Родителите генерално не сакаат да им кажуваат на своите деца работи што можат да ги повредат или да им наштетат, но понекогаш го прават тоа. Тие се уморни, под притисок или фрустрирани откако 600 пати ги замолиле децата истото, но не добиле одговор или каква било реакција. Исто така, луѓето понекогаш ненамерно повторуваат работи што им биле кажувани ним во детството, за кои не ни знаеле дека си земале емоционален данок.
Затоа HuffPost издвоил неколку потенцијално штетни фрази кои би биле подобро да се избегнат.
1. „Не е ништо страшно“
Децата често плачат или имаат испади поради работи што изгледаат навистина неважни, но штетно е да ги намалите нивните вистински чувства велејќи им „дека драматизираат без причина“.
„Тие мали проблеми – и емоциите што доаѓаат со нив – се всушност огромни за нашите деца“, рекла Ејми МекКрид, основачка на Positive Parenting Solutions („Позитивни решенија за родители“) и авторка на книгата If I Have to Tell You One More Time („Ако треба да ти кажам уште еднаш“).
Како што објаснува, со вакви коментари им испраќаме на децата порака дека нивните емоции не се важни или дека е глупаво да се биде исплашен или разочаран.
2. „Ти никогаш / ти секогаш правиш XY“
Децата имаат свои модели на однесување, но да се каже дека вашето дете „секогаш“ или „никогаш“ нешто (не) прави, едноставно не е точно.
Ваквите изјави, според Робин Мекман, основач на Parenting for Connection, „ја пропуштаат можноста да ги научат што треба и што можат да направат следниот пат“.
3. „Тажен/тажна сум кога го правиш тоа“
Фактот дека вашето дете не ве слуша навистина може да ве растажи, но важно е да поставите (и да ги одржувате) границите без да го обвинувате вашето дете за вашите чувства. Тие чувства се ваши, а не негови. Освен тоа, создавате преседан, потенцијално давајќи му до знаење дека има моќ да влијае на вашето расположение.
„Кога децата ќе се чувствуваат како само тие да одлучуваат дали сте среќни, тажни или лути, тие можат да ја искористат можноста да продолжат да ве туркаат до сопствените граници“, вели МекКрид, објаснувајќи дека на овој начин децата учат да манипулираат со другите.
4. „Пушти ме јас да го направам тоа“
Кога чекате вашето дете да заврши едноставна задача што се чини дека трае вечно, вашиот инстинкт може да ви каже едноставно да го направите тоа сами. Но, обидете се да го избегнете ова ако можете.
„Правејќи го ова, му испраќате порака на вашето дете дека тоа не е способен за тоа, па затоа мора вие да се вклучите. Тоа е обесхрабрувачко и навистина фрустрирачко”, вели МекКрид.
Фото: Pexels