Дваесетидвегодишното момче кое првпат го видовме на еден квир настан минатото лето кадешто на комичен начин ја раскажа приказната за својата општествена ненормативност, која излегува од рамките на прифатливиот општествен код, во разговорот за Мајка и дете, покажа дека неговиот и проблемот на сите трансродови лица во Македонија е далеку од смешен, а и нему не му е баш секогаш до смеење.
За да биде работата уште полоша, ова момче е од внатрешноста на Македонија кадешто веројатно и средината е многу понетолерантна кон сите кои се поинакви и морално неприфатливи за заедницата.
За себе вели дека при раѓањето му е ‘припишан’ женски пол, но дека тој самиот се чувствува, се идентификува и живее како маж.
„Откако знам за себе се чувствувам така, како машко. Тоа е нешто што го знам отсекогаш. Првпат за поимот ‘транс’ слушнав некаде на мои 12 години, додека гледав документарец за транс дечко од Велика Британија, на Дискавери. Кога го слушав како го објаснува својот идентитет и своите чувства, сфатив дека се поклопуваат со моите, и дека и јас сум исто така ‘транс’.
Најпрвин тоа ме плашеше заради тоа што мислев дека и на челото ми пишува дека сум транс и дека сите околу мене знаат за тоа. Но, подоцна како што сѐ повеќе читав, истражував, се едуцирав, се слушав себеси, сѐ повеќе се прифаќав и станував покомотен со мојот идентитет, кој на голема жалост сѐ уште е табу кај нас“, вели тој.
За своите први искуства, непријатности, смешни или тажни случки вели дека ниту сака да зборува, ниту пак може да одвои конкретни ситуации заради тоа што целиот тој процес е составен од мали, вообичаени, секојдневни случувања кои индиректно и полека влијале врз него.
„Само би напоменал дека поради стравот од неприфаќање секогаш се потпирав на самиот себе и никогаш не се зближував премногу со други луѓе“, вели тој.
Инаку, тоа што кај нас сѐ уште нема регулатива за правно признавање на род, или со други зборови, не може да се промени секс маркерот во личните документи, за него е проблем кој повлекува низа други проблеми и за најсекојдневни ситуации.
„Сѐ што налага личен документ претставува непријатност (полиција, банка, болница, образовни институции, социјални институции, гранични премини, итн.), бидејќи документите не се поклопуваат, а на разбирање или информираност во нашето општество нема да наидете, напротив ќе бидете во ситуација кадешто сте приморани да се аутирате и објаснувате за вашиот идентитет и приватност на тотални странци, и во поголемиот дел од ситуациите ќе наидете на предрасуди и дискриминација“, вели нашиот соговорник кој е сѐ уште студент, но и активист и се залага за правата на трансродовите луѓе и генерално, за луѓето од останатите маргинализирани заедници.
Тој напоменув дека јас и покрај својот транс идентитет, како и секој млад човек во државата, тој се соочува со истите проблеми и има сличнии интереси.
„Сакам да се забавувам, да уживам во животот и да си обезбедам ситуации кои ме исполнуваат и ме прават среќен“, вели ова момче кое веќе пет месеци е на хормонска терапија.
„Планирам да ги направам сите оперативни зафати со тек на време, но не си ставам притисок или рок, туку оставам да ме водат ситуациите.
Стрејт сум (се чувствувам како маж и сакам жени) и досега сум имал најразлични партнерки, сум бил и со стрејт жени, и со бисексуалки, но сум бил и со транс жени. Не можам да кажам за најлошо и најубаво искуство, заради тоа што тоа е премногу субјективно и деликатно за да се дискутира или да се издвои конкретна врска. Со сите сум имал и убави и не толку убави моменти. Со секоја сум наишол на разбирање и прифаќање и никогаш мојот идентитет не бил причина за прекин на таа врска, напротив секогаш станувало збор за нешто тотално друго и неповрзано со тоа што сум транс. Освен во една врска, кога ситуациите што ги носи мојот идентитет (како промена на документи, реакција од околина и сл.) придонеле за раскинување, и еве тоа би го издвоил како негативно искуство, кое сепак ми направи уште повеќе да се прифатам себеси и да не отстапувам простор во мојот живот за луѓе кои не можат да се справат со мојот идентитет, ниту да им придавам внимание. На крајот од денот, секое искуство е добро затоа што учиме од истото“, вели тој.
Од семејството и од оние кои знаат за неговата ситуација вели дека е прифатен од дел од нив и ја има нивната поддршка, од дел не е прифатен во целост, а дел од нив кои делумно знаат го игнорираат фактот дека е транс.
Иако, како што вели, трпи огромна неправда од системот и институциите, не би ја тужел државата.
„Процесот е долг и макотрпен, и исходот не верувам дека ќе биде позитивен (дури и ако го добијам судскиот спор, пак нема да можам да ги сменам документите). Јас сум баш таков каков што сум создаден и го живеам своето себство во целост. Роден сум како трансродов човек и не се срамам да ја живеам својата вистина и да живеам како таков. Тоа чувство е баш посилно од сѐ. Со оглед на тоа што животот во Македонија за транс луѓето е прилично тежок од повеќе аспекти, ниту еден човек не би одбрал сам да биде трансродов, ако може да одбере да биде и да живее со полот што му е припишан при раѓањето.
Ситуациите, средината, проблемите со семејството, институциите, системот, па и транзицијата и оперативните зафати се доволни за ниту еден човек да не одбере да чекори по тој пат ако трансродовоста беше избор“, порачува нашиот соговорник кој иако имаше јавен настап на квир настан, преферираше да остане анонимен.
Фото: Pexels