Пријателството на пејачката, писателка и водителка Сузана Турунџиева и ѕвездата на македонската гордост, филмот „Медена земја“, Атиџе Муратова, кое започна во септември годинава, по посетата на Сузе на домот на Атиџе во Бекирлија, сѐ повеќе се продлабочува и, очекувано, кога станува збор за две музикални души, деновиве се преточува во музика.
Овие две распеани души кои се најдоа на иста бранова должина, очигледно, ги поврза токму заедничката љубов кон музиката па тие периодов уживаат во заедничко музицирање создавајќи преработки на стари македонски и турски песни, се разбира, на нивни начин.
Сузана која во животот преживеа страшни семејни трагедии, некои немили, но и некои прекрасни настани, вели, дека, дури сега, во овој период на пандемија со корона, сфатила колку многу ѝ помага музиката за полесно да ги преброди сите ‘корона премрежија’.
За пријателството со Атиџе пак, вели дека е едно убаво, искрено пријателство, а нејзина најголема желба и интенција е од сега натаму да направи сѐ, животот на Атиџе да биде исполнет со музика.
И двете се нетрпеливи и се надеваат дека набрзо ќе имаат прилика да настапуваат заедно, бидејќи засега, со пандемијата, сѐ е сведено на минимум.
Во меѓувреме, во сабота (12.декември), на матине во Бифе Тафталиџе, во ТЦ „Алуминка“, во соработка со Сковин и Сузана Турунџиева, како голем и искрен пријател на Атиџе Муратова, се организира несекојдневен настан, на кој ќе присуствува лично хероината на „Медена земја“. Посетителите ќе имаат можност да купат книга од Турунџиева, а средствата од продадените книги да ѝ бидат донирани на Атиџе.
„На Атиџе не ѝ треба јадење и пиење, туку достоинствен живот“, вели Сузана која искрено ужива во заедничките моменти и во музицирањето со Атиџе, на која сака да ѝ овозможи уште многу денови и иднина исполнета со музика.