Канадската кошаркарска sвезда Кимберли Гошер ја споделила на Инстаграм својата очајна молба да ѝ се дозволи да го земе со себе своето тримесечно бебе на Олимписките игри во Токио.
37-годишната спортистка се пожали на Инстаграм за строгите правила според кои на спортистите им е забрането да носат некого на Олимпијадата, а тоа важи дури и за мајките кои дојат.
Сега Гошер вели дека е принудена да избере помеѓу доењето на својата ќерка и остварување на нејзините соништа, а последното значи дека ќе биде одделена од бебето скоро еден месец.
„Сè што некогаш сакав беше да ја претставувам Канада на Олимписките игри, а оваа година се квалификувавме. Но, поради пандемијата и строгите правила, сега сум во дилема. Принудена сум да одлучам дали ќе бидам доилка или Олимписка спортистка. Не можам да ги направам и двете. Токио рече дека нема исклучоци“, вели таа во видеото што го објави на својот инстаграм профил.
Ова правило таа го смета за малку неправедно заради бројот на луѓе кои ќе учествуваат на Летните олимписки игри, како и заради фактот што тие ќе пристигнат од различни земји.
„Спортистите и претставниците на медиумите летаат од целиот свет, ќе има присутни јапонски навивачи, арените ќе бидат половина полни. Но, во исто време јас не можам да бидам со мојата ќерка“, се пожали таа.
Некои ја посоветувале да се издои.
„Кошаркарските екипи ќе бидат таму 28 дена. Немам доволно млеко во мене за да тренирам како врвна спортистка, да ја хранам и да издојам доволно млеко за 28 дена”, вели таа и додава дека, бидејќи никој не може да стори ништо во врска со тоа, ѝ треба помош од интернет.
„Ако некој познава некого, нешто, нека види дали можеме да смениме нешто. 2021 година е, ајде да ги направиме мајки кои работат нормални”, заклучува таа.
Бројни следбеници ѝ дале поддршка и признале дека нејзината ситуација ги лути. А, Гошер не е единствената во ваква ситуација. Тркачката Алифин Тулиамук (32) ќе ги претставува САД на Олимписките игри оваа година, но ќе мора да ја остави својата петмесечна ќерка Зои, која исто така ја дои.
„Не можам да замислам да не е со мене, јас сè уште ја дојам. Побарав изземање”, рекла таа за Вашингтон пост.
Фото: Инстаграм