Оваа недела главна тема во светските медиуми беше драматичниот говор на 16.годишната Грета Тунберг, на климатскиот Самит на ОН во Њујорк.
Тинејџерката која е активист против климатските промени во своето обраќање ги обвини светските лидери за нивната неактивност во борбата против глобалното затоплување: „Како се осмелувате? Очите на идните генерации се вперени во вас и доколку одлучите да нè изневерите, ние никогаш нема да ви простиме. Ова е погрешно. Не треба да стојам овде. Треба да се вратам во училиште, на другата страна од океанот. Ги украдовте моите соништа и моето детство со вашите празни зборови. А сепак, јас сум една од среќните. Луѓето страдаат. Луѓето умираат. Целиот екосистем се распаѓа. Ние сме на почетокот на масовно истребување. И сè за што можете да разговарате се пари и бајки за вечен економски раст. Како се осмелувате!“, рече Тунберг во емотивното обраќање.
Грета стана позната низ целиот свет на 15-годишна возраст откако минатата година секој петок бегаше од училиште за да протестира против климатските промени пред шведскиот парламент. Нејзиниот пример го следеа врсници низ целиот свет и така се создаде глобалното движење „Петоци за иднината“ (Fridays for Future).
Наскоро Грета беше прогласена за икона на активизмот и климатска воинка, која разговара рамо до рамо со водечките експерти, но во меѓувреме се појавија прашања и за тоа кој профитира од нејзиниот ангажман.
Поради нејзината емотивна реакција многумина се запрашаа дали е нормално толку млада личност да води толку големи битки и почна наголемо да се зборува за нејзината психичка состојба, за Аспергеровиот синдром, дијагноза која ѝ била поставена на 11.годишна возраст. Некои колумнисти, главно оние од десните медиуми како Мајкл Ноулес од Fox News, инаку омилена ТВ станица на Трамп, вели за Грета дека е ментално болно дете од Шведска кое го искористуваат родителите и меѓународната левица. Како што пишува Express, Fox News после таа изјава во рекорден рок се извиниле. Но тие не биле единствените. Колумнистот од Хералд Суна од Австралија, Ендрју Болт, пишувал за неа во текот на последните месеци дека е „чудна“, дека е „длабоко пореметена“, дека има многу ментални проблеми.
Професор д-р Владимир Трајковски од Институтот за дефектологија на Филозофскиот факултет при УКИМ и претседател на Македонското научно здружение за аутизам вели: „Не сум го анализирал досега случајот на Грета Тунберг но генерално, лицата со Аспергер можат убаво да резонираат и не можеме да им го одземеме правото да мислат и да ги соопштуваат своите ставови“.
Д-р Анте Багариќ, специјалист психијатар во Заводот за лекување на болести на зависности на Клиниката за психијатрија „Врапче“ во Загреб, пак, во својот статус на Фејсбук пишува: „Грета Тунберг одржа лут говор за климатските промени. Околу тоа во светот, а и кај нас се зборува многу. Се наведува дека Грета има одредени психички пречки и поради тоа не би требало да истапува. Погрешно. Лицата со психички пречки можат, знаат и треба јавно да зборуваат за сѐ.
Исто како што и лицата со мускулни проблеми треба и мораат да одат, да скокаат и да трчаат. Никого не треба, не сакаме и не смееме да го дисквалификуваме. Сепак, Грета не требаше да зборува вака за климатските промени. Таа има само 16 години и ваквиот настап е за неа големо емоционално оптоварување. Малку кој на оваа возраст може да издржи притисок. Климатските промени се толку комплексни и тешки (можеби најтешкиот проблем на денешниот свет), што децата не ги разбираат и не можат да предлагаат конструктивни решенија. Грета и сите други деца треба да си играат и да учат.
Децата не смеат да се користат за остварување на политички, финансиски или кои било други цели. Да го пуштиме цвеќето да цвета“.
Што треба да се знае за Аспергеровиот синдром?
Лицата со Аспергеров синдром се високофункционални и ако со нив се работи, и ако имаат поддршка постигнуваат резултати како и сите останати, зависно од своите предиспозиции.
Она што е симптоматично за Аспергеровиот синдром е необично или ексцентрично однесување, повторувачки обрасци на однесување, фиксација за одредени активности и професии, чувствителни се на звуци, мириси, вкусови или материјали.
Исто така, ги карактеризира исклучително конкретна употреба на говор или потешкотии при разбирањето на иронија или на шеги.
За своето доживување на светот и самата Тунберг рекла: „Имам посебен интерес. Многу е вообичаено луѓето со аутистичен спектар да имаат необични интереси. За лицата со мојот синдром е многу типично да го доживуваат работите црно или бело. Ми изгледа како да сме ние аутистите нормални додека остатокот од светот е чуден затоа што е необично тоа што зборуваат колку се страшни климатските промени, а продолжуваат да се однесуваат како и претходно. Ако емисијата на гасови мора да престане, тогаш мора да ги запреме. За мене е тоа црно-бела тема и нема сива зона кога станува збор за опстанокот“.
Селективен мутизам
Тунберг рекла дека првпат слушнала за климатските промени на возраст од 8 години, но не можела да разбере зошто се преземаат толку малку работи во врска со тоа. На 11 години дијагностицирана ѝ е депресија и престанала да зборува. Подоцна ѝ е дијагностициран Аспергеров синдром, опсесивно-компулсивно пореметување и селективен мутизам. Додала дека селективен мутизам значи дека зборувала само кога имала што да каже и дека „сега е еден од тие моменти“.
На нејзиниот татко не му се допаѓало тоа што отсуствува од часови, но вели дека тие како нејзини родители ја почитуваат нејзината потреба да ги изнесе своите ставови.
„Инаку би можела да седи дома и да биде несреќна“, рекол нејзиниот татко Сванте Тунберг. За да го намали јаглеродниот отисок на своето семејство, инсистирала да стане веганка и да се откаже од патување со авион.
Грета вели дека нејзините наставници во училиште се поделени околу нејзиниот активизам: „Како луѓе сметаат дека правам нешто добро, но како учители сметаат дека би требало да престанам. Мое мислење е дека се движиме со полна брзина кон катастрофата, а во оваа ситуација единствено разумно е да се биде неразумен“.
Во мај годинава, британската издавачка куќа Penguin, ја објавила книгата со говори на Грета „No One Is Too Small to Make a Difference“, а потоа и книгата „Нашата куќа во пламен“, која е потпишана од целото семејство Тунберг. Книгата е спој на семејната биографија и научни факти за околината. Заработката од книгата семејството планира да ја донира во добротворни цели.
Магазинот Тајм ја ставил Грета Тунберг на листата од 100 највлијателни личности на светот. Без оглед што нејзините критичари велат, таа ја крена јавноста на нозе и го актуелизираше проблемот со климатските промени.
Фото: Фејсбук