Снаа и свекрва: Дали мора ова да биде проблематичен однос?

Велат, на мајка смееш сѐ да ѝ кажеш, ама на свекрва никако. И обратно, се воздржуваме да ѝ кажеме на снаата нешта кои без проблем би му ги кажале на синот. Иако знае и да ни се налути. Епа која е разликата, нека се налути и снаата. Битно е и двајцата да знаат дека безрезервно ги сакате. Впрочем, можете ли да не сакате некого кој го дели животот со вашиот син, некој кој му е најблизок, некој што е до него кога е тажен, среќен, болен, здрав? Јас не можам!

0
1475

Се чини, ставот дека односот помеѓу свекрвите и снаите мора да е проблематичен и нешто за што мора да се пишуваат ‘правилници’, да се даваат насоки и совети, е генерален, па нашите жени како да се раѓаат генетски предодредени да не се согласуваат со својата свекрва, односно снаа. Многу студии покажале дека покрај парите, свекрвите се главна причина за кавгите меѓу брачните двојки, а постојат и истражувања кои потврдуваат дека на жените односот со свекрвите им е еден од најстресните со кој се соочуваат во текот на животот.

Зошто односот помеѓу снаата и свекрвата мора да е проблематичен и мора посебно да се анализира и да му се посветуваат цели студии и истражувања. Зошто никој не зборува на пример за односот помеѓу зетот и ‘бабата’ (уште еден глупав збор – кога се однесува на зетот, наместо на внуците, како и зборот ‘свекрва’)?!

Никогаш не сум го анализирала посебно ниту едниот, ниту другиот однос, ама ете, и јас станав сверква и дури сега ништо не ми е јасно.

За почеток, знам дека сите снаи го имаат оној проблем, кога треба да ѝ се обратат на свекрвата. Па само ѝ се местат во видокругот за да можат да ѝ кажат нешто а да не мораат никако да ѝ се обратат. Немале проблем додека биле во врска, ама наеднаш се појавил проблемот кога станале и официјално дел од истото семејство?! Глупости.

Е сега, друга работа е ако врската траела толку кратко пред бракот што немале време за никакво обраќање. Каков што е нашиот случај.

Но ако сте ја викале свекрвата, на пример, тетка Родна (како јас мојата покојна свекрва), тогаш слободно продолжете си така. Ако сте ја викале по име, продолжете си исто така. Ако баш ви е мерак, можете да ја викате на пример, мама Ракитка (како што ја вика жената на брат ми мајка ми). Само обратете ѝ се некако, наместо да ѝ го ловите погледот за да ѝ се обратите. А обратете ѝ се како на некој близок, впрочем, бескрајно сакате еден ист човек.

И незнам од каде сите оние совети како да се однесувала свекрвата кон снаата и обратно. Можеби затоа што луѓето едноставно мислат дека тој однос мора да подразбира непријателство, ривалство или нешто друго исто толку глупаво како сето ова. Но се надевам сепак дека тоа е останато во минатото, во односите и сфаќањата на некои други генерации.

Ете на пример, кога јас станав свекрва (станав, станав) сите ме советуваа по нешто. А јас само сакам да се ослободам од сите предрасуди и да се однесувам како да сум добила на подарок уште едно готово дете – кога велам готово, мислам на пораснато, воспитано, свое. И не е лицемерие, незнам како да ве убедам дека само сакам да ме сака, а и јас неа, оти верувајте, после 30 години, нема шанси да не се засакате. Барем би било нормално да се случи тоа, освен ако едната од вас не е баш некој ‘фрик’…

А ако знаете дека тоа секако ќе се случи, зошто не почнете веднаш да се однесувате така? Како мајка и ќерка!

Велат, на мајка смееш сѐ да ѝ кажеш, ама на свекрва никако. И обратно, се воздржуваме да ѝ кажеме на снаата нешта кои без проблем му ги кажуваме на синот. И тој ни се лути. Епа која е разликата, нека се налути и снаата. Битно е и двајцата да знаат дека безрезервно ги сакате.

Можете ли да не сакате некој кој го дели животот со вашиот син, некој кој му е најблизок, некој што е до него кога е тажен, среќен, болен, здрав? Јас не можам! Па ако не се грижите за снаата, само сетете се дека и вашиот син ќе страда ако ѝ се случи нешто, ако е болна, несреќна, уморна, или едноставно, нерасположена.

Или, можете ли да не сакате некој кој го родил вашиот сопруг, некој на кој тој барем одвреме навреме ќе ви заличи, некој поради кој вашиот сопруг е токму таков каков што сте го засакале?

Едната треба да запамти дека сега наместо едно, има две деца, а другата треба да запамти дека сега, наместо една мајка има две мајки со сите нејзини сестри, браќа, роднини и пријатели. И сите сте едно големо семејство. Заедно им се радувате на вашите успеси, на децата, домашните миленици, заедно тагувате. Вашите животи се испреплетени, па наместо да се избегнувате, да се озборувате или да одите како по клинци, бидете природни и однесувајте се така!

Време е да заборавиме на сите оние упатства за тоа како како треба да се однесуваат една кон друга свекрвата и снаата.

Налет упатствата!

Станува збор за жени кои ќе мораат да се гледаат често до крајот на животот, ќе имаат многу семејни собири, ручеци и прослави, па ќе можете ли баш цело време да мислите на нечии глупи правила?

Само договорете се дали и двете го сакате истото, односно, дали и двете сакате да станете блиски,  или само сакате куртоазен однос. Во секој случај, дури и двете да го сакате истото, дозволете си вашиот однос да се развива постепено, со постепено запознавање, споделување на интересите и меѓусебно помагање, баш како што правите и со своите пријатели.

И никогаш немојте да мислите дека е тоа невозможно само затоа што не ги делите истите интереси и ги немате истите ставови. Наместо тоа, прашајте се понекогаш за некој совет. И знаете што, не мора да го послушате!

Фото: Freepik

[better-ads type='banner' banner='999' ]