Сѐ што треба да знаете за вонтелесното оплодување

Постапката вклучува стимулирање на јајниците за производство на повеќе јајце клетки, кои во даден ден од циклусот се вадат заедно со фоликуларната течност и се оплодуваат во надворешни услови, а потоа се враќаат во форма на оплодена јајце клетка или ембрион во матката.

0
263

Ин витро оплодувањето (ИВФ) вклучува земање на јајце клетка од женското тело, нејзино оплодување во лабораториски услови и враќање на оплодената јајце клетка или ембрионот во матката неколку дена по оплодувањето. Методот е комплициран и бара посебни услови, специјална лабораторија и опрема, како и обучен тим составен од гинеколози, ембриолози, генетичари, микробиолози, медицински сестри и други. Поради овие околности, овој метод е и многу скап.

Првото вештачко оплодување

Од 1978 година, кога се роди Лујза Браун, првото бебе родено со постапката на ИВФ, овој метод овозможи раѓање на над 3,5 милиони деца ширум светот. Овој метод на лекување на брачна неплодност се предлага кога другите методи не даваат резултати.

Благодарение на сѐ подобрата модерна опрема, ин витро оплодувањето покажува висок степен на успех, што се движи од 22% до 40% изнесени бремености по еден обид. Благодарение на ин витро оплодувањето, откако во 1992.година влезе во процедура методот на микрофертилизација (директно инјектирање на сперматозоидот во јајце клетката со што се олеснува оплодувањето), денес е дефинитивно решен проблемот со машкиот стерилитет.

Зошто да се одлучите за ин витро оплодување?

Најчеста причина за ин витро оплодување е непроодноста на јајцеводите поради воспаление, тумори или отстранување на јајцеводите поради вонматерична бременост или некоја друга причина. Ова е индикација за ин витро оплодување во околу 65% од случаите. Други причини се: ендометриоза, имунолошки причини за стерилитет.

Причините за мажите се олигоспермија, астеноспермија и присуство на голем број патолошки форми на сперматозоиди.

Пред интервенцијата, покрај гинеколошкиот преглед, се прави ултразвучен преглед, хистеросалпингографија и евентуално хистероскопија за да се испита просторот на матката и проодноста на грлото на матката.

Како се изведува вештачко оплодување?

Постапката вклучува стимулирање на јајниците за производство на повеќе јајце клетки, кои во даден ден од циклусот, под контрола на ултразвук, се вадат заедно со фоликуларната течност и се оплодуваат во надворешни услови (оттука и името „ин витро оплодување“), а потоа се враќаат во форма на оплодена јајце клетка или ембрион во матката. За овој процес, потребно е да имате здрава матка со нормален изглед, како и нормални јајници кои ќе реагираат на дадена стимулација. Фалопиевите туби не се потребни во овој процес, што е многу важно кај пациентки кои ги немаат поради претходни операции.

За разлика од природниот менструален циклус, кадешто до фаза на зрел фоликул, кој содржи јајце-клетка способна да се оплоди, се развиваат еден до два фоликула, во постапката наречена контролирана хиперстимулација на јајниците, бројот на јајце-фоликули кои содржат зрело јајце способно за да се оплоди расте до 5, 10, па дури и повеќе од 15, во зависност од применетата шема на индукција на овулацијата и одговорот на јајниците на применетата терапија.

Контролираната хиперстимулација на јајниците вклучува примање на лекови кои содржат природни или синтетички хормони кои се клучни за стимулирање на растот на јајцеви фоликули што содржат јајце клетки. Најважниот хормон во стимулирање на раст на фоликулите е FSH (фоликуло-стимулирачки хормон), кој вообичаено се произведува од ендокрината жлезда, хипофиза. Покрај FSH, во овој процес е вклучен уште еден хормон произведен од хипофизата LH (лутеинизирачки хормон). Постојат различни шеми на индукција на овулацијата, сепак, пристапот на индукцијата е исклучително индивидуален и прилагоден на пациентката со цел да се постигне најдобра можна реакција на јајниците. Терапијата со гонадотропни хормони започнува на вториот ден од циклусот, а количината на даден лек е исклучително индивидуална и зависи од проценката на лекарот каква ќе биде реакцијата на јајниците на дадена количина хормони. За време на циклусот на индукција, обично започнувајќи од 6 ден од циклусот, ќе започне дневно следење со ултразвук на растот и бројот на фоликулите што се развиваат. Аспирацијата на содржината на јајцевиот фоликул обично се изведува 34-36 часа по администрација на hCG (хорионски гонадотропин). Заедно со фоликуларната течност, се аспирира и јајце клетката.

Добиените јајца од јајниците на жената се ставаат во лабораториски сад во кој има специјални медиуми, блиски по составот на течноста во фалопиевата цевка, каде јајце-клетката се оплодува со сперматозоиди кои претходно биле обработени во лабораторијата. Лабораторискиот сад што содржи јајце клетка и сперматозоиди се става во инкубатор кој обезбедува константна температура идентична на телесната температура, кадешто тие се спојуваат и започнува клеточната поделба.

Приближно една делба се јавува на 12 часа. Кога ембрионот има 4-8 клетки, тој се внесува во матката со катетер. Таму ембрионот се всадува за три до четири дена. Ако дојде до имплантација на ембрионот во слузницата на матката, ќе се појави бременост што нема да се разликува од природната.

Фото: Pixabay

[better-ads type='banner' banner='999' ]