Тетизмот претставува говорно-јазично нарушување при кое поголема група на гласови преминува, односно, се заменува со гласовите Т и Д.
Тетизмот кај децата продуцира недоволно јасе и разбирлив говор, при што децата не можат да се искажат на правилен начин. Ова состојба може да се појави некаде околу двеиполгодишна возраст, па дури и подоцна, а може да перзистира и до петгодишна возраст, доколку не се детектира и корегира навремено.
Како причини за појавувањето на тетизмот можат да се наведат следните: подоцнежно прозборување кај детето, подоцнежен развој на гласовите во однос на возраста, нарушена аудитивна перцепција за одредени гласови кај детето, проблеми со слухот, одредени засегања на централниот нервен систем, лош говорен модел, и слично. Говорни форми во кои се забележува тетизмот, се следниве: тадолет-сладолед, пие-спие, такам-сакам, ток-сок, фон-слон, патол-пиштол, тите-сите, околи-отвори и слично.
Треба да се знае дека тетизмот може да се вкорени многу длабоко во говорот на детето, а за да се спречи тоа, потребен е навремен и континуиран логопедски третман.
Ана Петреска-дипломиран Логопед М-р по специјална едукација и рехабилитација, Интеракција плус, Скопје
Фото: Pexels