Срамежливи деца во време на онлајн настава

Најважно е родителите да ги уважат чувствата и грижите на децата. Наместо да ја отфрлате нивната анксиозност и да им велите дека оваа фаза ќе помине, покажете емпатија и сослушајте ги, советуваат експертите

0
214
Фото: Pexels

Икањето во текот на онлајн-наставата е очекувано. Паѓање на системот, на интернетот, бавни апликации и замрзнат екран се оние технолошки проблеми што доаѓаат со оваа нова територија. Но, технолошките проблеми не се ништо во споредба со дете што одбива да зборува пред камера. Според експертите, ако разберете зошто вашето дете е срамежливо во текот на виртуелното учење, ќе можете да му помогнете да ги надмине фрустрациите.

„Стравот од сцената или тремата е вообичаено чувство кај децата кога од нив се очекува да реализираат некоја презентација на училиште, да се натпреваруваат на некој спортски настан или да изведат некој рецитал. Па природно е децата да имаат слични чувства кога ќе се најдат пред камера во текот на виртуелната учебна година“, вели Кели Бек, овластен специјалист за детскиот живот од болницата „Синаи“ во Балтимор, САД.

Замислете го првиот ден од виртуелното училиште. Вашето дете изгледа возбудено, но штом се вклучи камерата од првиот повик на „Зум“, тоа се крие под маса или си го покрива лицето со рацете. Ви звучи познато? Или можеби детето нема проблем со повикот, но цел час вреска и плаче кога е време да се сними себеси за видеозадача. Можеби децата се добри во училница, но зошто на екраните покажуваат различно однесување?

„Децата и тинејџерите може да имаат анксиозност слична на тремата од јавно говорење кога се пред камера за виртуелно учење бидејќи се грижат за својот перформанс – страв да не направат грешка, страв од засрамување, страв дека нема да ги исполнат очекувањата – загрижени се затоа што ќе бидат во фокусот на вниманието, дека можеби ќе бидат исмејувани, или едноставно се загрижени за самото излагање пред врсниците“, вели д-р Лора Греј, клинички психолог.

Таа објаснува дека децата што порано имале негативно искуство може да се срамат и да се плашат дека ќе ги повторат грешките од минатото. Дополнително, децата што генерално се нервозни кога се во центар на вниманието и извршуваат активности, на пример, читање наглас пред целото одделение, може да имаат слични чувства и пред камера.

„За секое дете или тинејџер што има анксиозност кога ќе му биде побарано да зборува пред екранот, анксиозноста ќе ја попречи неговата способност да се сети на информациите што треба да се презентираат, па ќе му биде потешко да одговори. Ова негативно искуство го зајакнува стравот од зборување пред одделението на камера и може да доведе до зголемена анксиозност следниот пат“, вели Греј.

Другиот дел од тремата може да е поврзан со тоа што детето си го гледа сопствениот одраз на екранот.

„Кога децата одат на училиште, тие не се гледаат постојано себеси, освен пред некое огледало во тоалетот и слично, а мобилните телефони се најчесто непотребни или забранети во училниците. А преку виртуелното учење и камерите децата постојано гледаат мала слика од себеси, па тоа ги прави премногу свесни за сопствената појава“, вели невропсихологот д-р Санам Хафиз. Додава дека родителите може да бараат причина за тремата и во „булингот“.

„Тоа е различна тема, но ако детето чувствува дека некој негов соученик е лош кон него или доживува булинг на другите платформи, тоа може да биде причината што е срамежливо кога треба да зборува пред камера“, вели таа.

Па, што може да направите за да му помогнете? Зборувајте со наставникот за детето. Тој може да има некоја перспектива која вие не сте ја зеле предвид. Ако на детето му недостига самодоверба, уверете се дека има пријатна работна средина и дека е соодветно облечено. Зборувајте со детето и помогнете му да ги совлада емоциите кога се појавува пред екранот, и поврзувајте се со неговите искуства преку споделување и на вашите – ако се занимавате со таква работа.

„Неколку работи можат да ги смират децата повеќе од знаењето дека нивните родители разбираат како тие се чувствуваат“, вели д-р Хафиз. „Разговарајте со детето и имајте отворена комуникација за неговите чувства кога се јавува пред камера, бидете подготвени да споделите како може да ви биде тешко понекогаш и колку е важно да го надминете тоа чувство. Ова ќе му даде на детето чувство на другарство и чувство на охрабрување, но разбирање “.

Во зависност од тоа која е причината за вашето дете да доживее т.н.’сценски страв’ при виртуелното учење, решението за ова прашање може да изгледа различно за секое семејство. И покрај тоа, поддршката искажана кон детето е клучот во целата ситуација.

„Најважно е родителите да ги уважат чувствата и грижите на децата. Наместо да се отфрла нивната анксиозност и да им се вели дека оваа фаза ќе помине, покажете емпатија и сослушајте ги“, вели Бек.

Фото: Pexels

Текстот е од ТУКА.

[better-ads type='banner' banner='999' ]