Учениците седат со торбите на клупите, со нетрпение чекаат да си одат дома по уште еден долг училишен ден. Тие трпеливо слушаат додека нивниот учител им пренесува неколку објави за утрешниот распоред на часови. Потоа, како и секој ден, доаѓаат последните зборови на наставникот: „Во ред, луѓе, денешниот распоред за чистење изгледа вака: Првиот и вториот ред ја чистат училницата. Третиот и четвртиот ред, ходникот и скалите. Петтиот ред ги чисти тоалетите “.
Повеќето посетители кои се првпат во Јапонија се воодушевени од тоа колку е чиста земјата. И тогаш забележуваат дека никаде нема канти за отпадоци. Нема дури ни чистачи на улиците. И само се прашуваат: Како Јапонија останува толку чиста?
Одговорот е дека таква ја одржуваат нејзините жители.
„За време на дванаесетте години на училишен живот, од основно до средно училиште, времето за чистење е најнормален дел од секојдневните училишни обврски“, вели Маико Аване, владин службеник во префектурата Хирошима.
„Дури и дома, родителите не учат дека е лошо за нас ако не ги одржуваме работите и просторот чисти“.
Вклучувањето на овој елемент на општествена одговорност во училишната програма им помага на децата да ја развиваат свеста за сопственото опкружување и да бидат горди на него.
„Понекогаш не сакав да го чистам училиштето“, се сеќава Чика Хајаши, слободна преведувачка.
„Но, прифатив затоа што тоа беше составен дел од нашата рутина“.
„Мислам дека обврската за чистење на училиштето е многу добра затоа што учиме дека е важно да преземеме одговорност за чистење на работите и местата што ги користиме“.
По пристигнувањето во училиштето, учениците ги оставаат чевлите во плакарите и ги облекуваат патиките.
Дома луѓето исто така ги оставаат уличните обувки на влезот.
Дури и мајсторите кои ви доаѓаат дома ќе ги соблечат чевлите и ќе ви шетаат по чорапи.
И, како што растат децата на училишна возраст, нивното сфаќање на она што го сочинува нивниот простор се проширува надвор од училницата на нивното соседство, град и земја.
Некои примери на екстремна јапонска чистота станаа вирални, како што е седумминутниот ритуал на чистење на возот Шинкансен, кој стана туристичка атракција сам по себе.
Дури и јапонските фудбалски навивачи се совесни за чистотата.
На Светските првенства во Бразил (2014) и Русија (2018), навивачите на репрезентацијата го воодушевија светот кога останаа по натпреварот за да го соберат ѓубрето од стадионот.
Фудбалерите исто така ги оставија шкафовите во беспрекорна состојба.
Тревата е позелена… и почиста
„Каков пример за сите екипи!“, објави на Твитер генералната координаторка на ФИФА, Присила Џенсенс.
„Ние Јапонците сме многу чувствителни на својата репутација во оќите на другите“, вели Маико Аване. „Не сакаме другите да мислат дека сме лоши луѓе кои немаат доволно образование или воспитување за да исчистиме зад себе“.
Слични работи се случуваат и на јапонските музички фестивали.
На фестивалот „Фуџи Рок“, најголемиот и најстариот музички фестивал во Јапонија, посетителите со себе го носат сопственото ѓубре сè додека не најдат место кадешто ќе го остават.
На пушачите им се советува да си донесат портабл пепелници и „да се воздржат од пушење таму кадешто чадот би можел да ги вознемири другите“, според упатствата на веб-страницата на фестивалот.
Колку е ова различно од фестивалот Вудсток од 1969 година, каде изведувачите настапуваа во бесконечно море од ѓубре.
Примери за социјална одговорност постојат во изобилство и во секојдневниот живот.
На пример, околу осум наутро, канцелариските работници и персоналот во продавниците ги чистат улиците секаде околу работното место.
Невидливата нечистотија е исто така важна
Децата доброволно се пријавуваат за месечно чистење на заедницата, собирајќи го ѓубрето од улиците во близина на нивното училиште.
Населбите исто така организираат редовно чистење на улиците. Не дека има многу за чистење, затоа што луѓето веќе си го однеле своето ѓубре дома.
Невидливата нечистотија – бактерии и вирусите – се уште една причина за загриженост.
Кога луѓето ќе настинат или ќе фатат грип, тие носат хируршки маски за да го избегнат инфицирањето на другите.
Овој едноставен чин на грижа за другите го намалува ширењето на вирусот и затоа носи голема заштеда кога станува збор за изгубени работни денови и медицински трошоци.
