Ќе се гушкаме или не?

Додека порано ги учевме децата да подадат рака и да се поздрават, како и да се изгушкаат со најблиските роднини, пријатели и другарчиња, сега е сѐ обратно. Колку подалеку од сите, толку побезбедно! Ама...нели ви недостасува гушкањето?

0
162

Цел живот не учеа на едно – подади ја раката, поздрави се, биди културен, гушни го другарчето, гушни ја тетката, чичко ти, братучед ти,…

Така и ние ги учевме нашите деца. Но социјалната и физичката дистанца изминативе месеци оставија траги врз сè, па и врз начинот на комуникација меѓу луѓето. Дали периодов ви дошло да подадете рака, а ве потсетиле дека во новиов живот тоа не е веќе дел од бонтонот? Напротив, дека ќе излезете некултурни.

Па така сега секоја нова средба, наместо со спонтана прегратка или барем подавање рака, почнува со ширење на рацете оддалеку и прашање: Ќе се гушкаме или подобро не? И потоа, зависно од блискоста со тој со кој се среќавате, зависно од околностите, или прегратката ќе си остане само имитација на прегратка онака од далечина или ќе биде вистинска, со малку ‘шубе’ во главата, требаше ли или не требаше. Или ви доаѓаат гости, се разбира, се седи на тераса, на отворено, а никој не подава рака, влегуваат покрај вас речиси странично, да се избегне секаков можен допир. И тоа е новата реалност на која полека се навикнаа повеќето луѓе, а особено оние кои поради секојдневните обврски секој ден излегуваа од дома. А замислете како им е на децата кои мораат да се навикнат на оваа нова реалност.

Според психолозите, социјалната дистанца го забавува нивниот природен развој бидејќи ограничувањето на нивното секојдневје само во кругот на најблиските членови на семејството ги збунува и на крајот може да ја измени и сета иднина на човештвото. Имено, децата ќе се навикнат на новите правила и кога условите ќе се сменат и гушкањето и поздравувањето повторно ќе смеат да бидат нормални, тие сосема ќе заборават на нив. Можете ли да замислите каква ќе биде таа иднина?

Токму затоа и одењето во градинка и во училиште е тема на која толку многу се дискутира. И не само поради образовниот процес кој се одвива во нив, многу повеќе поради останатите придобивки, поради дружбата, одговорноста, комуникацијата во живо. Па макар и на дистанца. Иако, повторното отварање на градинките и училиштата може да биде многу стресно и напнато, особено за децата во чиј дом постојано се чувствува напнатост, страв и вознемиреност, постојано се следат вестите за новозаболените и починатите и сето тоа се пренесува врз нив, а тие го манифестираат истото по враќањето во градинка или во училишните клупи, кадешто веќе го нема сето она што до вчера беше синоним за љубов, топлина и блискост.

А денес, секој е опасност за секого. Вкоренетите начини на однесување не прават да се чувствуваме глупаво ако не се поздравиме, а исто така се чувствуваме и ако се поздравиме, па веднаш го вадиме шишенцето со алкохол од чантата и ги дезинфицираме рацете. Или пак, ако сме го заборавиле ова ново реквизитче кое во женските чанти го замени карминот (чуму ни е сега кармин кога имаме маска), тогаш трчаме до најблиското кафуле и се фаќаме за средството за дезинфекција кое сега редовно си стои веднаш до вазничките со цвеќе.

Не е пријатно чувството да ве гледаат како потенцијална закана за останатите, а веројатно сите ние се чувствуваме по малку така. Некои од нас толку се навикнаа на седењето дома, што или сосема забораваат на новиот свет па забораваат и на новиот бонтон кој не вклучува блискости и допири со други луѓе, или пак, сме претерано претпазливи па целиот надворешен свет го гледаме како опасност. Во првиот случај, ги шокираме луѓето обидувајќи се да им влетаме во прегратка, но наместо на прегратка наидуваме на гард од кој потоа се чувствуваме лошо и засрамено, а во вториот, бегаме од другата страна на улицата за да им мафнеме на познаниниците оддалеку, од најбезбедна дистанца – онаа од 3 метри.

Оваа состојба на пандемија, односно на социјална и физичка изолираност, се одрази на сите. Претпазливоста која подразбира избегнување на донеодамна вообичаениот контакт, физички допир со рака, со прегратка или со бакнеж, можеби ќе не заштити од коронавирусот, ама не и од последиците врз менталното здравје.

А што е најстрашно, не можеме ни да побегнеме некаде далеку кадешто е сѐ како порано. Затоа што никаде не е како порано. И зависи од карактерот на човекот, ова за некого може да биде утеха, а друг да го дотепа.

Сепак, да го сфатиме како утеха.

Кажете ни што ви недостасува вам најмногу денес?

[better-ads type='banner' banner='999' ]