш претходно не сум стопирала, го подигнав палецот и видов дека доаѓа автомобил во кој имаше уште една девојка, па помислив дека е безбедно“, објаснува Џуди (71).
Во тој момент, Џери кој бил во автомобилот со пријателите, веднаш знаел дека му се насмевнала среќата.
„Помислив „Океј, ова е прилично необично – прибравме неверојатно слатка девојка, одиме на Вудсток, јас имам шатор, таа нема“, се потсетува Џери (72) низ насмевка.
Тоа прво возење на задното седиште од автомобилот на пријателот на Џери прераснало во педесетгодишно брачно патување, но она што е чудно е дека дури неодамна ја виделе својата фотографија од младоста која била направена на Вудсток.
Бидејќи оваа година се одбележаа 50 години од почетокот на Вудсток, на интернет се појавија бројни фоторафии и снимки од овој култен настан, а меѓу нив и фотографијата на Џуди и Џери која се нашла во трејлерот за филмот „Вудсток“ – три дена кои дефинираа една генерација“.
Тие двајца денеска имаат двајца синови и пет внучиња.
Текстот и фотографијата се од ТУКА.