Ирена Николовска Ристановска е психолог во основното училиште с. Жван – Демир Хисар и претседател на здружението на психолози „Рилука“, Битола. Таа е и сопруга и мајка на осумгодишниот Лука и четиригодишната Јована. Поради потребите на Лука кој има аутизам, а во состојба на самоизолација и забрана за движење во Битола, тие цел месец престојувале во прилепското село Ерековци кај родителите на Ирена. Но само што се вратиле во својот дом во Битола, почнала тортурата на нивните соседи кои живеат на спрат подолу во истата зграда, проблем со кој ова семејство живее речиси година ипол.
„Ова е една од нашите многубројни борби, која долго ја водиме, а јас сум веќе немоќна и уморна, не сум во можност да го чекам резултатот кој не знам дали воошто ќе дојде. Пред два дена, после месец дена се вративме во Битола. Децата беа среќни затоа што сме повторно во својот дом и веднаш се адаптираа. Но, следниот ден наминаа кај нас моите родители кои имале обврска во Битола и ќе си одеа на село. Лука се смееше со татко ми, среќен затоа што е повторно заедно со дедо, кога одеднаш некој почна силно да тропа на врата, толку силно што цела врата се тресеше… Веднаш знаев, ним им пречи и смеата на Лука…Немавме можност да отвориме врата бидеќи децата не сакаа да се поместат од пред вратата, само почнаа хаотично и преплашено да трчаат низ дневна. Веднаш повикав полиција. Првпат откако трае оваа голгота, соседите излегоа да разговараат со полицијата.
Им кажаа дека цела недела немаат мир од нас, дека од нас цела зграда се тресе. А замислете, ние само пред два дена стигнавме во Битола после цел месец отсуство.
Тоа што им го кажуваа беше страшно да се слуша… Дека е Лука ментално дете и дека не треба да е тука… Дека нивната 90- годишна мајка не може да живее од нас… И на крајот, истото што постојано ни го велат и нас, на секое поминување и разминување во или пред зградата – дека треба да се иселиме затоа што сме се вселиле после нив. Институциите молчат, креваат раменици и упорно си ја префрлуваат топката меѓусебе – од социјалното велат дека е тоа работа на полицијата, оттаму не упатуваат во социјалното и единствено умеат да не посоветуваат: Продадете го станот ако можете!
И тоа се влече вака – година и четири месеци!
Купување на свој дом
Ние досега се селевме многу пати. Првата преселба од Прилеп поради мојата работа во Демир Хисар, потоа од таму пристигнавме во Битола. Извесен период живеевме под наем во еден стан, кадешто воопшто немавме никаков проблем со соседите. Потоа во друг, во оваа иста зграда, на први спрат. Киријата беше прилично скапа, а ние со една целосна плата и друга половична смогнавме сила и храброст да земеме станбен кредит минатата година.
Свесна за состојбата на Лука и потребата од двор, константно бев во потрага по куќи кои се продаваа во Битола, но тие што одговараа на нашиот буџет не одговараа на локацијата и обратно…
Случајно дознавме дека се продава стан на четвртиот спрат во истата зграда. Помисливме дека е тоа добра одлука. Ќе останеме во истата зграда во која со сите соседи имавме и имаме добра комуникација, училиштето на Лука тука, градинката за Јована и едноставно нема да бидат нарушени рутините на Лука.
Преселбата одеше лесно и минатата година во јануари веќе се преселивме конечно во свој дома. Соседите ги знаевме од претходно, но овие соседи никогаш во две години пред тоа не ги имавме ниту видено. Сега кога си го враќам филмот наназад ми е сосема јасно зошто. Често влегуваат во влезот низ визбите.
Првиот пат кога им попречиле звуците од движењето на Лука и пристигнале на нашата врата јас и мојот сопруг Лазе не бевме дома, па моите родители некако се обиделе децата да не ја почувствуваат тензијата во нивната комуникација. Но вториот пат веќе беше хорор. Страшно тропање на врата без да имаме можност да сфатиме што се случува. Јас, сопругот и децата се соочивме пред врата со глетка на која не сакам ни да се сеќавам… Соседот толку силно викаше дека не може да го издржи движењето на Лука и не советуваше да го сместиме во институција , или во спротивно сите ќе не убие… Незнам како успеав да снимам дел од тој настан. Истата вечер пријавив во полиција. Направија записник, но при обидот да разговараат со нив наидоа на затворена врата. Таа траума беше првата за Јована, нашата сега четиригодишна ќерка. Доживеа еуреза (ноќно мокрење), а и кај Лука се појави видлив регрес во развојот.
