Средношколци најдоа начин како да не се изгуби веќе ниедно дете, ниту возрасно лице

Хот Хет (Hot Hat) е ученичка компанија основана во рамките на програмата за ученички компании на Јуниор Ачивмент – Македонија при СУГС Кочо Рацин – Скопје, а идејата за овој проект средношколците ја добиле по една вознемирувачка вистинска случка, кога мајка, за буквално неколку секунди го изгубила своето 4- годишно девојче во еден отворен детски, забавен парк во Охрид.

0
2989

Сите сме сведоци дека многу често се случува на социјалните мрежи да се сподели фотографија од изгубено дете или од возрасно лице кое боледува до деменција, со молба доколку некој го забележи да го задржи и да ги повика родителите, доколку станува збор за изгубено дете или децата, доколку станува збор за изгубен родител.

Токму една ваква случка, кога мајка го изгубила своето 4-годишно девојче во еден отворен детски забавен парк во Охрид и тоа буквално за неколку секунди, била инспирација за средношколците од СУГС „Кочо Рацин“ во Скопје, да направат производ со кој ќе се спречат вакви настани.

„Оваа идеја произлезе по предлог на една од ученичките која ни го претстави настанот за мајката со  изгубеното дете и со голема страст ни го прераскажа и предложи еден ваков производ. Останатите, низ бурата на идеи сепак едногласно ја усвоија токму таа идеја и тоа беше почетокот на успесите.

Беше основана ученичката компанија ХОТ ХЕТ и учениците од нашето училиште  беа дел од Националниот натпревар за ученички компании организиран од страна на „Џуниор Ачивмент – Македонија“. На натпреварот со оваа идеја, од страна на стручната жири-комисија бевме избрани во најтесниот круг на финалисти, меѓу 10-те најдобри ученички компании“, објаснува Петре Трајковски, професор по економска група на предмети во училиштето кој заедно со колешката Емилија Савеска, професор по стручни предмети од текстилната струка, биле ментори во целиот процес.

Нивниот иновативен производ е всушност, таканаречена ‘звучна капа’ со која би требало да се помогне да се намали бројот на изгубени лица, а воедно овој производ да се користи и како заштита од студ, дел од облеката, моден додаток, итн, но има можност и за алтернативно решение, доколку, на пример, мајката не носи капа.

„Звучната капа би се изработила од текстилен материјал како обична капа, а во неа ќе биде вграден звучен уред, овие капи би биле во пар, такашто едната би ја носело детето, а другата родителот (со можност за добивање гратис  торбиче како приврзок за клуч во кој би бил ставен уредот, доколку родителот не практикува да носи капа). Уредот ќе работи такашто во зависност од оддалечувањето на детето од родителот, ќе почне да свири и како тоа сѐ повеќе се оддалечува така би се забрзало и свирењето, односно, титкањето, слично на аларм и на тој начин родителот би бил предупреден дека детето се оддалечува“, објаснува Савеска.

Менторите велат дека учениците направиле истражување кое е многу  значајно не само за родителите и децата, туку за  целата популација, со оглед на големиот број на стари и болни лица кои не се во можност да се грижат сами за себе.

„Овој производ веднаш би нашол примена насекаде околу нас, како на пример: кај секој совесен родител, во здравствени установи, отворени игротеки и детски паркови, старечки домови, за болни лица кои живеат сами или се под надзор, итн.

Исто така, овој производ би го презентирале и во сите медицински објекти кадешто имаат пациенти кои не можат да се грижат сами за себе, во старечки домови, во училишта за деца со посебни потреби и слично. Таму најверојатно и најмногу би помогнале со нашиот производ, за нивна заштита од губење или исчезнување. Сето тоа би се одвивало преку наша презентација, делење  на флаери,  разговарајки со одговорните лица. Целни групи би биле родители кои имаат мали деца, возрасни лица кои имаат болни и стари родители, медицински лица, наставници, одговорни лица на специјални установи, баби и дедовци кои имаат внуци итн. Мислам дека би ја опфатиле скоро целата популација“, вели професорот Трајковски.

