Родителите кои како воспитен метод ја користат заканата дека ќе си одат, ќе го остават детето и нема да се вратат, треба да имаат предвид дека исполнето со стравот дека родителите можат да го напуштат, детето не само што изгледа плашливо и несигурно, туку може да изрази и „неразумен“ гнев, може да почне да ги одбива галењето и љубовта по која копнее. Подоцна би можело да започне да измачува животни, да ги тепа другите деца, да привлекува внимание и да ја проверува љубовта со непослушност, да краде пари за купување мастики и чоколади за да добие љубов од другата страна, итн.
„Па што ако се заканам дека ќе го оставам, претпоставувам дека ќе види дека сум тука и дека не сум заминала“, одговорила една млада мајка кога ја предупредиле да не постапува вака. И тогаш една вечер добила болки во стомакот и веднаш била пренесена во болница и имала операција на слепо црево. Нејзиниот тригодишен син започнал да ја бара веднаш штом ги отворил очите. Првите неколку дена плачел, исплашен, повремено викал на глас: „ќе бидам добар, нека си дојде“. Потоа почнал да прави штети дома, удирајќи го секој што ќе му пријде за да го погали, да одбива храна. Објаснувањето дека мама е во болница и дека наскоро ќе се врати не помогнало. И тогаш, на изненадување на сите, кога мајката се вратила дома, тој не сакал да ја погледне ниту да ѝ пријде, а неговото однесување се влошувало. Почнал да се лути, да се тркала на подот, да вреска без причина или ако некоја од неговите желби не биде веднаш исполнета. Исплашените родители побарале помош од докторот. Мајката побарала детето да остане во болница на лекување, не сфаќајќи дека тоа ќе го загрози уште повеќе затоа што нејзините закани за напуштање ќе бидат реализирани уште еднаш.
Таа, како и безброј други родители кои на тој начин му се закануваат на детето за да постигнат моментална послушност, секако не помислиле ниту на момент да го напуштат своето дете. Но, ненадејна болест (и може да беше ненадејно службено патување или нешто друго), ги претвора стравовите на детето во реалност. Последиците била такви што на мајката и на детето им требала помош од детски психијатар.
Кога воспитуваат дете и се обидуваат да го научат да се однесува убаво и да ги слуша, родителите никогаш не треба да прибегнуваат кон овие, за детето, страшни закани – дека нема да го сакаат или дека ќе го остават.
Олга Хаџи Антоновиќ, од книгата: „Мало дете – голема загатка“
Текстот е од ТУКА.
Фото: Freepik