Бебе измачкано со јагоди – толку е слатко, а со ова капче, можете да го изедеш. Ох, како расфрлало сè што дофатило – чекај да сликам, да им покажам на пријателките пред да исчистам. Ах, какви неранимајковци се овие наши дечиња!
Шерентинг/Shareting (Share+parenting) Споделување – објавување фотографии и видеа со своите деца на социјалните мрежи е типична родителска радост на денешницата.
Прво, на овој начин сите одржуваме врска и ги запознаваме роднините и пријателите со тоа како детето расте, што научило и што го интересира. Социјалните мрежи стануваат „дигитален посредник“ за размена на вести со блиските луѓе и ни помагаат да ги одржуваме семејните и роднинските врски.
Второ, тоа е начин да се зачуваат скапоцените спомени.
Трето, таквата содржина може да биде начин да се пожалиме на нешто, да откриеме дека другите имаат слични проблеми, да добиеме поддршка, да откриеме нов пристап кон тие проблеми и конечно да им дададеме неколку совети на помалку искусните родители и да споделиме искуство.
Четврто, тоа е едноставно вообичаено. Лајковите и воодушевените коментари од другите луѓе му даваат значење на нашето родителство, го прават попозитивно, дури и ако она што го објавуваме не ја одразува вистинската состојба на теренот.
Родителите кои го избрале овој начин да се покажат себеси како добри родители, да ја покажат својата нежност, чувствителност, грижа, вештини и други пожелни особини преку онлајн содржини, треба да бидат свесни за следниве ризици:
1. „Дигитално киднапирање“ или „кражба на идентитетот“ (digital kidnapping)
Фотографиите на детето можат да ги преземат злонамерни луѓе и да ги користат во иднина за да се создадат секакви сплетки и приказни, погрешно да се претстави детето на фотографијата, да се користи на постери, во огласи за посвојување, сајбер насилство, итн.
За да се спречат ваквите ситуации:
* Проверете ги поставките за приватност на вашиот профил – направете ги фотографиите достапни само за пријателите и оневозможете споделување фотографии;
* Разговарајте со семејството и пријателите за приватноста и замолете ги да не ги споделуваат фотографиите што сте им ги испратиле;
* Отстранете ги од списокот на пријатели оние кои не се ваши пријатели – пријатели на пријатели, оние кои ви се само симпатични, па сте ги прифатиле како пријатели, но не ги познавате лично, оние што сте ги додале од учтивост итн.;
* Отстранете ги метаподатоците и гео-ознаките од фотографиите што планирате да ги објавите;
* Не додавајте никакви информации што можат да се користат за идентификување на вашите деца – полно име, датум на раѓање, име на училиште и сл.;
* Не ставајте фотографии од децата на кои се тие голи или полуголи. Ако не сте сигурни дали да објавите некоја фотографија, не ја објавувајте.
2. Нарушување на односите со детето.
Популарноста, стекната по волја на родителите, може да му нанесе сериозна психолошка траума на детето и да му го уништи животот. Позната е приказната за Кристофер Робин, прототипот на Вини Пу и синот на А. А. Милн, кого го задевале на училиште со постојано цитирање извадоци од книги, позната е, такашто со време почнал да ја мрази својата слава.
Постојат и други случаи кога писателите на книги за деца ги користеле своите деца како инспирација, а тоа на овие, кога пораснале, воопшто не им годело. (И синот на рускиот класик на литература за деца Дракунски, кој не криел дека го создал својот литературен херој „според ликот на неговиот син“, се сеќава како на триесет години бил многу лут што многумина го гледале како книжевен лик)
Колку е постаро детето, толку ќе биде понезадоволно поради фактот што неговите родители ја користат неговата личност за јавни настапи и го претставуваат на еден или друг начин на Интернет.
На пример, 71,3% од илјада анкетирани британски тинејџери на возраст од 12 до 16 години веруваат дека нивните родители кои ги објавиле нивните фотографии без дозвола не го почитуваат нивното право на приватност во виртуелниот свет, а 39,8% велат дека нивните родители објавиле фотографии поради кои децата се срамат – затоа што изгледаат чудно, затоа што се на нив голи, итн.
Ваквите објави стануваат извор на напнатост и конфликт, такашто односот помеѓу родителите и тинејџерите може сериозно да се наруши поради објавите на интернет. Затоа многу родители престануваат да објавуваат фотографии од своите деца, а доколку ги постават, дозволуваат само сигурен круг на луѓе да имаат пристап до нив. Младите мајки сè повеќе практикуваат „антишерентинг“ – кога фотографијата со децата се фокусира на контекстот, а лицето на детето е скриено.
Ако сепак сакате да објавите нешто за вашите сопствени деца, направете го тоа внимателно. Во тоа можат да ви помогнат прашањата што ги поставува д-р Клер Мекарти, претставник на Американската академија за педијатрија и мајка на шест деца. Ова се прашањата:
* Зошто го објавувате ова? Ова е веројатно најважното прашање. Поставувајте си го на себеси секогаш кога планирате да објавите нешто.
* Дали сакате некој да раскаже слична приказна за вас? Ова не е баш совршена споредба, затоа што сте вие можеби екстровертни и уживате во споделување детали од вашиот живот, а вашето дете може да порасне во интроверт кој не сака да се покажува. Но, ако вам не би ви се допаѓало фотографија од вашето детство на која седите на нокшир да се појави на Интернет, не треба да поставувате ниту фотографија од вашето дете. Ако вашето дете е доволно старо за да разговарате со него за ова, побарајте дозвола.
* Може ли ова да го посрамоти вашето дете сега или во иднина? Секако, бламирањето на децата е дел од родителството. Но, едно е да зборуваме за непријатна ситуација или да ѝ покажеме фотографија на најдобрата пријателка или на бабата, а сосема друго е да ги рашириме овие информации низ целиот свет. Тоа не е дел од нашите права, должности и обврски. Тоа е само подло.
* Дали има некој во вселената што не треба да ја гледа оваа фотографија на вашето дете сега или во иднина? Ако е одговорот да, не објавувај. Запомнете: оваа фотографија еден ден може да ја видат работодавците, вработените во образовните институции или можните романтични партнери.
* Дали сакате ова да стане дел од дигиталниот отпечаток на вашето дете? Размислете за тоа. Веројатно би сакале вашето дете да изгледа паметно, добро воспитано, вредно, љубезно и успешно. Дали тоа што сакате да го објавите е во согласност со сето ова?
Сè што е потребно е да се биде внимателен и љубезен, резимира Клер Мекарти.
Текстот е од ТУКА.
Фото: Pexels