Тие размислуваат во иднина да ја прошират палетата на производи со нови или модифицирани производи со цел да се зголеми бројот на заинтересирани потрошувачи кои не би биле ограничени само со носење на капи.

Засега, нашиот производ се состои од текстилен материјал од највисок квалитет  во повеќе форми, големини, облици и бои, кои задолжително го имаат на себе и логото на компанијата. Како што рековме, капите одат во пар (детска капа и капа за возрасен) и во секоја од нив има вграден сензор кој при носење на капите и оддалечување на одредено растојание алармира.

За учениците од текстилната струка процесот на производство не е воопшто комплициран, потребни се само шивачки вештини и чипот се вградува во капчето за минута до две. Процесот на производство се одвива во просториите на ученичката компанија на специјализирани машини за шиење инсталирани во посебна просторија каде се вградува и самиот сензор кој пак се набавува од кооперант – компанија за производство на  електроника од Кавадарци, вели Савеска.

Производството на овој иновативен производ, поточно шиењето на капите, се одвива за време на практичната настава и целокупната изработка, цртање,  вадење шаблони, избор на материјал, кроење, шиење и контрола на производот е дел од практичната настава во текстилната струка.

„Звучната капа“ е производ кој се наоѓа во фазата на воведување, што значи дека постои прототип кој покажува како функционира и допрва треба да се пробива на пазарот и да стекнува потрошувачи. Производот е функционален и се очекува во идниот период да прејде во наредните фази од неговиот животен циклус.

Поради ситацијата со ковид- 19 и настанатите промени во образованието бил забавен целокупниот процес, од добивањето на средствата од Фондот на иновации и технолошки развој, до производството, промоцијата и дистрибуцијата на самиот производ. Конечно, оваа година се надминати тие пречки и во секое време се очекува да се започнеме со реализација на процесот на работа на ученичката компанија.

Што се однесува до цената, нашите соговорници велат:

„Нашиот производ е единствен на пазарот во нашата држава. Иновацијата се состои во сензорот кој се вградува во прекрасно дизајнираните капи. Бидејќи производот „Звучна капа“ се набавува во пар, цената ќе изнесува 1500 денари. Цената е базирана на трошоците и ги покрива трошоците на работењето (набавка на текстилен материјал и сензорот кој се вградува, како и останатите трошоци за производство)“.

Ученичката компанија ХОТ ХЕТ е основана од учениците од СУГС „Кочо Рацин“ кои биле дел од Националниот натпревар за ученички компании организиран од страна на „Џуниор Ачивмент – Македонија“.

„На натпреварот со оваа идеја, од страна на стручната жири-комисија бевме избрани во најтесниот круг на финалисти, меѓу 10-те најдобри ученички компании. Ние како ментори во целиот процес, со поддршка на директорката на училиштето, Благица Павловска која безрезервно го поддржува просперитет и подобрување на училишната клима и култура на училиштето во секој поглед, водени од постигнатиот успех на учениците на натпреварот им предложивме да доставиме и апликација на Јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи“ отворен од страна на Фондот за иновации и технолошки развој кој беше објавен во текот на учебната 2019/2020 година. Верувајќи во својата иновативна идеја тие без размислување прифатија да поднесеме апликација на еден ваков проект, со желба што побргу да ја  претворат својата бизнис-идеја во бизнис-можност.

Пред стручна жири-комисија нашите ученици во најдобро можно светло го претставија својот иновативен производ и со тоа обезбедија место во финалето, каде успеавме да бидеме дел од оние проекти кои добија награда грант во паричен износ доделен од стана на Фондот. На Националниот натпревар за ученички компании и проектот од јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи“, учествуваа пет ученици од четврта година – Магдалена Ѓуревска, Клара Васиќ, Ангела Несторовска, Александар Цветковски и Стефанија Танасковска и една ученичка од втора година – Вања Саравинова, поддржани од нас како ментори“, ни ја раскажаа професорите оваа инспиративна приказна за нивните ученици со бизнис идеја.

[better-ads type='banner' banner='999' ]