Тимот ученици од училиштето „Ацо Шопов“ од Бутел, Скопје, го освои првото место на третиот Предизвик за кодирање во организација на Британски совет, како дел од програмата „Училишта на 21-от век“. Настанот имаше за цел да ги инспирира учениците со кодирање да ги решаваат секојдневните проблеми со кои се соочуваат нивните локални заедници и училишта.
Називот на победничкиот проект е „’Микро:бит’ обновлива енергија“. Благодарение на вештините за кодирање, критичко размислување и решавање проблеми коишто ги стекнаа во рамките на програмата „Училишта на 21-от век“, тимот кој го сочинуваат учениците Филип Величковски и Ангел Крстевски со помош на нивната наставничка по Информатика, Билјана Симоноска Антовска, го решија проблемот со изнаоѓање начин за користење обновлива енергија од ветер и сонце во нашите домови.
„Навистина уживав во секоја минута додека кодирав со „Микро:бит“. Со другар ми работевме тимски и создадовме целосно функционален прототип. Учењето е дефинитивно позабавно на овој начин.“, изјави еден од победниците.
И покрај пандемијата и учењето од далечина, наставниците и учениците покажаа цврстина и ентузијазам за создавање иновативни проекти и за учество во натпреварот. Процесот за пријавување, како и самиот натпревар, се одвиваше онлајн со цел да се заштитат сите учесници. Беа избрани десетте најдобри тимови кои ги претставија нивните проекти пред жири-комисија.
За време на воведниот говор, заменик министерот за образование и наука Арафат Шабани изјави: „Верувам во потенцијалот на сите присутни. Вие сте иднината на оваа земја и затоа ве уверувам дека државата ќе се залага и понатаму да го стимулира вашиот труд и да го надградува вашиот капацитет. Очекувам и понатаму поддршка од нашите долгогодишни партнери од Обединетото Кралство и Британски совет, кои преку оваа програма ни помогнаа да го модернизираме нашиот образовен систем, особено од аспект на примена на современата ИТ технологија и иновации.“
„Програмата „Училишта на 21-от век“ е од огромно значење за училиштата во Северна Македонија. Уредот „Микро:бит“ беше воведен како наставна алатка во училиштата во Обединетото Кралство во 2016 година. Од особена важност е тоа што учениците имаат пристап до наставните алатки што ги користат децата од Обединетото Кралство, бидејќи со тоа ќе се надмине дигиталниот јаз помеѓу нив и ќе добијат исти можности за вработување во иднина“, истакна Доминик Отвеј, заменик амбасадор на Обединетото Кралство во Македонија.
За програмата „Училишта на 21-от век“
„Училишта на 21-от век“ е амбициозна тригодишна образовна програма, во вредност од 10 милиони фунти, финансирана од Владата на Обединетото Кралство и дизајнирана и спроведена од Британски совет во земјите од Западен Балкан.
Програмата се спроведува во партнерство со релевантните образовни институции ширум земјите од Западен Балкан и има за цел да им овозможи на еден милион ученици, на возраст од 10-15 години, да стекнат вештини за кодирање, критичко размислување и решавање проблеми, со кои младите ќе добијат подобри можности за вработување и со кои ќе се поддржи економскиот развој.