Светски ден на пелтечењето

Околу 70 милиони  лица во светот пелтечат, едукацијата и свеста за ова нарушување е мала, па лицата кои пелтечат се среќаваат со голем број на бариери, предрасуди и неразбирања.

0
237
„Утре (22 октомври) е Светски ден  за подигнување на свесноста за пелтечењето. Одбележувањето на овој ден има за цел на пошироката јавност да ѝ го појасни пелтечењето и да се укаже дека овие лица не смеат да се омаловажуваат затоа што за нив овој проблем не претставува само нарушување на течноста на говорот туку и бројни негативни емоции поврзани за говорните ситуации“, вели др.сци. Силвана Филипова, логопед и директорка на Заводот за рехаблитација на слух говор и глас.

Пелтечењето е  најстарото и најпознатото говорно-јазичко нарушување, кое претставува дисфункција во ритамот и темпото на говорот, односно нарушување на флуентноста на говорот, кадешто лицето знае што сака да каже но тоа е отежнато заради честите прекини, повторувања или продолжувања на гласовите, слоговите или зборовите. Околу 70 милиони  лица во светот пелтечат, едукацијата и свеста за ова нарушување е мала, па лицата кои пелтечат се среќаваат со голем број на бариери, предрасуди и неразбирања.

Најчесто се јавува во периодот од 2-5 години кога имаме интензивен говорно-јазички развој, кога детето интензивно усвојува нови зборови и кога јазички ја организира мислата и не може да ја вообличи на време затоа што говорниот апарат на таа возраст сѐ уште не е доволно зрел.

Говорот на лицата кои пелтечат можеме да им го олесниме така што нема да го избегнуваме контактот со очите, да не поставуваме премногу прашања, да покажеме интерес и да им дадеме доволно време за одговор, односно да не ги прекинуваме и да не ги брзаме.

Улогата на семејството е од огромно значење за лицата кои пелтечат, затоа што ако дојде до неприфаќање и неразбирање од страна на семејството, ова говорно-јазичко нарушување може да се влоши и продлабочи.

Од тие причини од пораката која сакаме да ја испратиме по повод овој ден е „пробајте да ги разберете лицата кои пелтечат, замислете  си што би ви било потребно кога би го имале тој проблем и потоа обидете  се да го дадете  тоа што мислите дека е потребно“, вели др.сци Филипова.

Во однос на третманот на ова нарушување во Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас, годишно на логопедски преглед  доаѓаат околу 2300 до 2800 лица, закажани преку матичен лекар.

„За жал, голем е бројот на лицата кај кои е констатирано постоење на пелтечењето кое претставува нарушена вербална комуникација.  Видот на третманот зависи од возраста на лицето со пелтечење, времето поминато од неговиот почеток до јавувањето на логопедски преглед, формата и тежината на пелтечењето. Постојат повеќе методи и техники на третман, кои успешно се применуваат во нашиот завод, такви се модификацијата на пелтечењето, когнитивно бихејвиоралната терапија, апарати со аудитивна дилеј програма, техники за релаксација, вежби за развој на мозокот, сензорна интеграција, вибро акустична терапија, логопедска масажа и други. Нашата цел е кај децата и младите да се подобри состојбата и да се спречат компликациите на когнитивно и емоционално ниво а возрасните да ги охрабриме и да им ја вратиме самодовербата бидејќи, лицата со пелтечење можат да бидат успешни во сите сфери од животот и во кариерата, исто толку па и повеќе од тие кои немаат пелтечење, но тоа бара соодветна стручна помош како и поддршка од страна на семејството,  училиштето, факултетот и работната средина“, вели Нермин Теловска, специјалист за дисфлуентни нарушувања на говорот.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]