Никол Киселички, претходно Јоциќ, е родена лондончанка, но со македонко-српско потекло, млада мултиталентирана музичарка, која свири на повеќе инструменти, но омилен ѝ е бас гитарата, а од пред неколку години, токму благодарение на својот прекрасен џез/блуз вокал и на нејзиниот соработник, колега и сопруг, џез пијанистот, композитор и аранжер Симон Киселички, настапува и како пејачка.
Пред неколку дена тие ја пуштија во етер својата нова песна Euphoric (можете да ја слушнете ТУКА), а за својата прва средба, за почетокот на нивната љубов, но и за професионалната соработка, раскажува Никол:
„Со Симон се запознавме во The Duck Cafe, во Охрид. Секое лето доаѓав на одмор во Охрид, но овојпат ми беше малку здодевно да бидам цело време со семејството, па за првпат влегов во The Duck Cafe, со надеж дека ќе видам нешто ново. Влегов и слушнав прескрасен клавир и баш од прв момент ме привлече музиката. Го видов Симон како свири и како целата публика е стопена во овој амбиент и во таа атмосфера што ја создаваше со својата музика и повеќе не ми беше здодевно“, се смее таа.
Се запознале и таа веднаш го прашала Симон дали би можела да свири бас гитара со него, затоа што неколку месеци претходно почнала да учи да свири на овој инструмент.
„Апсолутно! Дојди утре и ќе свириме…“, ѝ рекол Симон.
Утредента се вратила во клубот на проба, спремна да свири уште истата вечер. Арно ама, кога Симон почнал да ја прашува дали знае да свири на бас прво една песна, па друга, па трета, а нејзиниот одговор бил постојано ‘не’, сфатила дека, како што вели, „гризнала повеќе отколку што можела да џвака“!
И додека се мислела што всушност таа знае да свири на бас гитара, се појавила Девана, пејачката која во тој период соработувала со Симон.
„Додека ги вежбаа песните, Симон ја праша дали знае да ја пее песната ‘All Along The Watchtower’ од Џими Хендрикс.
Скокнав и викнав: „Аh, All Along The Watchtower! Тhere must be some kind of way out of here….“ и почнав да си ја пеам мојата омилена песна. Во тој момент Симон се сврте накај мене, ме ислуша, и не ми предложи, туку ми нареди: Николче, остави го басот засега, и дојди да пееш! Јас никогаш претходно не сум размислувала за кариера во пеење, ниту дека би можела воопшто да пеам. И тука почна нашата магија“, се потсетува Никол.
Иако секоја година доаѓала на одмор во Македонија, таа претходно не знаела ништо ниту за Симон, ниту генерално, за македонската уметничка сцена, aма откако ја запознала, како што вели, немало враќање. Исто така, признава таа, ‘не го знаев баш добро ниту јазикот како што треба, и еве и до ден денеска го учам. Но многу ми се допаѓа јазикот, оти фундаментот на македонскиот јазик е ритамот на мелодијата, и бара постојано да се пее со непоколеблива енергија. Така да, учењето на македонскиот јазик е и добра вежба за една пејачка!’
Никол вели дека идејата за соработка била заедничка, но и неизбежна со оглед на тоа што клавирот на Симон и нејзиниот глас се споиле ‘како мед и млеко’.
„Симон ме однесе во неговиот град, Дубровник (Симон e познат по својот десетгодишен придонес за џез-сцената во Дубровник настапувајќи во Hard jazz caffe troubadour, еден од најпознатите клубови во Европа), и таму првпат заедно настапивме. Имав многу да учам за симбиоза и комуникација во дуо или во група, морав да учам и тешки песни, и така научив сѐ со Симон.
Ако ги прашате дали прво се случила љубов, а потоа станале и соработници или било обратно, велат:
„Ако има љубов, има сѐ. Кај нас љубовта беше прва, ама кога дознавме дека можеме да пееме и да свириме и компонираме заедно, потоа веќе не можеше едно без друго. Ние си имаме искрена љубов и искрена музика“.
