Скопски градинки на дански начин

Сето она што досега го читавме за градинките во Данска и во други делови од светот кадешто децата се почесто надвор отколку внатре, а искуството го стекнуваат директно, во допир со природата, без оглед дали притоа се извалкале, паднале или се наводениле, го има и кај нас - во скопските градинки „Светот на Колорес“. Работат цел ден, од 7 до 22, а планираат да отворат и градинка во околината на Водно.

0
2471

Ако некој сака детето да му биде згрижено во градинка во која поголемиот дел од активностите се одвиваат во природа, како и за време на многуте екскурзии надвор од градот во времетраење од по неколку дена, тогаш за ова не мора да оди дури во Данска. Го има и кај нас, иако, рака на срце, ова нема да го добие бесплатно, ниту пак по цени како оние во државните градинки, но оние кои можат да си дозволат, дефинитивно, тука ќе го добијат најдоброто за своите деца.

Градинките се викаат „Светот на Колорес“ и работат по светските стандарди за правилен раст и развој на децата.

Идејата е децата да поминуваат голем дел од времето во природа. Децата на кои им е дозволена слобода и квалитетно време поминато надвор, во природа, постигнуваат подобар развој од физички и психолошки аспект, вели директорката и сопственичка на градинките Билјана Караманолевска.

Во моментов функционираат две градинки, едната во Карпош 2, а другата во Општина Аеродром.

Љубовта кон децата и желбата за работа со нив беше основниот мотив за отварање на приватна градинка. Најголема желба при создавањето на градинката ми беше да се создаде пријатно место во кое децата со задоволство ќе дојдат и ќе уживаат во секој миг поминат во него.

Една од нашите основни цели е да предаваме по пример. Преку нашата работа, децата учат важни лекции. За реализација на овој концепт, потребно е детето да има можност да го доживее, да го проба (свесно или несвесно) сопствениот однос кон она што го учи и како таков е во потполна согласност со програмски насоченото воспитание и образование на децата од предучилишна возраст, а посебно во современата научна и напредна предучилишна пракса.

Во нашата установа, постојат исклучително природни материјали и истите, по својот облик и површина се речиси идентични, односно изворни колку што е тоа можно. Кај нас нема воопшто технички играчки и играчки за конструирање, како ниту т.н. „игри за учење“. Фантазијата и креативноста кај децата се постигнуваат преку опкружување во кое е планирано најмногу да се застапени, односно да доминираат природните материјали, како што се дрвото, волната, свилата, восокот, растителните бои, како и материјали од кои децата сами (со помош на воспитувачкиот кадар) ќе прават играчки дизајнирајќи ги според сопствените замисли и желби, како што се шишарки, камења, волна, гранки и слично.

Играта во природа е составен дел од секојдневјето на децата. Практично, е задолжителна секојдневно. За таа цел, градинката поседува и сертификат за поседување на еко средства, со што е единствена во градот.

Работното време е прилично флексибилно и е адаптирано според потребите на родителите и децата, односно од 6:45 часот наутро, до 22:00 часот навечер.

Стручниот кадар во градинката е исклучително високообразован и со искуство во работење со деца кои се на предучилишна возраст. Во склоп на истата има вработено дефектолог (за потребите на децата со посебни потреби или со пречки во развојот кои се подеднакво прифатени, чувани, сакани и добредојдени во овие градинки), како и логопед по потреба. Воедно, составен дел од тимот се и педагогот и психологот. Кадарот има можност постојано стручно да се надградува и да се усовршува и секогаш да биде во тек со новините од оваа област.

Стандардите кои се следени во градинките се изготвени од страна на врвни педагози, психолози, како и стручни соработници. Овие стандарди се донесени на светско ниво по извршени бројни истражувања, следења, консултации и експетризи од страна на интернационални експерти од УНИЦЕФ.

Градинката поседува сертификат „фер со потрошувачот“, како и сертификат за квалитет“, објаснува Караманолевска.

Самостојните екскурзии се исто така дел од она по што овие градинки се познати и единствени во тоа што го работат.

Нашата филозофија е дека сé што ќе сработиме според програмата потребно е во живо да го видиме или изработиме.

Во годината имаме од четири до пет пати самостојни екскурзии по три до четири дена, каде децата од свои две години доаѓаат без своите родители. Чувството е неописливо, самостојноста децата ја градат од свои најмали години. Искуството е секогаш позитивно, децата се задоволни, среќни исполнети и секогаш со план за нова екскурзија.

За да постои континуитет во развојот на децата и нивното осамостојување, неопходно е да постои доверба и взаемна поврзаност помеѓу семејството и градинката која ние ја добиваме во максималност. Со овој тип на екскурзии ги поттикнуваме, охрабруваме и осамостојуваме нашите дечиња. Секое наше патување претставува наша нова авантура, ново доживување. Долготрајните прошетки на отворено се клучни за развојот на сите сетила. Физичката активност ги зацврстува фундаменталните вештини потребни за водење на здрав и активен живот.

Досега сме биле во Маврово, Берово, Охрид, Попова Шапка, Велес, Дојран…и сега се спремаме за најновата екскурзија во Михајлово.

Пешачењето, спортот, играта, рекреацијата…се само мал дел кој им помага на децата да ги развијат своите способности за учење и поттикнување на креативноста. Скокањето и трчањето се клучен елемент за здрав и правилен физички и психички развој кај децата.

Научно е докажано дека децата имаат поголема корист од неуредната каллива игра, отколку од „безбедната“ средина на модерната технологија (таблет, телефон, компјутер…)

Друштвените игри како криенка, ластик, плочка, џамлии, кај нас се составен дел од играта… Успешно го будиме чувството за самостојност кај децата, чувството за адаптација во природата како и чувството за чување и негување на истата.

Секако, пред да се запише детето во нашите градинки на родителите им се прикажани условите и активностите кои ги практикуваме и тие се добро прифатени“, вели Караманолевска.

Идејата за програмата и системот во овие градинки ја добила по посетата на Валдорфска градинка и принципите на валдорфската педагогија.

Бидејќи дел од тие принципи е и слободното движење на децата и активностите на отворено, во природа, за разлика од воспитувачките во државните градинки кои често се соочени со проблем од страна на родителите ако децата се извалкаат, бидејќи обично ги носат дотерани во брендирана облека, тука немаат такви проблеми, а од годинава тие вовеле и унифицирани униформи за децата.

Со оглед на големата загаденост во зимскиот период, во секоја просторија на градинките имаат прочистувачи на воздухот, а еднаш неделно се прави и озонирање на градинките кое спречува пренесување на вируси и бактерии кај децата.

Можам слободно да кажам дека сме единствена градинка во која разболувањето кај децата е сведено на минимум“, вели нашата соговорничка.

Караманолевска има идеја и за отворање на градинка во околината на Водно при што активностите ќе бидат 100 комплетно на отворено, без оглед на временските услови, децата ќе бидат во природа.

Родителите ќе ги носат децата во градинката и веднаш после појадокот ќе следат активностите. Истражување, набљудување, правење на куќички за верверичките и ластовичките, изработка на играчки од дрвца и стапчиња…ќе бидат само еден дел од активностите.

Секако ова е засега само идеја која се надеваат дека во иднина ќе ја реализираат.

 

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]