Векови на уредност
Тогаш, како Јапонците станале толку самосвесни кога станува збор за уредноста?
Тоа сигурно не е нешто ново, како што открил Вилијам Адамс, кој се закотвил во Јапонија во 1600 година, станувајќи така првиот Англичанец кој стапнла на тлото на оваа земја.
Во биографијата на Адамс, Самурај Вилијам, писателот Џајлс Милтон забележува дека „племството било совесно чисто“ и уживало во „беспрекорно одржуваните одводи и тоалети“, како и во сауните од миризливо дрво во време кога улиците во Англија биле „преплавени со измет“.
Јапонците биле „запрепастени“ од европското запоставување на личната хигиена.
Здравствени опасности
Оваа преокупација произлегла делумно од практични причини.
Во топло, влажно опкружување како што е Јапонија, храната брзо се расипува, бактериите цветаат, а светот на инсекти е обилен.
И така добрата хигиена значи добро здравје.
Но, тоа оди подлабоко од тоа.
Чистотата е централен дел на будизмот, религија која стигнала од Кина и Кореја помеѓу 6 и 8 век.
Освен тоа, во Зен верзијата на будизмот, која пристигнала во Јапонија од Кина во XII и XIII век, дневните должности, како што се чистењето и готвењето, се сметаат за духовни вежби, кои не се разликуваат од медитацијата.
„Во Зен, сите активности на секојдневниот живот, вклучувајќи го и јадењето и подготовката на оброците и чистењето на просторот, мора да се сметаат за можност за практикување на будизмот“, вели Ерико Кувагаки од храмот Шиншоџи во Фукујама.
„Миењето на нечистотијата, и физички и духовно, игра важна улога во секојдневниот живот“.
Тогаш, зошто сите будистички земји не се толку опсесивно чисти како Јапонија?
Па, многу долго пред да пристигне будизмот, Јапонија веќе ја имаше својата домашна религија – Шинто (што значи „Пат на боговите“).
Ритуали за прочистување
Акцентот на будизмот врз чистотата само го зајакна она што Јапонија долго време го применуваше.
Клучен концепт во шинто е кегаре (нечистотија), спротивно на чистотата.
Примерите за кегаре варираат од смрт и болест до буквално сè што е непријатно.
Честите ритуали за прочистување се неопходни за да се држи кегаре на оддалеченост.
„Ако некое лице го задеси кегаре, тоа исто така може да го погоди и општеството како целина“, објаснува Нориаки Икеда, помошник свештеник во храмот Канда во Хирошима.
„И затоа е клучно да се одржи чистотата. Тоа ве прочистува и ви помага да избегнете нанесување штета на општеството. Ова ја прави Јапонија многу чиста земја “.
Оваа загриженост е разбирлива во случај на, на пример, заразни болести.
Но, тоа исто така е присутно на повеќе нивоа, како што е собирање на ѓубрето зад себе.
Постојат многу примери за ритуално прочистување во секојдневниот живот.
Пред да влезат во Шинто храм, верниците ги мијат рацете и устата во камениот мијалник на влезот.
Многу Јапонци ги носат новите автомобили во храмот за да ги прочисти свештеник, кој користи стапче-налик на она за собирање пајажини со кое мафта околу автомобилот.
Потоа ги отвора вратата, хаубата и гепекот за да ја прочисти и внатрешноста на автомобилот. Свештеникот, исто така, ги прочистува луѓето со тоа што мавта со стапчето над нив.
Тој дури ќе го искористи и за да ја прочисти земјата на која треба да започнат нови градежни работи.
Ако живеете во Јапонија, наскоро ќе почнете да се прилагодувате на тој чист животен стил.
Лекции
Престанувате да го дувате носот во јавност, користете течен сапун за муштерии во продавниците и канцелариите и едноставно научувате да го сортирате ѓубрето од домаќинството во десет различни категории за да го подобрите рециклирањето.
И, како и Вил Адамс и неговата измачена екипа од 1600, забележувате дека вашиот квалитет на живот полека се подобрува.
А потоа, кога ќе се вратите во сопствената татковина, шокирани сте од варварите кои ви кашлаат директно во лицето или ви влегуваат дома и ви газат со валкани чевли. Незамисливо во Јапонија.
Но, надежта сè уште не е изгубена. На крајот на краиштата, требаше време и за Покемоните, сушито и телефоните со фотоапарати да го освојат светот.
Фото: Pixabey