Скопјанката Соња Богдановска, оние кои ја знаат, веројатно ја знаат како Зујче, веќе со години живее во Канада каде што работи со деца со попреченост во учењето. Тие кои го паметат значењето на Денот на младоста – 25 Мај, Тито, слетот и штафетата, кои оделе во Дом на млади-25.Maj (денешен МКЦ), а живееле во Скопје, сигурно се сеќаваат и на Зујче.
Таа е родена токму на 25. Мај, и иако е во Канада, нејзините пријатели и другари од детството и младоста ѝ го честитаат роденденот титкајќи ѝ на месинџер буквално цела ноќ. Односно, ноќ е во Канада, а кај нас е сосема пристојно време за честитање. Но, пред две години, својот јубилеен 50 роденден Зујче го прославила со најблиските пријатели во скопско Соње, а тие ѝ приредиле ден за паметење – добила и слет, и штафета, и говор, па дури и југословенско знаме – и за веење и за јадење, на роденденската торта, и буквално вистинска дваесетпеттомајска атмосфера. Бидејќи како мала Соња со душа го чекала слетот и нормално, си мислела дека е за неа, нејзините другари решиле да ѝ направат слет кој и навистина ќе биде за неа, токму за овој значаен јубилеј.
Зујче пак, е една од оние кои и на 52, го задржала духот на 25.
„Тетка Виолета Брамачева ми кажа дека кога сум била мала, сум викала дека Тито ми е татко, а дека слетот секоја година го чекав со душа, мислејќи дека е за мене, се сеќавам и самата. Можеби токму тоа што сум родена на некогашниот Ден на младоста прави да се чувствувам вечно млада, токму поради денов како да има некоја суперсила зад мене. А педесеттиот роденден ми е навистина ден за паметење, особено затоа што таквите дружби се сега се поретки. Тоа ми беше најдобар од сите денови во животот“, се потсети Зујче и ни дозволи да ги споделиме фотографиите од нејзината роденденска прослава во ’пионерско издание‘.
Колку се интересни и колку ќе ве потсетат на едни други времиња, уверете се и самите, барем вие, од генерацијата. На оние другите и онака нема ништо да им значи.