Шеф Марко Јаневски: По стапките на мама Маре

Седумгодишното синче на шеф Маре Јаневска има желба за готвење откако застанал на свои нозе и е на добар пат да ја наследи својата мајка и да биде новиот Џејми Оливер

0
359

Шеф Маре Јаневска веќе 11 години е готвачка во британската резиденција и  се грижи за сe што поврзано со храна и менаџирање на резиденцијата. Се разбира, благодарение на огромниот талент, искуство и креативноста, честопати е ангажирана и за многу други настани, а дел е и од организацијата Слоу Фуд Македонија.

Има два сина, четиринаесетгодишниот Давид и седумгодишниот Марко. Токму помалиот е на пат да ја наследи во професијата бидејќи уште откако застанал на свои нозе пројавува интерес за се што се случува во кујната и здушно ѝ помага на мајка си во се што има врска со готвење, месење, испробување нови рецепти, поставување трпеза, …

„Често, во деновите кога сме сите дома па знаеме да си поспиеме малку подолго или пак после попладневниот одмор, Марко знае да дојде во спалната и да ни нареди мене и на татко му да не стануваме туку да почекаме да ни донесе појадок во кревет или пак, ако станува збор за попладневна дремка – десерт или некој микс од пијалоци. И навистина се труди, но понекогаш знае и да направи некои прилично чудни комбинации кои потешко се голтаат“, се смее Маре.

На пример, една од тие комбинации е џин-тоникот кој нејзиниот сопруг во една пригода го добил измешан со мастика, што вели таа, баш и не било вкусно за пиење. Сепак, почесто се тоа успешни миксови кои тие, иако понекогаш се уште сити од ручекот, мораат да ги пробаат од едноставна причина што е Марко навистина кретивен и знае да им подготви одлични изненадувања.

Маре и Марко веќе имаат и свои заеднички ангажмани кои се врзани за одредени празници па на пример, за Божик заедно прават кекси во форма на Дедо Мраз, за Велигден месат пити и други убави залчиња и веќе сега се чувствува дека е подготвен да ја „шишне“ и да стане и самиот готвач нумеро 1.

А дотогаш… уживајте во специјалитетите на Маре.

[better-ads type='banner' banner='999' ]