Што се случува кога децата имаат дисфункција на одреден сензорен систем?

На пример, децата со аутистичен спектар и тешка интелектуална попреченост се смета дека најчесто имаат проблеми со сетилото за рамнотежа. Се случува тие да одат без одредена цел, удирајќи се од предметите околу нив.

0
298
Сензорниот систем го претставува начинот на кој телото ги обработува и одговара на разни дразби кои доаѓаат до нас од средината. Имаме неколку сензорни системи и тоа: визуелен, аудитивен, олфакторен, густативен, тактилен, вестибуларен и проприоцептивен систем.
1. Визуелниот систем е задолжен за обработка на сензорните стимулации кои доаѓаат до нас преку сетилото за вид. Светлосните дразби се одбиваат од предметите па доаѓаат до нашите очи, поминуваат низ структурата на окото, потоа се пренесуваат преку очниот нерв до центарот за вид во кортексот на мозокот. Потоа таа информација се обработува во мозокот и на тој начин го идентификуваме она што го гледаме.
Децата кај кои има дисфункција на визуелниот систем може да имаат проблеми со јако светло, ако има премногу бои на еден предмет, но може да им е пријатно кога во просторијата е темно.
2. Аудитивниот систем е задолжен за начинот на обработка на сензорните стимулации кои доаѓаат преку сетилото за слух, тие стимулации се звуци од околината. Најпрво звукот доаѓа до увото, потоа се пренесува до центарот за слух во кортексот на мозокот каде што се обработува и на тој начин ние стануваме свесни за каков звук станува збор.
Децата кај кои има дисфункција на аудитивниот систем може да имаат проблеми со јаки звуци, бучава, високи тонови и други, при што тие деца на тоа реагираат со затворање на ушите.
3. Олфакторниот систем е задолжен за начинот на обработка на сензорните стимулации кои доаѓаат преку сетилото за мирис. Овие стимулации преку носот одат до центарот за мирис во мозокот, таму се обработуваат и на тој начин можеме да препознаеме дали мирисот што го чувствуваме е пријатен или не, слаб или јак.
Кај децата кои има дисфункција на олфакторниот систем се јавува пребирливост на храна, понекогаш се јавува и нагон за повраќање при одредени мириси. Најчесто пречувствителноста на сетилото за мирис е поврзана со сетилото за вкус.
4. Густативниот систем е задолжен за начинот на обработка на сензорните стимулации кои доаѓаат преку сетилото за вкус. Преку сетилото за вкус се испраќа стимулација до центарот за вкус во мозокот кадешто се обработува. Овие дразби вклучуваат текстура, вкус и температурата.
Дисфункцијата на овај систем доведува до пречувствителност која може да се јави на разни текстури, како на пример на сочно овошје и зеленчук како што е праска, лубеница и други. Или пак може детето да има потреба од дополнителна стимулација на сетилото за вкус па постојано да ги става играчките во уста иако според возраста не треба да го прави тоа.
5. Тактилниот систем е задолжен за начинот на обработка на стимулациите кои доаѓаат преку сетилото за допир, односно преку рецепторите на нашата кожа. Кога ќе допреме некој предмет преку нервниот систем се испраќа стимулација до центарот за допир во мозокот и на тој начин можеме да разликуваме облик, текстура, температура, притисок и др.
Дисфункцијата на овој систем може да доведе до пречувствителност која е доста честа појава, па може кај детето да се јави одбивност на различни текстури. На пример, детето може да е пречувствително на етикетата на облеката, може да поднесе само одреден материјал на облека или обувки.
6. Вестибуларниот систем е задолжен за рамнотежа и движење и се наоѓа во внатрешното уво. Како што се движиме, течноста во внатрешното уво се придвижува и на тој начин ни дава информации за положбата на телото во просторот. Децата со аутистичен спектар и тешка интелектуална попреченост се смета дека најчесто имаат проблеми со сетилото за рамнотежа. Па се случува да одат без одредена цел, удирајќи се од предметите кои се наоѓаат околу нив.
7. Проприоцептивниот систем е задолжен за сите информации кои доаѓаат од мускулите и зглобовите до мозокот. Притоа, добиваме информација за движењето кое го правиме и позицијата на телото. Со овој систем се проценува правецот, насоката и брзината на движење.
Децата кои имаат дисфункција на овај систем имаат потреба силно да ги стискаат предметите, реагираат на силни прегратки, се говори дека ‘немаат чувство колку се силни’.
Доколку детето има типичен развој, тоа преку разни искуства, било да се спонтани или организирани преку разни игри, ќе научи надворешните дразби да ги прима и обработува на правилен начин. Но доколку детето не е со типичен развој, потребно е да му се помогне, со внимателно испланирано изложување на сензорни активности кои преминуваат во сензорни искуства. На тој начин детето ќе научи како правилно да реагира на разни сензорни стимулации од околината.
Елена Трајческа дипл. Специјален едукатор и рехабилитатор, Интеракција Плус, Скопје
Фото: Pexels
[better-ads type='banner' banner='999' ]