„Не сакам да имам деца, тоа е мој избор, моите пријателки се претворија во само мајки. Јас едноставно не сакам да направам нешто само за да се вклопам во општествениот шаблон“, е изјавата на една Белграѓанка која живее и работи во Вашингтон и која деновиве предизвика бура од негативни коментари на социјалните мрежи и во српските медиуми.
Самиот факт дека една жена не сака да биде мајка предизвикува многу полемики и, без оглед на причините, ваквите избори честопати се осудувани.
Во нашето претежно патријархално општество е нормално и очекувано жените да сакаат деца, семејство и брак, додека мажите генерално не го доживуваат тоа на тој начин.
За еден маж е прифатлив фактот дека тој дотуркал со златните години неженет и без деца и кога некој маж ќе изјави дека не сака брак и деца не е толку чуден колку чудна жена што се осмелува да каже такво нешто.
Поради големиот број на луѓе што ги осудуваат овие жени поради нивната одлука да немаат дете, тие навистина може да се чувствува прилично непријатно. Постојат многу предрасуди поврзани со полот и една од нив е дека нешто не е во ред со жената која не сака семејство и деца.
Ако и самите сте се прашувале како е можно да има жени што не сакаат деца и што стои зад ваквиот став и зад нивните животни планови, овој напис ќе одговори на некои од овие прашања.
Прво, би сакале да истакнеме дека е во ред и нормално ако некој не сака деца. Секој го избира својот начин на живот и исто како што не се сомневаме како е можно некој да живее идеално на оддалечен остров во екстремна изолација, а некој друг во центарот на (преполн) град, така ниту ова не треба да ни предизвикува лоши реакции.
Секој од нас е индивидуа за себе и се разликува од друг поединец на безброј начини. Она што често сакаме да мислиме е дека нашиот начин е поправилен и понормален од другите – но тоа навистина не е така. Секој од нас има свој поглед на светот што зависи од нашите карактерни црти, од воспитувањето, влијанието на значајни фигури од детството, искуствата низ кои сме поминале … Ниту едно гледиште не е „виновно“, туку специфично и формирано од таа личност. Кога некој има погледи за животот сличен на нашиот, ние имаме тенденција да ја одобруваме таа личност и да ја сакаме повеќе отколку личност која е различна од нас. И во ред е што некој повеќе ни се допаѓа или повеќе ни се допаѓа поради тие ставови кои се слични на нашите, но не е во ред ако осудуваме некој кој е различен од нас.
Ако сонуваме целиот свој живот за големо семејство со многу деца и ги разбираме жените кои го посветиле својот живот на децата, во исто време не треба да им судиме на оние кои не го гледаат својот живот на тој начин. Постои причина зошто некој одбрал еден животен пат, а некој друг – друг пат.
Секој што има дете – било да е тоа едно или повеќе – знае дека покрај многу радост и убави моменти, тоа носи и многу непроспиени ноќи, жртви, време…
Кога станува збор за жените, постои одредена стагнација во работата, барем во она минимално време што е потребно за жената да се породи и да се опорави по породувањето. Повеќето мајки не се подготвени да започнат со работа наскоро по породувањето и на бебето природно му треба некој што е со него 24 часа на ден. Обврските и одговорностите кон детето се големи и не секој е подготвен да го промени својот живот заради детето.
Дали е тоа себично? Не е. Тоа е добро познавање на себеси, на своите капацитети, приоритети и желби. Би било себично да имаме дете и да не се грижиме за него затоа што не сме подготвени да ги менуваме нашите животи поради тоа суштество. Но, да се одлучи дека таквиот живот не е за нас, не е воопшто себично.
Другите не се наши копии
И колку и да ни е тешко да разбереме нечии погледи на светот, имајте на ум дека другите луѓе не се наши копии и дека е во ред тие да размислуваат поинаку. Во ред е жената да сака да ужива во животот, да патува, да гради кариера, да живее без обврски и да поминува време без деца. Тоа е нејзиниот поглед кон животот. Нема смисла да ги убедувате дека децата се извор на радост затоа што тие можат да бидат извор на радост за вас – но за неа можеби не се. Барем не долгорочно.
Одбивање на блискост
Понекогаш, покрај автентичната желба за живот без деца, постои подлабока причина за тоа зошто жената не сака дете. Може да станува збор за забрана за блискост, а без блискост нема начин да се создаде семеен живот со дете.
Што е забрана на блискост? Забраната на блискост може да се манифестира на начин на кој жената постојано избира погрешни партнери и по раскинувањето со нив потврдува одредено верување: на пр. „Сите мажи се исти“, „Не можеш да се потпреш на ниту еден маж“, „Сите ќе те остават“, итн.
Иако се чини дека ѝ се случуваат такви работи, факт е дека постои причина зошто избираме личност која ќе не повреди / изневери / остави. Особено ако станува збор за шема што се повторува често. Некако секогаш се случува на оваа жена да не ѝ се допаднат оние добрите, да не ѝ се привлечни или едноставно дури и да не ги забележува. Не е дека нема добри мажи, таа само не ги наоѓа.
Во позадина може да стои забрана за блискост што се развила во детството поради ситуациите што ги доживеала оваа жена со нејзините родители и родителските фигури.
Можеби ги гледала мајка ѝ и татко ѝ како живеат во несреќен брак, па некаде таа потсвесно донела одлука дека е подобро да се биде сама (а потоа тоа го правиш во зрелоста влегувајќи во врска со несоодветни мажи која ти го потврдува тоа); можеби нејзините родители не реагирале на нејзините потреби, па таа длабоко несвесно решила дека никој нема да реагира и дека е подобро тогаш да не се зближува со другите … Којзнае.
Но, со забраната за блискост, тешко е да се посака дете. Забраните што ги имаат луѓето главно не се свесни и можно е да се откријат на психотерапија. Но, без освестување и психотерапија, ќе го проживее животот во согласност со својата забрана.
Траумата и одредени искуства што се врежани во меморијата на жената можат да влијаат на нејзината животна одлука да не сака дете. Стравот дека нешто ќе му се случи на детето, стравот од породување и потоа фактот дека нешто може да се случи со неа и/или со детето при породувањето, понекогаш може да биде посилен од желбата. Многу жени ги имаат тие стравови, но кога тој страв е на ниво на фобија и кога е толку силен што надминува сè друго, тогаш не е доволно да „стиснеш заби“ и да се справиш со тоа.
Понекогаш трауматските искуства од минатото се такви што жената навистина не сака да ризикува и е во ред со одлуката да не се роди дете. Од нејзината референтна рамка, оваа опција не е можна. И, таа треба да се почитува ако не сака да работи на тоа.
Постојат многу причини зошто некој не сака да има дете и верувам дека со овој текст не се опфатени сите, затоа што тоа е невозможно. Но, целта е да размислиме двапати пред да ја осудиме „кариеристката“ која не сака дете. Постои причина што таа не сака и на крајот станува збор за животот на таа жена, а не за вашиот.
Ако верувате дека имате право да го живеете животот како што сакате, да изберете работа што ви се допаѓа, партнер што ве привлекува, фотелја што ви е пријатна – тогаш зошто да таа жена да нема право да си го организира животот како што мисли дека најдобро ќе ѝ одговара?
Фото: Pexels