Остварувачи на соништа

Ова се двете жени кои ги отворија вратите, срцата, прегратките, го споделија знаењето и искуството и вложија многу труд и љубов работејќи со деца, а особено, како што велат, работејќи со посебни деца или деца со посебни потреби, сеедно

0
463

Жена, од оние кои знаеме да ги нарекуваме малечки Венери, ама со силен глас и со цврст став. Ако ја гледате како работи со децата на театарските претстави, а особено ако ја слушате, ќе си речете, аууу, е ова е став. А како поинаку да те слушнат чопор деца ако не викнеш. Има бескрајно трпение, или уште подобро, бескрајна љубов и посветеност на она што го работи.

Снежана Коневска Руси со главните актери Марија и Мики

Снежана Коневска Руси е режисерка на „Пепелашка“, инклузивна претстава која сите со нетрпение очекуваме да ја видиме на 9.април во МОБ.

За себе и за своите причини за работа со деца со посебни потреби и воопшто, со деца, вели:

„Мислам сето мое работно и слободно време е посветено на работа со посебни деца и деца со посебни потреби. И самата како дете, работев во создавање ТВ и радио програми за деца на МРТВ. Како големо дете, работев во Детско Драмско Студио „Снешка со деца“, посебно насочени кон драмската уметност. Како најголемо дете, како режисер, работев во Школата за драмски актери на актерот Димче Мешковски при ОУ во Општина Карпош, чии завршни средби беа оформувани како драмски претстави.

При една таква презентација 2013.година, се наметна потребата од вклучување музички пасажи, па за оваа цел остварив соработка со наставникот по музичко во ДОУ „Димитар Влахов“ (Боби Спасеновски) и со деца слепи, слабовидни, но надарени за пеење и свирење. Со заедничката необична сценска форма зедовме учество на Првиот меѓународен драмски фестивал за лица со или без хендикеп „Игри без маска“ – театар без дискриминација во организација на ЗГ „Свет на различни, а еднакви“ – Скопје. И јасно беше – станувам постојан соработник на ова здружение, како презентер, обучувач , текстописец, режисер, уметнички раководител, во зависност од искажаната потребна помош на екипите од  Дневните центри за социјална грижа на лицата со посебни потреби во градовите низ Македонија.

Средбата со Кате од ЕУРЕКА е неминовна. Еурека низа години е поддржувач и активен учесник во оваа фестивалска програма со свои индивидуални или придружни содржини. А нашето искуство, во танцувачката и драмската уметност само ни помага во изнаоѓање и креирање нови сценски форми на инклузија на лицата со и без хендикеп. Та така и овој нов сценски проект  работен според бајката за Пепелашка, за нас претставува голем предизвик, но и повисок степен на соработка, без превласт на драмата или танцот, ами симбиоза, инклузија на истите, како и инклузија на лицата со попреченост и актерите – танчери“.

Дента кога бевме на една од последните проби за инклузивната танцова претстава „Пепелашка“, внукот на Снежана Коневска Руси на претставата полнеше 10 години, беше веќе 22 и 30, а таа беше сѐ уште на проба.

„Целиот работен век јас сум на проба или на претстава, за деца или за возрасни. Не бев дома ни за родендените на мојата ќерка или другите  поводи во својата фамилија…па ова и натаму продолжува….ништо чудно за мене и за ваквите професии…Јас живеам и уживам во тешките, долги проби,  подготовки, размислувања…патувања…Често патувам низ градовите во Македонија, во Дневните центри за помош и нега на лицата со посебни потреби, запознавам нови лица, откривам различни способности кај лицата со попреченост,  ги охрабрувам за учество во јавните настапи, играм заедно со нив на сцената, се дружиме, се смееме…ги посочувам патиштата за прифаќање, заемно почитување и главната цел  –  остварување на културните права на лицата со посебни потреби.

Идејата за овој проект Кате ја има одамна, свесни бевме двете дека е потребно тројно повеќе  време за подготовка, со најразличните наши барања, упатства, движења, дејства, но не сакавме да го мериме. Знаевме,  сцените сами ќе покажат  кога се финализирани, танцот – ускладен и само треба да се дочека  моментот,  додека сите се радуваат и уживаат во играта – проектот  да биде прикажан  јавно.

Во случајов  можеби повеќе играм со формата на претставата. Почитувајќи ја драматуршката нитка, правам преплетување на драмата и танцот, го внесувам новото време, исполнето и натаму со стигма, омраза, завист, љубомора  и водам непрестана битка меѓу доброто и злото.

Промовирајќи толеранција, хуманост, емпатија, понудуваме  нов  вид инклузија – не декларативна, не симболичка, туку прифатлива, применлива, одржлива – базирана на обострана желба на танчерите и лицата без и лицата со хендикеп.

Најважно  е новите глумци да го надвладеат стравот и да успеат да го остварат својот сон – да танцуваат, играат, пеат..“, вели Коневска-Руси.

Катерина Јолакоска

Катерина Јолакоска пак, е сопственик на танцовото студио „Еурека“ кое го отвориле во далечната 2001. година. Оваа година студиото го слави своето полнолетство. Во него се изучува модерен танц и хип хоп, но она за што најмногу се зборува деновиве е првата инклузивна танцова претстава „Пепелашка“, во целосна организација на ЕУРЕКА, од идеја до реализација.
Се случува првпат во регионот. Главните ликови се лица со физички попречености (Марија, Мики, Дени и Јована), а во останатите улоги се членовите на танцовото студио „Еурека“. Настанот ќе се отвори со 120 деца на големата сцена во МОБ.

