Елена Лука е една од најпознатите модни креаторки во земјата, чија инспирација во креирањето ја прави посебна секоја жена што го носи нејзиниот бренд. Таа е мајка на 12-годишниот Лука.
Вашата модна куќа го носи вашето име Елена со името на вашиот син Лука, што доволно зборува кој е центарот на вашиот свет.
– Да, честопати ме прашуваат за инспирацијата за името на модната куќа – одговорот е едноставен: нераскинливата релација со мојот син. Неговото име заедно со моето, даде печат на мојата професионална определба и остана врежано во кругот на домашната модна индустрија. Емотивната позадина на името на брендот му дава дополнителна суштина, а мене лично, пред се, како мајка, а потоа и како сопственик на брендот – неизмерно ми значи.
Многупати порано сте кажале дека имате грижа на совест, лична бoлка во однос на Лука, затоа што редовно ви недостасува време за него, иако бесконечно можете да трошите време со него. Дали сега наоѓате повеќе време за синот, имајќи предвид дека вашите ангажмани постојано се интензивираат?
– Списокот на ангажмани и професионални обврски е бесконечен, па ако сами не направите место за слободно време со најблиските, тогаш никој друг нема. Секогаш се трудам да го организирам времето така што ќе успеам да одговорам и на професионалните обврски, а при тоа да не трпи приватното време со мојот син. Морам да признаам дека воопшто не е едноставно да балансирате, секогаш некој дел трпи, многу често тоа е и времето за себе. Но, родителската обврска многу често значи и несебично посветување на приоритетите на детето. И никогаш не жалам за тоа. Неговата среќа и исполнетост ја надополнуваат секоја празнина, ја олеснуваат секоја тешкотија и ми ја враќаат животната енергија.
Вашиот син е веќе 12-годишник, значи е на чекор до пубертет. Знаејќи во каков период ќе згазне наскоро, се подготвувате ли заедно за тоа?
– Секако еден од „најкомплицираните“ периоди во развојот на личноста е онаа транзиција од дете во возрасен и тука одговорноста на родителот е исклучителна во насочувањето на своето дете. Поучена од личното искуство, кога јас сум била во тој животен период, свесна сум со што ќе се соочува и внимавам на некој начин Лука да се подготви за тие слатки „маки“ што го очекуваат и се сосема природни. Немаме никаков проблем да разговараме на различни теми, Лука е љубопитно дете и не се ограничува да праша за она што го интересира, а јас се трудам на поимлив начин да му ги објаснам нештата. Иако не се споредува времето кога јас сум била дете со она детство на денешните деца, сепак некои природни животни текови не го менуваат својот правец, па може да се повикам на личното искуство и да му го пренесам на мојот син.
На какви вредности ве научиле вашите родители и на какви вредности вие го учите својот син?
– Семејните морални лекции се основата на вредносниот систем на секоја личност. Семејството е првото и основно ниво на воспитување, култура, учење на есенцијални етички принципи и е апсолутно најзначајниот сегмент во дефинирањето на една здрава личност. Им благодарам на моите родители што ми овозможиле да ги научам тие основни животни лекции и што биле мои учители за многу животни прашања, па сега можам тоа да му го пренесам и на моето дете. Човечност, емпатија, продуховеност, несебичност, трудољубивост – сите овие вредности го прават човекот подобра личност.
А, се обидувате ли и вие нешто да научите од своето дете?
– Учиме обострано, апсолутно. Имам чувство како денешните деца многу побрзо „растат“ во свет во кој информациите им се достапни од секоја страна, технологијата несомнено има голем удел во тоа, а Лука е голем фан на технологијата, дури има и свој канал на Јутјуб каде секојдневно со другарите споделуваат содржини соодветни за нивната возраст. А јас се забавувам со нив. Но, децата истовремено се и најискрените личности кои директно или индиректно секогаш ти ја кажуваат вистината. Ние возрасните треба да учиме од детската искреност, и подобра лекција од тоа нема.
Што е она што сметате дека мора да му се всади на едно дете уште од рана возраст, за да се развива во личност која без големи потреси ќе може да се снајде во животот!
– Не треба да ги лажеме децата дека светот е розев. Уште од најмала возраст, на соодветен начин треба да им објасниме дека животот е обоен во многу бои помеѓу црната и белата. Колку порано им се објасни тоа, толку полесно ќе се соочуваат со животните искушенија што ќе им следуваат.
Дали сте либерален или пак, строг родител, кој го наметнува својот авторитет врз детето?
– Ако се трудите на дете да му наметнете авторитет, мислам дека тоа би било контрапродуктивно. Секогаш се обидувам да го најдам балансот и да ги проценам ситуациите. Според тоа и реагирам. Ниту една крајност не е продуктивна. Од друга страна, ако претерано го разгалувате детето и му ја исполнувате секоја желба, тогаш му ја скратувате можноста да научи сам да се избори за нештата што ги сака. Затоа, балансот во воспитувањето на детето е многу значаен и според тоа се водам и јас при воспитувањето на мојот син.
Што би ги советувале мајките, идни и сегашни, во поглед на најглавната улога во животот на жената?
– Мајката е најблагородната улога на жената и треба да уживаме во секој миг со нашите деца, зашто суштината на животот е во нив. Секако е значајно да се реализираме и на професионален, интелектуален, емотивен план, но се е комплетно тогаш кога твоето дете е живо, здраво, добро воспитано и те прави суштински среќна.
Разговараше: Кристина Апостолова