Татко му ја освоил публиката со диригентската палка, а тој со своето еко-магионичарско стапче

Младиот магионичар Кристиан Шопов, инаку, син на познатиот диригент Томислав Шопов, признава дека магијата на сцената го освоила додека како дете ги гледал изведбите на неговиот татко и неговата диригентска палка. Денеска Кристиан е успешен и амбициозен сонувач чија идеја да се ребрендира во еко-магионичар кој ќе промовира еколошки пораки, во 2017. беше избрана како најдобра на регионалниот натпревар „Филантропија преку зелени идеи“, а годинава неговата едукативна претстава „Хокус покус – рециклирањето во фокус“, ја освои интернационалната награда Energy Globe Award.

0
649

Кристиан Шопов го запознав пред десетина години, кога се уште беше на почеток од својата магионичарска кариера. Денес е препознатлив по тоа што својата магија ја подигна на едно повисоко ниво, па од својата голема љубов – магионичарските трикови, направи комплетно нова, еколошко-едукативна приказна.

Кристиан е млад, социјален претприемач чија идеја да се ребрендира во еко-магионичар кој ќе промовира еколошки пораки беше избрана како најдобра на регионалниот натпревар „Филантропија преку зелени идеи 2017” .
Го формира социјалното претпријатие „Грин Меџик Продакшн“ и со неговиот тим го организира и реализира неговиот дотогаш најголем проект: едукативна еко-претстава наречена „Хокус покус – рециклирањето во фокус“. Целта на овој проект е да се едуцираат децата на возраст од шест до десет години за тоа како да селектираат отпад преку забавна и едукативна магионичарска претстава, и со тоа да креираат чиста животна средина.
Овој проект беше награден од страна на Министерството за економија за општествена одговорност, а годинава ја освои интернационалната награда „Energy Globe Award“ која е најзначајната награда во светот со која им се оддава интернационално признание на проекти со голем придонес кон заштитата на животната средина во национални рамки. Оваа година за наградата конкурирале над 2500 различни еко-проекти од над 180 земји. Сепак, за него, најголема награда е аплаузот и детските насмевки и вчудоневидени лица.

И ако сето ова не ве заинтригира доволно, ќе ви ја раскажеме целата приказна за Кристиан, од неговиот прв трик и првиот настап во Домот на пензионерите во Кикинда (Србија), во 2003-тата, до денеска.

„На 29 август 2003.година го имав првиот јавен настап, во Србија, поточно, во градот Кикинда од каде потекнува мајка ми. Настапот беше во домот на пензионери за време на паузата од концертот на дедо ми кој пееше оперски арии. Мало објаснување – татко ми е диригент, а дедо ми беше голем љубител на оперски арии. Секое лето додека престојувавме на гости кај дедо ми во Кикинда, татко ми го учеше да пее оперски арии. Нивното музицирање секоја година се крунисуваше со концерт во домот на пензионери. И така традицијата се негуваше со години.

Еден концерт за мене беше поразличен од сите останати. Во 2002. година пред почетокот на концертот тетин ми ме запозна со еден човек и притоа ми рече: „Кристиан, да те запознаам со мојот пријател, тој е магионичар“. Како дете најголема желба ми беше да бидам магионичар, но во тоа време немаше интернет, не познавав магионичари и единствен начин да гледам настапи беа новогодишните програми на телевизија, но немаше начин да дојдам до тајните… Кога се запознав со магионичарот бев толку вчудоневиден што тој го забележа големиот интерес кај седмоодделенецот кој стоеше збунето пред него и ме научи еден трик со 4 карти. Кога дојдов дома веднаш ѝ го покажав трикот на мајка ми и иако таа ја откри тајната, тоа за мене беше поттик да вежбам повеќе за да му го презентирам трикот на некој нов гледач.

Цела година бев опседнат од трикови, измислував, купив книга за трикови која ја најдов во еден огласник, а следното лето кога отидов повторно во Кикинда му ги покажав на мојот учител сите, а тој пак ме научи уште неколку нови трикови. Тоа лето го имав и мојот прв настап“, ја започна Кристиан својата интересна приказна.

Иако љубовта кон магионичарството била голема, тој по завршувањето на средното училиште (Р.Ј.Корчагин), се запишал, а потоа и дипломирал на Економскиот Факултет на УКИМ, на одделот за маркетинг.

