Живееме во свет на десничари. Каде и да сме, на улица, во парк, на работа или во фитнес центар, ние сме опкружени со десничари. Ретко гледаме лице кое пишува со левата рака или фрла топка со неа, го зема алатот. Обично сме воодушевени од неговата вештина и си продолжуваме по нашиот пат.
Дури кога во нашето семејство или помеѓу блиските пријатели, ќе пристигне некој левак, се прашуваме како се случило тоа. Зошто ја користи левата рака почесто и повешто од десната? Дали тој сам го избра тоа или не може поинаку? Дали станува збор за наследна особина, желба или можеби за болест?
Повеќето научници сметаат дека наследството игра голема улога, но тие не го занемаруваат влијанието на околината, како и нервните и моторните нарушувања.
Леворакоста не може да се воочи веднаш по раѓањето, бидејќи се развива постепено со развојот на волни движења.
Поради тоа, родителите не можат веднаш да знаат дали е детето левак или деснак. Само кога детето ќе наполни три години може со сигурност да се тврди дека често ја користи левата рака. Но, ако ги користи двете раце подеднакво, тогаш и кај постаро дете е тешко или скоро невозможно да се утврди дали е левак.
Родителите мора да бидат внимателни кога дете под една година ја користи само едната рака, без разлика дали е тоа левата или десната. Ваквото однесување најчесто е предизвикано од повреда на моторниот центар на половината од мозокот, на спротивната страна од раката која помалку ја користи.
Ова значи дека ако моторниот центар на левата половина на мозокот е оштетен, детето најмногу ќе ја користи левата рака.
Ако оштетувањето е помало, мозокот може да го надмине сам, без лечење. Тоа е исто така и најсреќен исход, бидејќи детето нема поголеми последици. Но, и покрај тоа што ваквото дете е навидум потполно здраво, тоа е сепак честопати понесмасно и потрапаво од неговите врсници.
Вистинскиот проблем е кога оштетувањето на мозокот е големо. Тогаш може да има церебрална парализа и поголема или помала одземеност на едната страна на телото. Притоа, се одзема спротивната страна на телото од онаа кадешто е повредата во мозокот. Оваа болест не се лекува, затоа е можно само да се подобри квалитетот на животот на детето и да се намали попреченоста.
Децата со лева рака се покреативни
Други истражувања покажале дека децата леваци се покреативни отколку деснаците. Причината е, наводно тоа што леваците почесто ги користат говорните центри во двете мозочни половини, а тоа ја поттикнува креативноста.
Иако мислењата се поделени, бројките покажуваат дека помеѓу уметниците има 20 проценти повеќе леваци отколку што е тоа вообичаено.
Прашање е само како да се открие дали тоа е затоа што леваците се посклони кон уметноста или затоа што на уметноста ѝ погодува преовладувачката употреба на левата рака?
Но, еден факт е сигурен – леваците се повеќе склони кон случајни повреди. Најверојатно затоа што светот им е прилагоден на деснаците.
Склоноста кон случајни повреди е толку голема што некои истражувачи сметаат дека тоа е една од причините за поголема смртност кај леваците. Затоа, велат тие, кај постарите од 80 години можат да се најдат само еден процент леваци.
Фото: Pexels