Татко ми има девојка, а и мајка ми си најде момче

Кога и како да му кажете на детето дека родителот има нов партнер? Ова е најголемата дилема на разведените родители за која треба многу време, трпение и соработка на поранешните сопружници

0
999

Според податоците на Кристин Хедфилд, којa правела истражување во Америка, Ирска и Канада на темата „Кога и како да му кажете на детето дека родителот има нов партнер?“, бројот на разводи е драматично зголемен во новиот милениум, а со појавувањето на веб-страниците за запознавање родителите влегуваат во сериски романтични врски почесто од кога било досега.

Понатаму, статистиките укажуваат дека дури 50% од децата на самохраните родители на возраст до пет години мораат 3 до 4 пати  да се адаптираат на промената на партнерите на својот старател.

Влегувањето на нов член во светот на детето, без оглед на тоа како ќе се постави тој нов член, за детето е секогаш турбулентно и мора да очекуваме период на пократки или подолги адаптации. Ако овие промени се чести, сигурно и дополнително ќе биде разнишано чувството на безбедност на детето. Затоа, на самиот почеток, вреди да се постави прашањето кога треба детето да се запознае со новиот партнер, што е можно поскоро или подобро да се почека и да се види во која насока се развива врската?

Некои експерти веруваат дека новиот партнер треба што поскоро да се воведе во животот на детето, за да се тестира неговото снаоѓање и способноста да се вклопи во постојната динамика на семејниот живот. Според нив, бесмислено е да се одложува, затоа што без оглед колку нам ни одговара нашиот партнер, крајниот тест дали врската ќе преживее лежи во тоа дали детето ќе го прифати или не. Од друга страна се оние кои ја заговараат идејата дека новиот партнер треба да се запознае со детето дури подоцна, кога сме сигурни дека врската е стабилна и дека ќе потрае, затоа што нема смисла постојано да го запознаваме детето со нова личност и да го трауматизираме непотребно.

Некои пак сметаат дека вистината е веројатно на половина пат помеѓу двете крајности и многу зависи од луѓето вклучени во оваа ситуација. Притоа, возраста на детето треба да се смета како една од клучните варијабли. Во случај на многу мало дете, до две години, кое сè уште нема капацитет целосно да ја разбере ситуацијата и каде вербалните објаснувања не се особено продуктивни, воведувањето нов партнер може да биде многу понеформално, без многу претходна подготовка и многу побрзо. Овде, родителот првенствено мора да се потпира на сопствената проценка за тоа колку е соодветен партнерот и колку добро може да ја игра идната улога. Колку е постаро и посвесно дете, толку е поразумно да се пролонгира овој процес и да се подготви детето на новите околности со сите средства.

Меѓутоа, после прашањето КОГА, следува и прашањето КАКО да го сториме тоа…

„Некои општи препораки се дека ако поранешните сопружници останат во здрава врска, тие мора да комуницираат и да дејствуваат заедно во најдобар интерес на детето. Вообичаена шема е дека постарите дете не го прифаќаат новиот партнер од едниот родител, без оглед колку е тој или таа позитивен кон нив, токму затоа што детето се доживува себеси како предавник на другиот родител. Во овие околности, децата се чувствуваат виновни, такашто, за да се избегне овој вид на „соучесништво“, тие повеќе сакаат да го одбијат новиот лик по секоја цена. Затоа, како прв чекор, обично се препорачува родителот прво да го извести својот поранешен сопружник за неговиот нов статус, за да може прво тој да ја „изџвака“ оваа вест, да се навикне на тоа и да може да го поддржи својот поранешен сопружник без емоционална штета“.

Затоа, колку и да е тежок и болен тој процес, тој е во најдобар интерес на детето, бидејќи детето, знаејќи дека новата фигура ја прифаќа и другиот родител, може, без страв, осуда, љубомора или лутина, да се вклучи во процесот на адаптација. Препорачливо е откако поранешните сопружници ќе зборуваат за тоа, да ја споделат заедно оваа вест со своето дете, и потоа да издвојат некое време за да ги образложат со детето еден на еден претходно изнесените идеи.

