Од тоа што ни дозволуваат да поминуваме голем дел од денот надвор, со другарите, до возење велосипеди без кацига – постои долга листа на работи што ги правеа нашите родители и ние како деца, а ако би ги правеле денешните родители, веројатно би ги гледале со презир.
Списокот на работи што родителите треба да ги прават и оние што не треба да ги прават е бесконечно долг. И, се чини дека многу од овие „правила“ станаа правила само во последниве години. Нема сомнение дека во најлош случај, тие правила се навистина добронамерни, а во најдобар случај – потенцијално спасоносни. Но, и покрај сите денешни правила, почнуваме да се прашуваме како ние, кои сме родени во 20 век, воопшто го преживеавме детството?
Во некои случаи и во некои држави, родителите дури можат да бидат уапсени затоа што направиле нешто од следново:
Дозволување на децата да бидат надвор сами
Кога бевме деца, честопати бевме надвор со часови, во паркот, во соседството – без надзор од возрасни. Поминувавме цели викенди надвор, доаѓајќи дома само за ручек. Не одевме многу далеку, само низ маало. На пример, во Тафталиџе 1 тоа значеше дека одевме на игралиштето во „Јан Амос Коменски“, на мексичкото игралиште, но и на Партизанска, со тоа што никогаш не ја поминувавме, си седевме на нашата страна од истата. Одевме дома за ручек, а потоа, се разбира, пак надвор, додека не се стемни. Во лето дури и откако ќе се стемнеше.
Денес ситуацијата е малку поинаква. Неодамна, родители во Соединетите американски држави биле под истрага за практикување на „слободно родителство“ и биле обвинети за занемарување на дете. Имено, тие им дозволиле на нивниот десетгодишен син и шестгодишната ќерка да одат сами до куќата од паркот што бил оддалечен 1,6 километри. Време на случувањето: сабота попладне.
Друг денешен пример: Мајка од Флорида е уапсена затоа што им дозволила на своите деца на возраст од шест, седум и осум години да играат сами во паркот, а мајка од Австралија поминала цела ноќ во затвор затоа што ѝ дозволила на нејзината деветгодишна ќерка да игра во паркот до куќата додека таа била на работа.
Пушење за време на бременост, додека доите или во автомобил
Иако е тешко да се поверува, пред неколку децении било сосема прифатливо да пушите за време на бременост или додека доите. Опасностите од пушењето во бременоста денес се целосно разбирливи и добро познати, но се гледа попреку и на пасивното пушење. Додека нашите родители пушеле во присуство на деца насекаде: дома, во автомобилот, надвор или внатре – и не се размислуваше многу за последиците од пасивното пушење.
Иако денес се размислува повеќе за последиците од пасивното пушење, ваков закон кај нас сè уште не е на повидок, но во многу земји, вклучувајќи ги Австралија, Франција и Канада, пушењето во автомобили во присуство на деца е забрането.
„Натопување“ на цуцлата во работи во кои не би требало
Мед, виски, ракија – сигурно сте слушнале за овие некогаш вообичаени народни лекови за смирување на уморните, чувствителни бебиња на кои им растат запчиња. Сè уште не можат да ве уапсат никаде за ова, но дефинитивно не е добра идеја, без разлика колку пати ќе ви го предложат бабите. Во последниве години се води посебна дебата за тоа колку опасна може да биде „првата помош од баба“.
Спиење на стомак
Друга работа за која денес има безброј истражувања: спиењето на бебето на стомак го зголемува ризикот од синдром на ненадејна смрт на новороденчето (СИДС). Ние, родени во 60-тите и 70-тите години, дефинитивно не спиевме на стомак и сите имавме сплескани глави. Подоцна, децата родени во 90-тите, често беа ставани да спијат на стомак, некои од нив, на пример, спиеја исклучиво во оваа положба.
Но, да, спиењето на бебињата на стомак беше дури и препорачувано во 80-тите и раните 90-ти. Тогаш се појави и препораката дека бебињата треба да спијат на грб, што се покажа како добра препорака бидејќи нивото на синдром на ненадејна смрт кај новороденчињата значително се намали после тоа.
Дозволување децата да патуваат во автомобил без ограничувања
Некогаш не се размислуваше многу за бројот на луѓе во автомобил и беше сосема нормално да се возат четири деца на задните седишта со еден куп други работи „напикани“ во автомобилот. И додека безбедносните ремени на сите луѓе во автомобил се пропишани со закон веќе некое време, безбедноста на децата во возилата е нешто што започна да се дискутира малку подоцна. Пред тоа, нормално беше родителите да држат дете во рацете додека возат автомобил, а децата често се возеа и на предното седиште, до возачот.
Дозволување на децата да возат велосипед без кацига
Дали се сеќавате на заштитниот шлем за велосипед како дете? Или какви било други ограничувања поврзани со возењето велосипед? Денеска, е поинаку. Децата мора да носат заштитен шлем, додека возат на пат. Порано на еден велосипед се возевме дури и по тројца, еден вози, друг стои на штрафови, а третиот седи на воланот. Родителите пак не возеа во седишта на предниот дел од велосипедот.
Дозволување на децата да јадат сè и сешто без страв од дебелење
Помалку технологија, поголема физичка активност и подобра исхрана значеше дека детската дебелина не беше предмет на дискусија кога бевме деца. Сето тоа се смени денес, и иако постои масовна здравствена криза, се чини дека родителите се под постојана лупа за тоа колку и со што ги хранат своите деца.
Друг пример ни доаѓа од САД, кога осумгодишно момче било одземено од неговата мајка во Кливленд, бидејќи таа не правела доволно за да му помогне да ослабне. Весникот на Американската медицинска асоцијација тогаш објавил статија во која се согласува со мерките на државата, велејќи: „Во тешки случаи на детска дебелина, отстранувањето од дома може да биде законски оправдано поради непосредни здравствени ризици и хроничен неуспех на родителите за решавање на медицинските проблеми“.
И додека ваквите мерки се чинат оправдани кога станува збор за екстремна детска дебелина, дали мислите дека препораките за исхрана денес се менуваат како што дува ветерот? И, всушност, се поставува прашањето: Што точно е здраво во услови што не можеме да ги контролираме сами?