Во 22-та недела од бременоста бебето тежи околу 400 грама и долго е околу 28 сантиметри и е со големина на папаја. Неговите бели дробови се развиваат, а сега има лојни жлезди и неговата кожа е помалку проѕирна. Прстите на рацете се целосно формирани и продолжуваат да растат. Ако носите момче, неговите тестиси почнуваат да се спуштаат во скротумот. Мозокот започнува да расте многу брзо и ќе продолжи да расте до петтата година од животот. Вашето бебе сега почнува да изгледа како минијатурно новороденче – усните, очните капаци и веѓите стануваат сè поизразени, а се формираат и очи на кои им недостасува пигмент. Кожата е покриена со ситни влакненца и полна со брчки што ќе се пополнат со масти. Неговите бели дробови се развиваат многу брзо и почнуваат да произведуваат протеин сурфактант кој ќе му помогне на бебето да дише самостојно откако ќе се роди.
Како што расте вашиот стомак, така расте и бројот на луѓе кои сакаат да го допрат, па понекогаш може да се чувствувате како вашиот стомак да станал магнет за туѓи раце. Ако не се чувствувате пријатно додека некој ви го допира стомакот, во ред е да ѝ кажете на таа личност да не го прави тоа.
Како што расте вашето бебе, а со тоа и стомакот, можеби ќе забележите стрии на него. Овие пругави линии се предизвикани од наглото растегнување на кожата и нивната боја може да се движи од розова до темнокафеава, во зависност од природната боја на вашата кожа. Освен на стомакот, тие најчесто се појавуваат на задникот, бутовите, колковите и градите. Иако кремите и маслата не можат да спречат формирање на стрии, добро е да се хидрира кожата, по можност со некое природно масло, барем за да се спречи непријатното чешање.
Исто така, во овој период од бременоста може да имате вртоглавица кога станувате. Тоа е уште еден феномен во бременоста и се јавува поради пад на крвниот притисок. Исто така, ќе уживате во некои придобивки од бременоста – посилна и сјајна коса и поцврсти нокти. Сепак, може да забележите и зголемен раст на влакненцата, но држете се до кубење и бричење бидејќи хемикалиите можат да бидат опасни.
Ако забележите крвавење, силна главоболка, ненадеен оток на рацете и лицето, стомачна болка или ако ви се појави постојано повраќање или дијареја, консултирајте се со вашиот лекар бидејќи овие симптоми можат да сигнализираат потенцијално опасна состојба. Сосема е нормално прстите да отечат малку за време на бременоста, па ако прстенот почне да ве стиска, извадете го додека сè уште можете. Можеби страдате од несоница, затоа пронајдете нешто што ќе ве успие.
Фото: Unsplash