Универзитетската болница Велс во Кардиф спроведува истражување за тоа дали можат очилата за виртуелна стварност да им помогнат на родилките во контролирањето на породилните болки. Ако се покажат како успешни, во цел Велс би можел да заживее нов пристап кон породувањето.
Главната бабица на Одделот за породување Сузан Хардакре вели дека новата технологија нуди алтернатива во ублажувањето на болките во текот на породувањето, пренесува БиБиСи.
Трудницата Хана Лели пред породувањето го тестирала апаратот и го споредила со „симулатор“. „Навистина станува збор за 360 степени, такашто кога ќе се свртам можам да видам кој е зад мене или покрај мене“, рекла додавајќи дека апаратот ѝ помогнал да се опушти.
Одборот за здравје наскоро организирано и систематски ќе почне да собира повратни информации од мајките кои веќе родиле, а го испробале апаратот.
„Ова е можност да направиме нешто навистина поинакво, нешто иновативно…, нешто што не се користи на ниту едно друго место“, рекла Хардакре.
„Мислам дека е ова многу добро во текот на самиот почеток на породилните болки затоа што со овој апарат жените ќе успеат подобро да се сконцентрираат на дишењето и на опуштањето“, рекла Хардакре.
Хана Лели за себе вели дека е „голема обожавателка“ на новиот апарат затоа што смета дека отвара цел еден „нов свет за жените кои треба да родат“.
„Можеби овој апарат нема да му одговара секому, можеби нема да може да се користи во сите фази од породувањето, но верувам дека е добра алтернатива“, вели Лели.
Програмерите на Рискејп, компанијата која го изработила апаратот, секоја година заработуваат околу 4 илјади фунти преку очилата.
„Полека преоѓаме од забавната сфера во онаа тераписката“, со гордост вели кооснивачот на Рискејп Глен Хапгуд.
„Престојот во болница никогаш не е пријатен. Дури и ако на тоа гледате од тераписко гледиште – и со самото одвлекување на луѓето од непријатното опкружување во кое се наоѓаат – е многу добро решение“, смета Хапгуд.
Главната бабица Хардакре вели дека овој уред би можел да го користат и трудниците кои во текот на претходните породувања имале трауматични искуства.
Кажала дека очилата ги испробале на жени кои оделе на индуцирано породување, но и на оние кои биле во рана фаза од породувањето.
„На почеток од породувањето на родилките можеме да им понудиме само вода, техника на дишење и опуштање. А виртуелната стварност им дава друга димензија“, додала.
Фото: Pixabey