Оваа ситуација делуваше и на мене, со страв одев и се враќав од работа. Секое излегување од дома беше проследено со реален страв.
Во меѓувреме полицијата ги испита за нас поединечно сите соседи и на никој од нив Лука не им пречи освен на соседите со стан број 10.
Наредниот период беше уште потежок. Секој ден полиција на врата. Ако Лука се смее, полиција, ако Лука заплаче, пак полиција.
Полицијата ја вршеше својата должност коректно, и самите полицајци сфатија дека соседите се крајно нетолерантни на постоењето на Лука.
„Нема да живееш уште долго!“
Постоеја и периоди кога Лука со часови не беше дома. Поради состојбата неговата агенда е прилично набиена со активности: Карате, дефектолог логопед, психолог, училиште, пешачење, преспивање преку ден…
И навечер во 22 часот е веќе во кревет, а тие повторно со вербални закани при разминување. Крајно внимававме да биде сѐ според куќен ред. Од 14 до 18 ако не сака да спие, Лука го носевме на прошетка, но и тоа не вроди со плод. Еден ден ѝ се заканиле и на мајка ми додека се разминувала со еден од браќата соседи. Се сеќавам на тој ден, мајка ми не можеше да испушти ни еден збор и да ми раскаже што се случило бидејќи беше преплашена.
При разминување со мене чести се закани од типот: „Нема да живееш уште долго!“
Тоа воошто не е сеедно да се чуе и да се заборави на истото.
Сопругот се обидува да не утеши велејќи дека тие го прават тоа намерно, за да не натераат да си заминеме, но јас сепак се плашам, се плашам за нашата безбедност.
Следуваше прием кај градоначалничката на Битола за оваа ситуација. Откако ѝ раскажав сѐ, веќе наредниот ден испрати екипа од Социјалното во Битола да разговара со соседите, но и тие наидоа на затворена врата кај проблематичните соседи.
Лука многу пати е сведок на обидите на мојот сопруг со убаво да разговара со нив, но тие на убавиот збор веднаш афективно реагираат, покачуваат тон и проблемот е сѐ уште нерешлив, а траумите на децата се нижат и не се бришат. Оставаат последици кои за жал ќе ги носат со себе цел живот.
Имаше ситуација кога соседот при вербална расправија се обиде и физички да се пресмета со Лазе, а јас единствено што успеав е да го земам Лука за рака и да истрчам надвор. Седевме заклучени во кола додека заврши сѐ. Таа ноќ заминавме да спиеме кај родителите на Лазе во Демир Хисар, додека Јована беше кај моите на село.
Искрено јас веќе имам желба да заминам од тука, но сопругот не. Го разбирам и него зошто, но го разбирам и мојот реален страв.
Живот во страв
Се плашам да излезам сама со Лука да го прошетам. Затоа што тој е спремен да застане пред мене, едноставно да ми го попречи патот и да покаже сила на жена, додека Лука кому му пречат звуци поради неговата состојба, да замине несвесен дека и надвор е опасно без раката на мама…
Се плашам за нашата сигурност. Не можам повеќе да бегам од својот дом кој ќе го плаќам наредните 30години. Од државата не побарав да ми даде бесплатен стан, но сметам дека сигурноста имам право да ја барам….
Надвор, средина која не ја разбира состојбата на Лука. Дома, соседи од кои се плашам да се движам и да чувствувам како во свој дом…
Јас сум спремна државата да не заштити макар со привремено место за живеење кое би било безбедно за моето семејство. Бидеќи тука е така како што е. Домот на моите родители е дом на баба и дедо..Единствено тие се оние кои не заштитуваат целосно… Но на децата им е потребно свое гнездо каде ќе се чувствуваат безбедно и сигурно… Вака се збунети. Долго на гости.. Торбиците константно се подготвени за патување… Не можам и не смеам да ги лажам дека е ова една безопасна игра. Тие имаат право да знаат што е добро, а што не..
Нај многу од сѐ ме боли фактот дека децата со посебни потреби не се заштитени во нашата држава. А истото важи и за децата со типичен развој. Нашиот случај повеќе од јасно го говори тоа“, завршува Ирена.