Латерализацијата се одвива постепено во корелација со созревањето на централниот нервен систем и со искуството кое детето го стекнува со перцепција на сѐ околу себе, со помош на кинестезија, проучување на она што го гледа и со помош на манипулативни активности. Со текот на развојот детето воочува дека еден екстремитет му е водечки односно доминантен, и дека има и сетило кое му е доминантно.
Кај помалите деца кај кои сѐ уште не е развиена свеста за поделеноста на телото на десна и лева страна, кои немаат откриено дека едната рака или нога им е доминантна и дека со неа можат побрзо и попрецизно да ги изведуваат активностит, се јавува употреба на двете раце или нозе истовремено додека детето извршува некоја активност ( на пример, кога треба да шутне топка, или кога треба да бои). Тоа е нормално за деца под тригодишна возраст. Кај деца кои навршиле три години па сѐ до четвртата година, се јавува доминантна страна и детето започнува почесто да ја користи.
По четвртата година детето не би требало да ги користи истовремено двете страни додека прави нешто. Во оваа возраст детето додека прави нешто, на пример, додека бои тоа ја користи доминантната рака, а со субдоминантната рака си помага. И на тој начин додека детето ја употребува доминантната рака, ја стимулира и доминантната хемисфера на мозокот. Дете кое има доминантна десна рака, кај него е доминантна левата хемисфера на мозокот и обратно. После четвртата година ако детето сѐ уште ја нема усвоено латерализацијата и ги користи двете страни истовремено кога изведува некоја задача, треба да се побара помош од стручно лице.
За да се открие која е доминантна страна кај детето, стручните лица прават неколку проценки и тестови. Но не мора да значи дека, ако детето пишува со десна рака дека таа му е доминантна. За да се одреди латерализацијата кај детето е потребно да се опсервираат неколку работи, како на пример, со која рака поздравува, со која рака јаде, сече, мие заби, се чешла, држи и зема предмет, со која нога шутира топка, со која нога подобро скока, итн.
Доколку во најголем број од ситуациите детето ја користи десната страна тогаш таа му е доминантна и обратно.
Што се случува со децата на кои им се „наметнува“ доминантна страна?
По шестата година децата веќе знаат да одредат лева и десна страна кај себе, кај другите и во просторот во кој се наоѓаат. Многу често родителите или наставниците несвесно им наметнуваат на децата да ги изведуваат задачите со страната која е доминантна за тој што им ги дава тие задачи, доста често се „наметнува“ употребата на десната рака и нога. Овој пристап е погрешен затоа што може да го збуни мозокот на детето кој по природа примал моторни дразби од друга страна.
А тоа пак може да се одрази со непрецизно и погрешно изведување на задачите и нарушена латерализација. Сѐ ова најчесто влијае врз академските вештини кај детето, па така децата со слаба латерализација имаат потешкотии во пишувањето, читањето, следењето на ред, снаоѓањето во просторот, изведувањето на физички вежби, итн.
Елена Трајческа дипл. специјален едукатор и рехабилитатор, Интеракција Плус, Скопје
Фото: Pixabey