Ситуацијата е дополнително влошена кога комуникацијата меѓу родителите е лоша, а особено кога еден од родителите е сè уште оптоварен со лоши емоции, тогаш не можеме да сметаме на соработка, туку напротив, дури и на отворено минирање. Родителот кој е сам честопати може да биде преокупиран со идејата како да ја прекине новата врска на својот поранешен сопатник. Исто така, се случува тој да му каже на детето сè најлошо за другиот родител, како и за неговата врска и партнер. За детето, таквото сценарио сигурно ќе биде многу болно, а начинот на кој тој барем малку ќе се ублажи е бавен и ненаметлив пристап, оној во кој родителот кој започнал нова врска ќе има многу трпеливост и значително ќе ги намали очекувањата.

Тој треба суптилно да му каже на детето дека е здраво и пожелно родителите да продолжат со животот, дека на тој начин ќе бидат посреќни и поисполнети, но тоа нема да влијае на квалитетот на односот родител-дете. Тој треба да биде охрабрен да не го сфаќа новиот партнер како ривал во борбата за љубовта на родителот и да укаже дека новиот партнер нема да ја намали неговата достапност за потребите на детето.

Исто така е важно да се испрати јасна порака на детето дека не се очекува од него да го сака неговиот / нејзиниот нов партнер, бидејќи детето не треба да чувствува ваков товар. Доволно е да се започне со тоа да му се даде шанса да функционираат.

„Кога ги запознав моите деца, кои во тоа време беа на возраст од 10, односно, 6 години, со мојот нов партнер, чувствував мал немир поради таа средба. Се исплашив како ќе реагираат децата, иако претходно разговаравме за тоа и се обидував тие да сфатат дека ниту мојот однос со нив, ниту нивниот однос со нивниот татко не се менува. Човек во тие моменти сака да ги заштити своите деца и не сака тие да се чувствуваат отфрлени или предадени. За среќа, децата го прифатија човекот, со кој подоцна се омажив и денес сè уште живееме во стабилна заедница “, вели една мајка, која поминала низ ова искуство.

Нејзината ќерка, сега веќе девојка, вели дека во тој период имала донекаде измешани емоции, затоа што се плашела дека ако го прифати новиот партнер на мајка ѝ, ќе го повреди татко ѝ. Сепак, мајката многу разговарала со нив и им дозволувала „ситни незадоволства“, а таткото не настојувал да ја минира состојбата.

Важен дел од психолошката подготовка е пожелно да помине и самиот партнер, бидејќи полесно ќе се прилагоди на детето доколку му се обезбедат основни информации за личноста на детето, за неговата типична реакција и стил на комуникација. Сосема поинаку му се пристапува на срамежливо дете отколку на она што е отворено и достапно, и ова треба да се има предвид. Исто така е важно родителот да ги сподели со новиот партнер нивните очекувања во врска со нивната идна улога и да постави јасни граници и правила, бидејќи тоа исто така ќе го олесни процесот на прилагодување на партнерот. Тој треба да знае дали е препорачливо да ја преземе воспитната улога на детето или треба да остане настрана во тој поглед и да се ограничи само на забава и игра. Колку се потранспарентни сите улоги во овој процес, толку помалку компликации ќе има.

Во секој случај, процесот на воведување на нов член во животот на детето е сложен и влијае на најмалку четири лица – детето, едниот родител и неговиот партнер, како и другиот родител. Клучната алка што во голема мерка го олеснува овој процес е взаемната соработка на сите споменати членови. Важно е да се разбере дека адаптацијата не завршува со чинот на средба на детето и новиот партнер. Напротив, градењето на нивните односи, како и секој друг, е долг процес во кој треба постојано да се инвестира.

Овој пат најчесто нема да биде лесен и безболен, ќе биде обременет со осцилации, отпор на децата, емоционална манипулација, дистанцирање и агресивни реакции, но важно е да ги прифатите сите овие фази и да истраете. За едно дете, значајна мотивација за да прифати нов член ќе биде ако види дека неговиот родител е во квалитетен, исполнет и почитуван однос. Ваквиот однос нема да го наруши семејниот баланс, туку ќе биде пример за здрава врска од која можат да имаат корист сите членови.

Фото: Pixabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]