Ние постојано зборуваме за тоа како децата да бидат “поотпорни”, но што и да правиме, тоа не функционира. Стапките на анксиозните нарушувања и депресијата брзо се зголемуваат кај тинејџерите, а во универзитетите во САД не може да се ангажираат терапевти доволно брзо за да останат во чекор со побарувачката. Што правиме погрешно?
Насим Талеб го измислил зборот „антифрагил“ (анти-кревко, анти-кршливо) и го употребил во својата книга со исто име за да опише мала, но многу важна класа на системи кои се добиваат од шокови, предизвици и нарушувања. Коските и банкарскиот систем се два примери; и двата стануваат послаби – и повеќе склони кон катастрофален неуспех – ако се подолго време без стрес и потоа се соочуваат со голем предизвик. Имунолошкиот систем е уште подобар пример: тој бара изложеност на одредени видови микроорганизми и потенцијални алергени во детството, со цел да се развие до својот полн капацитет.
Социјалните и емоционалните способности на децата се исто толку антифрагилни како нивниот имунолошки систем. Ако ги заштитиме децата и ги одржуваме „безбедни“ од непријатни социјални ситуации и негативни емоции, ги лишуваме од предизвиците и можностите за градење на вештините што треба да ги зајакнат. Таквите деца најверојатно ќе страдаат повеќе кога ќе бидат изложени подоцна на други непријатни, но обични животни настани, како што се потсмевањето и социјалното исклучување.
Некои предупредувања се потребни: на децата им требаат пријатели и сакана и сигурна фигура на приврзаност. Децата кои пораснале со високи нивоа на страв во непредвидливи или насилни средини, доживуваат покачени нивоа на стрес хормони за подолг временски период. Таквата долготрајна изложеност може трајно да го промени развојот на мозокот и да ја зголеми стресната реактивност, со доживотно влијание на менталното и физичкото здравје.
Но, кратки периоди на нормален стрес не се штетни; тие се од суштинско значење. Прегледот на истражувањето на стресот под наслов „Разбирање на издржливоста“ од 2013 година ја направи аналогијата со имунолошкиот систем експлицитна: „Инокулацијата со стрес е форма на имунитет против подоцнежните стресови, на ист начин како што вакцините предизвикуваат имунитет против болеста”. Значи, што ќе се случи ако ние одеднаш престанеме да ги имунизираме децата со овој вид на стрес?
Слободната игра во која децата работат на сопствените правила на ангажирање, преземаат мали ризици и учат да ги совладаат малите опасности (како што е борбата со снежни топки) се покажало како клучно за развојот на возрасни социјални, па дури и физички компетенции. Лишување од слободна игра го нарушува нивниот социјално-емотивен раст. Истражувачите од Норвешка, Елен Сандсетер и Лиф Кенер, пишувале за „антифобичките ефекти на возбудливите искуства“. Тие забележале дека децата спонтано се обидуваат да додадат ризик во нивната игра, што потоа ги проширува нивните способности за справување, што потоа им овозможува да преземат уште поголеми предизвици. Тие предупредуваат: „Можеме да го набљудуваме зголемениот невротизам или психопатологија во општеството, ако децата се спречени да земат учество во соодветна на нивната возраст, ризична игра”. Тие ги напишале тие зборови во 2011 година. Во текот на следните неколку години, нивното предвидување се исполнило.
Статистиката за ментално здравје во САД и во Велика Британија ја кажува истата ужасна приказна: децата родени по 1994 година – сега познати како “iGen” или “Gen-Z” – страдаат од многу повисоки стапки на анксиозни нарушувања и депресија отколку претходната генерација (милениумци), родени помеѓу 1982 и 1994 година.
Во 2017. година, една од пет девојки во САД на возраст помеѓу 12 и 17 години доживеале барем една голема депресивна епизода.
Нагорните трендови за депресија кај тинејџерите се случуваат и во Велика Британија.
Уште потрагично, овој тренд го гледаме и во стапката на тинејџерски самоубиства, која се зголемува за двата пола во САД и Велика Британија. Стапката на самоубиства е зголемена за 34% за тинејџерите во САД (во 2016 година, во споредба со просечната стапка од 2006-2010 година). За девојчињата, тоа се неверојатни 82%. Во Обединетото Кралство, соодветното зголемување за тинејџерските момчиња до 2017 година е 17%, додека зголемувањето кај девојчињата е 46%. Никој не знае за сигурно зошто последниве години виделе многу повеќе промени за девојчињата отколку за момчињата, но водечкото објаснување е доаѓањето на паметни телефони и социјални медиуми. Девојките ги користат социјалните медиуми повеќе од момчињата и изгледа дека тие се повеќе погодени од социјалните споредби, се фокусираат на физичкиот изглед, свеста дека се изоставени и социјалната или релационата агресија што социјалните медиуми ги олеснуваат.
Што можеме да сториме за да ги смениме овие трендови? Како можеме да ги направиме децата доволно силни за да се справат со обичните и вонредните предизвици во животот? Постои моќна народна мудрост: подготви го детето за патот, а не патот за детето.
Се разбира, треба да работиме за да го направиме животот побезбеден со отстранување на физичките опасности од околината, како што се пијаните возачи и педофилите. И, се разбира, треба да ги учиме децата да се однесуваат едни со други со љубезност и почит. Но, ние исто така мораме да ги оставиме нашите деца да патуваат по патот без нас.
Во прво време, родителите страшно стравуваат. Но кога еден седумгодишен скокнува со возбуда и гордост, откако самиот ќе ја донесе нарачката од продавница на пример, станува полесно да се пушти и да си игра во блискиот парк со своите пријатели – кадешто сите учат да внимаваат еден на друг и да ги решаваат меѓусебните спорови.
Не можеме да гарантираме дека поголемата самостојност на децата од основно училиште денеска ќе ја намали стапката на тинејџерските самоубиства во иднина. Врската помеѓу претераната заштита во детството и тинејџерската ментална болест се сугестивни, но не дефинитивни, и постојат и други веројатни причини. Сепак, постојат добри причини да се сомневаме дека со лишувањето на нашите претерано заштитени деца од широк опсег на искуства, систематски го забавуваме нивниот раст. Треба да ги пуштиме и да им дозволиме да растат.
Фото: Vladislav Vasnetsov from Pexels