Средношколки од Корчагин со креативни сетови за заштита ја подигнуваат свеста на граѓаните

Уште една ученичка компанија, со своите креативни производи покажува дека средношколците сериозно размислуваат за актуелните проблеми, меѓу кои и за оној најактуелниот, опасноста од ширењето на вирусот ковид-19. Токму така се вика и нивната училишна компанија - Stop the spread.

0
272

Средношколци од скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“ ја формираа ученичката компанија „Stop The Spread – Macedonia“ и со своите производи се обидуваат да ја подигнат свеста за заштита од ковид-19.

Станува збор за сетови од кутии за безбедно чување на заштитна маска во неколку различни бои и со различни дизајни, разнобојни алки кои содржат средство за дезинфекција и шишенце за средство за дезинфекција со кое се полнат алките.

„Колку пати ви се случило да ја оставите вашата маска на работната маса, на седиштето во вашата кола и слично, или пак колку пати ви се случило да не можете да го најдете вашето средство за дезинфекција или истото сте го заборавиле дома. Ова беа и проблемите кои не инспирираа да најдеме производи со кои ќе ги решиме, а воедно и ќе ја подигнеме свеста на македонската јавност за почитување на мерките за справување со ковид-19 пандемијата. Со помош на нашите производи вашата маска постојано ќе биде на чисто и безбедно место, а средството за дезинфекција никогаш нема да го заборавите бидејќи постојано ќе биде на вашата рака“, велат од ученичката компанија.

Со оваа идеја тие неодамна победија на натпревар за социјално претприемништво организиран при UPSHIFT програмата на CEED HUB Скопје, за поддршка на млади на возраст од 13 до 19 години.

Дел од компанијата се матурантките Марија Ангеловска, Ана Диневска и Андреја Димовска, кои учат заедно веќе четири години во билингвалната паралелка во училиштето. Сите три имаат различни интереси за својата идна професионална определба, но сметаат дека искуството и способностите стекнати во текот на овој проект ќе можат да ги применат и во иднина, без разлика на областа во која ќе работат.

Идејата ја развивале постепено, во текот на проектот, односно во текот на тридневните обуки.

„Откако ја развивме нашата идеја требаше да ја презентираме пред комисија која одлучуваше кои од ученичките компании кои беа дел од овој проект, ќе добијат финансиска подршка. Откако сите тимови презентираа, не контактираа од CEED HUB и не известија дека нашиот тим е еден од седумте тима на кои ќе им биде дадена финансиска подршка за реализација на нивната идеја. За овој проект не информираше нашата професорка по економија Лидија Стојчева. Заедно со нас и таа присуствуваше на предавањата од проектот и континуирано работи со нас во текот на реализирањето на овој проект“, објаснуваат тие.

Производите ги набавиле во текот на февруари годинава, а дизајните кои се наоѓаат на производите се нивни. Направиле неколку организирани продажби во нивното училиште и велат дека има интерес, но дека би имало и повеќе доколку со нив се запознаат повеќе луѓе. Средствата од продажбата на производите ќе ги наменат за купување на стерилизатор кој ќе биде поставен на влезот на училиштето.

Нивните производи се дел од она што секоја од нив го има секогаш со себе, исто како и нивните соученици кои веќе ги имаат купено сетовите. Имаат огромна поддршка во текот на работниот процес на овој проект и од своите родители на кои многу им се допаднале нивните производи. Освен во „Корчагин“, производите може да се купат и преку нарачка на нивните социјални мрежи или на нивната веб-страна.

Во тек е и giveaway и на нивната фејсбук страница подаруваат еден заштитен сет, а на Инстаграм профилот – уште два.

„Доколку сакате да ги зголемите шансите за добивка, одете на нашиот профил @stopthespread.mk“, порачуваат нашите соговорнички.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]