Совети за родителите на идните првачиња

Наскоро ќе започне нова учебна година, со тоа и еден нов период за родителите кои имаат првачиња. Прочитајте како да го подготвите своето дете за овој нов период во животот

0
320

Училишниот процес може да претставува предизвика за детето, но и за родителот.

Во овој период детето учи многу нови работи, запознава нови другарчиња, се осамостојува и расте.

Во продложение следуваат неколку активности кои можете да ги правите со вашето дете:

Кај детето може да постои страв од одење во училиште, па би било добро да му објасните дека завршува одењето во градинка и дека сега ќе оди во училиште, а таму ќе има нов наставник, нови другарчиња, итн.

Би било добро да одвоите време и да се прошетате со детето до училишниот двор, да му објасните како функционира училиштето, што означува ѕвонењето на ѕвончето, да му раскажете дека ќе има одмори после секој час, итн.

Важно е детето да не се заплашува со училиштето.

Добро е да му се објасни на детето како изгледа еден училишен час и која е улогата на наставникот.

Од децата се очекува да ги знаат буквите и броевите пред да тргнат во училиште. Затоа би било добро заедно со детето да го вежбате пишувањето на буквите и броевите. Да се поврзуваат буквите со поими, а броевите со количина. Но пред тоа треба да се пишуваат коси и прави линии во различна должина, полжавчиња и други линии, со кои ќе се вежба графомоториката на детето која е предуслов за детето да се стекне со брзина на пишување и естетски добар ракопис.

Добро би било да се изведуваат активности кои се подолго ќе траат,за да се навикне детето на времетраењето на училишниот час, и за да се утврди дали детето може да се сконцентрира за време на еден наставен час.

Доколку детето не може да изведува одредена активност и таа му е тешка, не преминувајте на нова, туку навратете се на некоја активност која му е лесна на детето за да се мотивира да вложи напор за да ја изведе активноста која му е тешка.

Децата на оваа возраст би требало да имаат доминантна рака, да знаат да покажат која е лева, а која десна рака на себе и на другите, да се ориентираат во просторот и времето. Ова е важно за понатаму детето лесно да го совлада пишувањето, читањето и сметањето. Затоа изведувајте игри со детето кои ќе му помогнат да се ориентира во просторот и времето (пример, со вашата десна рака покажете му го вашето десно око, потоа што има горе, долу, лево десно, на покривот.

За временска ориентација се поставуваат прашања од типот на – каде беше вчера, итн.

Децата на оваа возраст треба самостојно да се облекуваат, да ги извршуваат физиолошките потреби и да одржуваат лична хигиена. Затоа работете со детето низ игра да ги стекне овие навики. –

Кај детето треба да се направи шема на рано легнување и рано станување, која ќе одговара на одењето во училиште. Исто треба да се прилагодат и оброците на детето со оние кои ќе ги има во училиштето.

Учете го детето на различности. Дека во училиште ќе има деца на кои ќе им треба повеќе внимание, дополнителна помош за да ги изведуваат задачите, деца кои не можат на комуницираат преку говорот, но сепак имаат друг начин на комуникација, итн. Научете го детето да ги почитува тие деца и да се дружи со нив иако се различни од него, а не да ги исмева и да ги навредува. Доколку сметате дека вашето дете има отстапување во поголем број од горе наведените работи тогаш консултирајте се навремено со стручно лице за мислење. Едноставните насоки зададени од стручното лице, можат да придонесат многу за развојот на детето. Реагирајте на време, но не покажувајте пред детето дека тоа прави отстапување, бидејќи тоа негативно ќе влијае на него.

Елена Трајческа, дипл. специјален едукатор и рехабилитатор, Интеракција Плус, Скопје

Фото: Pixabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]