„Започнавме како мало студио без некои  преголеми очекувања, за денес да прераснеме во студио со над двесте членови со најразлична календарска возраст и различен етнички состав. Започнавме скромно, со кратки настапи во медиумите и во земјата, а продолживме на долги стази освојувајќи ја нашата земја, регионот и пошироко.

Членовите од студиото со своите настапи на бројни фестивали во земјата и надвор од неа освојуваат  многубројни награди: први, втори, трети места и се разбира, најзначајни се Гран-при наградите.

Членовите од студиото земаат учество на хуманитарни настани, фестивалите во нашата земја и надвор од неа. Тие ги прифаќаат и лицата со попречености со кои реализираат и заеднички настапи. Реализиравме заеднички кореографии со лица со оштетен слух, оштетен вид, лица со ментални попречености, а последните пет години ги опфативме и лицата со церебрална парализа, Даунов синдром и аутистични деца. Во месец септември со дел од овие членови имавме настап во Зајечар, Србија.

Долгогодишното искуство во работата, настапите на хуманитарни настани за лица со попречености беше предизвик и ние да направиме нешто посебно.

Вклученоста во тимот, уште од почетокот, на мојата мајка која е дефектолог и главен двигатор за ваков вид на инклузивен процес, придонесе да се воздигнеме и да докажеме дека секој сон може да стане реалност. Зошто токму Пепелашка?!

Па затоа што Пепелашка е емотивна приказна, со јасно изразени чувства, патешествија и јасно ја изразува желбата за успех, љубов и борба за живот. Поистоветувајќи се со ликовите од приказната ги препознавме ликовите од приказната во нашите членови, а сега веќе и главни актери. Членовите со церебрална парализа, Даунов синдром и останатите членови со помош на тимот од Еурека подготвија една емотивна модерна Пепелашка. Инклузивниот процес е застапен токму преку танцот. Нема пречка во ритамот на музиката  да се движат по сцената и тие „малку поинаквите“, заедно со останатите членови.

Инклузијата преку музика и танц ги прави еднакви со сите. Тука се изразени сите чувства кои будат страв, тага, радост, омраза…

Пепелашка ќе ја најават 120 членови од нашето студио, а во претставата учествуваат дополнителни 90 членови со и без попречености. Главни ликови се лица со физички попречености: Дени, Марија, Јована и Мики, кои неуморно секојдневно работат на подготовки околу претставата. На Пепелашка работиме цела година. Започнавме минатата година ова време, гостувавме со дел од Пепелашка во Зајечар во месец септември и до сега работиме на усовршување и комплетирање за премиерата. Баравме ликови соодветни на членовите на инклузивната група, па така Марија е во улога на Пепелашка, Мики е принцот, а Дени и Јована се другарките на Пепелашка, или глувците во оригиналната верзија“, раскажува Катерина.

Инаку, како и секој почеток и овој имал свои потешкотии и предизвици. Предизвиците преовладале, а желбата да се успее била пред сѐ.

„Огромниот ентузијазам на сите членови, како и на членовите од редовните групи, и професионалноста на целиот тим,  придонесе да се направи успешен спој. И ако сите велат дека за оваа работа треба многу трпение, јас ќе кажам: љубовта и ентузијазмот не водеа сите нас. Музиката не познава граници.

Посебно должно внимание заслужуваат нивните родители, посебно мајките кои неуморно, несебично, заборавајќи на себе секоја одредена минута посветувајќи им се на нив. Тоа се мајки-херои. Но да кажам и тоа дека ова им е можност и тој еден час во неделата да си го посветат на себе, знаејќи дека некој одговорно се грижи и ги забавува нивните деца.

Приказната немаше да биде целосна ако не ги имавме прекрасните Елена, Стефани, Теа, Ивана и Ева, членови од нашето студио од најмала возраст, сега веќе студенти, лица без посебни потреби, кои неуморно ја поддржуваа оваа категорија на деца, доаѓаа и сѐ уште доаѓаат на сите заеднички часови и безрезервно ја даваат својата љубов и подршка. Светот би бил поинаков кога би имале многу повеќе млади како нив. Толку се млади, а со толку широко срце“, вели Катерина.

Нејзиниот мотив била нејзината мајка Јелица, која како професор-дефектолог секогаш ја носела својата работа дома.

„Од мала, откако знам за себе се сретнував со оваа популација. Таа е одличен професионалец, мотиватор, вљубеник во својата професија.

Во нашиот дом знаевме за сите згоди и незгоди кои се случуваа на нејзиното работно место. Тоа чувство на хуманост, љубовта кон оваа популација успешно ни ја пренесе на мене и на мојата сестра Даниела, а ние сега им ја пренесуваме и на нашите деца. Едноставно, тоа се врежа во мене, дека под ова сонце на небото сите сме еднакви и сите имаме еднакви права.

Нашите очекувања се огромни. Подготвени сме да се бориме со сите предизвици, бури и препреки кои не очекуваат. Патот е трновит и тежок. Се надеваме дека ќе ја разбудиме свеста во целокупната општествена јавност бидејќи негуваме оригинална идеја:

Повикуваме на соживот и еднакви права, креваме глас за различноста на сцената која не прави посебни, бараме еднакви можности за сите кои ја сакаат магијата на танцот.

Нашата основна цел е:

Инклузија на танцот на театарската сцена, активно вклучување на инвалидните лица во културата, отворена можност за  креативно изразување, оптимално негување на потенцијалот на секоја индивидуа со попреченост, претставa, танцови  перформанси со лица кои не можат да се  изразат, а ја носат креативноста во себе, унапредување на квалитетот на животот на лицата со попречености“, вели Катерина.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]