На почеток, родителите на Никол биле против оваа врска.
„Моите на почеток беа против нашиот однос заради неоправдани причини, ама стануваат ‘покул’ со текот на времето и среќна сум што сега ја поддржуваат музиката што ја продуцираме. Тоа многу ми значи. Но брат ми Милош ме поддржуваше постојано, тој има големо срце. Многу сум благодарна и за топлата поддршка што ни ја даде фамилијата на Симон, особено неговите прекрасни деца Васил-Калин и Крила. Нивниот благослов ми значи сѐ!
Важно е децата да учат од возрасните луѓе, но уште поважно е возрасните да ги слушаат децата, заради тоа што тие имаат што да научат од нив (и тоа како)!“, искрена е Никол.
Инаку, таа е родена во 1997.година и наскоро (03.12) ќе полни 23 години.
„Родена сум во Камден: најлудиот, најшарениот дел од Лондон, и ја наследив таа дива култура. Ама таа е само 50% влијание, другите 50% се дива крв, заради тоа што сум по потекло пола Македонка и пола Србинка и се гордеам со тоа. Дедо ми од македонската страна ми е Нико Нестор, бог да го прости, почина во 2016., првиот од цела Југославија кој го преплива Охридското Езеро и Ламанш“, раскажува со гордост Никол.
Таа како мала почнала да свири клавир, потоа гитара, па бас гитара, па пеење. Некое време студирала филозофија, а потоа музика. Исто така, со години пишува поезија и текстови, а сега се обидува да пишува роман, идеја која произлегла од периодот на карантин кога таа и Симон се наоѓале во Валенција, во најтешкиот период на коронавирусот.
„Сега сум директорка на музичкото училиште River Music School London, кадешто нудиме часови по различни инструменти, а исто така држиме и ‘Мастеркласови’ со познати музичари и онлајн часови, такашто сме отворени за студенти од целиот свет“, вели Никол.
Благодарение на музиката и на своите настапи низ Европа се сметаат себеси за космополити. Живеат во Англија и во Македонија, во Шпанија, и секаде кадешто ги носи патот, односно, музиката.
Досега заедно настапувале во Италија (Џенова, Милано), во Шпанија (Валенциа, Аликанте), Хрватска (Дубровник, Сплит, Ровињ, Задар, Пореч), Македонија (Скопје, Охрид, Битола), Србија (Белград), Бугарија (Софија, Пловдив) и Црна Гора (Будва, Подгорица, Котор, Херцег Нови).
„Во нашата работа сега се фокусираме на авторски теми: Симон ги компонира и аранжира песните, јас пишувам текстови и понекогаш додавам мои композициски идеи. Многу сум благодарна што имам можност да соработувам со Симон. Тој е полн со инспиративна музика и магија! Во принцип се согласуваме околу тоа како треба да звучи песната, Симон ми дава препораки и насоки, но не е лошо ниту кога има полемики, напротив, тие доведуваат до најкреативни решенија“, вели таа.
Нивната заедничка соработка не ги сменила на професионален план, ама ги натерала на други концепти.
„Иако Симон е џезер и јас исто така имам џез/блуз вокал, ние заедно продуцираме модерна музика (нормално, со ‘old school feeling’). Ние не правиме компромиси во нашата музика и етика, буквално го правиме тоа што го сакаме и кон што целиме. Се спремаме да свириме во нашата формација и на фестивали кога сето ова со короната ќе заврши.
Овој период не е лесен за ниту еден музичар. Владите ширум светот не им даваат доволна поддршка на музичарите и уметниците, па дури и ги омаловажуваат. Важно е да се спротивставиме на деградацијата на уметностите, и тоа сите, без оглед дали сте уметник или не, заради тоа што сите кога ќе стигнете дома после работа си пуштате музика, или гледате филм, или одите во театар или на концерт… па само обидете се да си го замислите животот без уметност и почнете да ги поддржувате работите што ги сакате!“, порачува Никол.
Нивната претходна песна I Am In Your Coffee, можете да ја слушнете ТУКА.