„Моите ми рекоа дека морам да одберам факултет и да дипломирам на истиот, а потоа сам да изберам дали ќе работам како магионичар или според дипломата.

Со настапи почнав од прва година средно училиште на детски родендени. Магионичарството е моја најголема љубов. Илузиите ги изведувам бидејќи тоа многу го сакам, а ја имам таа среќа луѓето да ми даваат пари додека го правам тоа во што уживам. Сепак, не сакам да го наречам ова професија зашто тогаш ќе се изгуби детската искреност во мотивот. Јас не ги доживувам настапите како работа, туку тие ми се едноставно нешто природно, што чувствувам дека треба да го правам“, објаснува Кристиан.

Инаку, таткото на Кристиан е познатиот диригент Томислав Шопов, а неговата мајка – инспициент во Балетот, па тој секогаш бил близу сцената чија магија го освоила уште како дете, додека ги гледал изведбите на неговиот татко со неговата диригентска палка, која пак тој ја заменил со магионичарско стапче.

Иако најголем број од неговите настапи се за деца, Кристиан е гостин и на различни коктели, прослави, настани на компании кадешто ги забавува, како што вели, ‘големите деца’, возрасните.

„Најтешко е да се настапува за деца и после детски настап јас сум испотен како после интензивен тренинг во теретана. Децата се спонтани, непредвидливи, но и брутално искрени, па ако во еден миг се почувствуваат здодевно ќе ви го плеснат тоа во лице и ќе одат да си играат со играчки. На почетокот се случуваше да не разберам зошто се однесуваат на одреден начин, но со тек на време, како што ја проучував детската психологија во контекст на забавување на деца со магионичарски трикови, сфатив како треба да се однесувам со нив за да се почувствуваат анимирано.

Кога се децата во прашање немам негативни искуства бидејќи тие по природа се само со позитивна мисла, па дури и кога прават нешто што за возрасните можеби изгледа лошо, тие го прават бидејќи гледаат во тоа игра, но со искрена намера, не со лоша. Дури еднаш на почетокот ми се случи сите деца да се стрчаат кон масата со магионичарски реквизити, да ги грабнат и да се разбегаат со нив. Тие го направија тоа бидејќи си играа игра со мене, а јас наседнав на нивниот предизвик кој за сите освен за мене, беше забавен“, се смее Кристиан.

За него, една од убавините кога изведува илузии или магионичарски трикови е тоа што, без оглед за каква публика станува збор, без разлика дали се тоа деца, тинејџери, возрасни, пензионери, богати или сиромашни, сите, во мигот на ‘чудото’, мигот кога илузијата ја оживува магијата, стануваат едно. „Сите за миг стануваат деца заборавајќи на сите грижи“, вели тој.

Неговата идеја да го искористи магионичарството за едукативни цели и за промоција на екологијата и потребата од селекција и рециклирање на отпадот, „Еко илузии“, со која во 2017. година победи на регионалниот натпревар за зелени идеи, му дошла спонтано.

„Кога дознав за натпреварот за зелени идеи се запрашав што можам јас да сторам за заштита на планетата. Како еден магионичар може да придонесе за општо добро? Фасциниран од рециклирањето кое е магија само по себе, дојдов до идеја дека можам да ги едуцирам децата, на кои, нели, светот им припаѓа, преку магионичарски претстави кои се состојат од магионичарски трикови во чија изведба се испреплетени еко пораки. На тој начин ги користам триковите како привлекувач и задржувач на вниманието додека ги пренесувам пораките за селекција на отпад. Магично создавам амбалажа и ги учам децата во која боја на контејнер се фрла. Исто така, потенцијалот на мојата идеја го препозна ПАКОМАК, како општествено-одговорна и непрофитна компанија, па ја финансираше турнејата со претстава која ја видоа над 33.700 деца од 52 училишта во Скопје и уште 17.000 деца од 45 училишта од 7 градови во државата. Како финале на еко-едукативниот проект изведов и 3 претстави на малата бина на Филхармонија со големи илузии.

Секако, периодов и мене ме погоди пандемијата, но за среќа почнаа да се враќаат настапите, овојпат, со публика во многу помал број, завршува Кристиан, кој и покрај многуте планови, не сака да зборува за иднината, туку само за оние работи кои веќе ги направил. А како што гледате, направил многу работи и неговата магија – функционира!

[better-ads type='banner' banner='999' ]