Што треба да направите за правилен развој на говорот на вашето дете?

Добро развиена орална моторна праксија е дел од условите за правилен изговор на гласовите, а неа можете да ја стимулирате преку најразлични игри со вашето дете

0
519

Оралната праксија претставува волна мускулна активност на говорниот апарат (усни, јазик, образи, меко непце, тврдо непце и вилица). За правилен развој на говорот, важно е со мускулите на лицето, устата и јазикот да се изведат различни движења. Добро развиена орална моторна праксија е дел од условите за правилен изговор на гласовите.

Созревањето на оралната праксија го следи физиолошкиот развој на детето. Оралната праксија ги опфаќа: координацијата на движењата, мускулниот тонус, мускулната сила, движењето на мускулите, брзината на движењето, способност за независни движења (на пример, движење на јазикот без да се придвижи долната вилица).

Оралната праксија се стимулира на најразлични начини. Следуваат неколку активности:

1. На детето да му се даде да џвака потврда храна.

2. Детето нека дува балончиња од сапуница.

3. Давајте му на детето да пие со цевка.

4. Вежбајте со детето дишење преку нос, па дишење преку уста.

5. Вежбајте дишење преку нос, а издишување преку уста и обратно.

6. Детето нека изведува движење на долната вилица лево и десно.

7. Детето нека ги надува двата образи истовремено, па потоа и наизменично, едниот па другиот.

8. Детето нека го подига врвот на јазикот кон горното непце.

9. Детето нека ја гризе долната усна со забите од горната вилица и обратно.

10. Детето нека се смее такашто ќе му се гледаат забите, а потоа без да се гледаат забите и така наизменично.

Бидете креативни и на детето давајте му најразлични активности слични на наведените.

Исто така, оралната праксија кај детето можете да ја стимулирате преку најразлични игри. На пример:

Земете едно мало топче од памук, кое детето со помош на цевка ќе го дува по подлогата, може и да се натпреварувате кој подалеку ќе го дувне топчето.

Поставете чаша на масата, односно залепете ја на работ од масата, дајте му топчиња од памук на детето, кои исто така ќе ги дува со помош на цевка, такашто чашата ќе биде кошот во кој треба да ги дувне топчињата. Вежбите кои ја подобруват оралната праксија може да се изведуваат пред огледало и сѐ тоа преку игра.

Елена Трајческа дипл. Специјален едукатор и рехабилитатор, Интеракција Плус, Скопје

Фото: Pexels

[better-ads type='banner' banner='999' ]