Деветнаесетгодишно момче, за кое се вели дека се вика Хамидолах, ги натерал пријателите да го снимаат за социјалната мрежа ТикТок додека се преправа дека се самоубива држејќи пиштол до главата. Мислејќи дека пиштолот не е наполнет, тој го повлекол чкрапалото и починал на самото место, потврдиле локалните власти во пакистанската област Swat Valley.
„Несреќното момче почина на самото место, бидејќи беше застрелан директно во главата. Немаше шанси да преживее“, изјавил висок полициски службеник за Експрес трибјун.
Официјални лица за АФП изјавиле дека тинејџерот „бил локално познат и активен на ТикТок“. Хамидолах имал повеќе од 8.000 следбеници на споменатата платформа и објавил скоро 600 видеа на својата страница.
Ова не е прв пат снимањето акробации за социјалните мрежи да има трагичен крај. Според АФП, еден чувар наводно бил убиен во Карачи во 2020 година додека играл со пушката во текот на снимањето видео за апликацијата, а друг тинејџер починал во Равалпинди на почетокот на оваа година откако бил удрен од воз за време на снимањето. Исто така, пред неколку месеци, 12-годишниот Џошуа Хајлејес од Колорадо бил пронајден во бесознание на подот од бањата. Се испостави дека момчето учествувало во популарниот ‘blackout challenge’. Неговото семејство верува дека тој се задушил со помош на врвки за патики, пишува Индипендент.
Фото: Pixabay