Родилките треба повеќе да учествуваат во носењето на одлуки врзани со раѓањето, треба да имаат повеќе време за породување, а потребно е и да се намали бројот на медицински интервенции при породувањето, објавила Светската здравствена организација (СЗО).
Оттаму објавуваат 26 нови препораки за родилките во кои особено предупредуваат на се поголемиот број медицински интервенции, како што е царскиот рез, кои не се секогаш неопходни.
„Во последните две децении имаме се повеќе медицински интервенции кои се за родилките непотребни“, рекол Олуфеми Оладапо од одделот за репродуктивно здравје и истражување на СЗО.
„Во неколку региони во светот станаа многу раширени зафатите како што е царскиот рез или користењето на окситоцин за да се забрза породувањето“, додал Оладапо, зборувајќи за синтетизираниот облик на природниот хормон кој во некои делови од светот рутински им се даваат на родилките интравенозно за да се предизвикаат контракции, за да се забрза породувањето и за да се избегнат компликации.
СЗО објавила дека досегашните истражувања сугерираат дека процентот на породувања направени со царски рез од 10 до 15 отсто не води до пад на смртноста на мајката или детето.
„Меѓу средно развиените земји како Турција, Кина, земјите од Латинска Америка и Иран, постои висока стапка на царски резови, „често без вистинска причина“, рекол Метин Гулмезоглу од СЗО.
Оладапо нагасил дека жените би требало да бидат слободни да ја изберат положбата што ја сакаат при породувањето, и дека треба да им се обезбедат лекови против болки.
„Сакаме да создадеме услови во кои се жените добро информирани и во кои се вклучени во носењето одлуки врзани за породувањето“, додал Оладапо.