По повод Светскиот ден на крвта од папочната врвца, го пренесуваме интервјуто со Франсис Вертер, оснивач и директор на Родителскиот водич за Фондацијата за крв од папочната врвца (Parent’s Guide to Cord Blood Foundation) дадено за српски портал.
Родителскиот водич за Фондацијата за крвта од папочната врвца е основан во 1998 година, пред точно 21 година. Ние сме првата и најискусната организација за помош на родителите во светот на матичните клетки од папочната врвца, објаснува на почетокот од разговорот Френсис Вертер.
„Јас сум основач на Фондацијата и имав ќерка, Шаи. Родена е во 1992 година и почина од рак кога имаше 5 години. За време на нејзиното лекување од рак, Шаи доби трансплантат на матични клетки. Поради етничкото потекло, кое беше мешавина од полско, шпанско и африканско, требаше да се пребара целиот свет за да се најде соодветен донатор. Агонијата за наоѓање на вистинскиот донатор ми ја посочи важноста на крвта од папочна врвца, затоа што крвта од папочна врвца не бара целосно совпаѓање и е полесно да се трансплантира.
За жал, Шаи немаше брат или сестра за да се обезбеди крв од папочна врвца, а во тоа време, чувањето на крвта од папочната врвца беше на самите почетоци. Донатор за Шаи беше пронајден дури по многумесечно пребарување. Тој беше Британец кој немаше ништо заедничко со неа во врска со потеклото. Шаи отиде на трансплантација и ја доби коскената срцевина, но тоа не беше доволно за да се спаси. По нејзината смрт, јас родив уште две деца, а за обајцата ја задржав крвта од папочната врвца во приватните банки за да се смирам. Децата се родени во 1998 и 2000 година. Кога требаше да родам, во 1998 година, ги барав сите приватни банки кои беа на располагање во тоа време и составив детален опис на сите карактеристики на секоја банка. Секој што ме познава ќе се насмевне, затоа што знаат колку многу сакам да истражувам и да пишувам извештаи. Не случајно завршив докторат по астрофизика. Потоа, решив да го споделам моето истражување со други родители во форма на интернет-страница и така започна Водичот за родителите за крвта од папочната врвца (Parent’s Guide to Cord Blood).
ОД ХОБИ ДО БИЗНИС
Со години ја водев страницата како хоби додека работев со полно работно време во НАСА. Конечно, во 2006 година решив официјално да ја регистрирам страницата како непрофитна фондација која стана официјална во 2007 година. Во следните четири години ја напуштив работата во НАСА и целосно се посветив на Фондацијата. Бидејќи продолжувам да сакам да истражувам, во принципите на Фондацијата, истражувањето го напишав како мисија на Фондацијата. Досега, Фондацијата објави неколку медицински статии за статистика на клиничките студии со користењето матични клетки од папочна врвца како и други клетки од крвта на папочната врвца.
Кои се разликите во светот на матичните клетки од моментот кога започнавте со Фондацијата?
Кога почнаа да се чуваат матични клетки од крвта на папочната врвца, единствената примена на крвта од папочна врвца беше трансплантација на матични клетки. Јавните банки на крв од папочна врвца им обезбедија на лекарите, трансплантолозите нов извор на матични клетки. Семејното чување на крв од папочна врвца беше критикувано како шпекулативно бидејќи беше ретко дете да има карцином или наследно заболување кое бара ваков вид трансплантација.
Оттогаш, ова поле драстично се смени, особено во последните 10 години, кога почна да се користи крв од папочна врвца, кај стекнати невролошки заболувања како церебрална парализа и аутизам. До денес има голем број клинички студии кои го испитале користењето на матични клетки во голем број на невролошки состојби. Јасно е дека овој вид на терапија дава подобрување кај пациентите, додека тековните студии разјаснуваат многу предизвици како што се мерење на ефективноста на терапијата со матични клетки, кои матични клетки се најдобри, во која доза и кој е најдобриот пат за испорака на матични клетки. Ова истражување ќе продолжи следната деценија или две.
Благодарение на истражувањето на д-р Џоана Курцберг, пионер во ова ново поле, употребата на матични клетки од папочна врвца во невролошки заболувања е револуционерна. Повеќето примероци од семејните банки се користат за овој вид на терапија. Првично, невролошките состојби беа третирани само со матични клетки на папочната врвца на самото дете, по што се докажа дека матичните клетки на браќата и сестрите се исто така безбедни, и постоеше надеж дека ќе има можност да се користат и матични клетки од несроден донор. Ние знаевме со децении, преку истражување на ракот, дека сродните донатори секогаш се подобри во трансплантациите на матични клетки, такашто ова ново поле на терапија е многу силна причина за постоење семејни банки на матични клетки од папочна врвца.
ПРИВАТНИ И ЈАВНИ БАНКИ НА МАТИЧНИ КЛЕТКИ
Родителите треба да чуваат крв од папочната врвца на сите нивни деца секогаш кога е можно, така што доколку на едниот од нив му треба терапија со матични клетки, тие би имале браќа или сестри кои можат да донираат крв.
Колку банки постојат во светот денес и колку примероци се чуваат во нив? Дали има повеќе семејни или јавни банки?
– Нашата фондација, како водич за родителите за крв од папочна врвца, е единствената организација која ги следи и семејните и јавните банки. Во моментот, има околу 192 семејни банки со своите лаборатории и тие опслужуваат дополнителни 150 земји преку своите партнери. Многу извештаи го преувеличуваат бројот на семејни банки затоа што ја сметаат секоја компанија што има веб-страница како банка за матични клетки, додека ние ги разликуваме застапниците од самите банки со лаборатории.
Во јавниот сектор постојат околу 170 банки во светот. Не работат сите на активно собирање на донори, но ние ги броиме сите банки кои даваат примероци за трансплантација од постојната база. Нашата листа исто така вклучува хибридни банки кои имаат и семеен и јавен дел.
Нашата фондација е единствената организација во светот која ги следи примероците во семејните банки. Проценуваме дека во моментот има околу 7 милиони примероци во семејните банки за крв од папочни врски. Кога ги споредуваме јавните банки, според последниот извештај на Светската асоцијација на донатори на матични клетки, во јавните банки се складирани само 756.000 примероци.
ВО ИДНИНА – СТАНДАРДНА ТЕРАПИЈА СО МАТИЧНИ КЛЕТКИ
За деца, веројатноста за употреба на крв од папочна врвца е многу поголема во регенеративната медицина отколку кај карциномите. Во САД, шансата детето да има потреба од трансплантација на матични клетки е само 3 на 5.000 од раѓање до 20-годишна возраст, додека инциденцата на аутизам е 1 на 59 деца.
КАДЕ ЈА ГЛЕДАТЕ ПРИМЕНА НА МАТИЧНИТЕ КЛЕТКИ ЗА 30 ГОДИНИ?
Верувам дека развојот на терапии со матични клетки ќе биде како развојот на антибиотската терапија. Кога беше откриен првиот антибиотик – пеницилин – во 1928 година никој не разбра како работи, но сите јасно видоа дека спасува животи. Со текот на децениското истражување, научниците постепено наоѓаа нови антибиотици и ги разјаснуваа нивните механизми на дејствување. Денес, антибиотиците се стандарден дел од медицината, дури и до тој степен што премногу ги користиме и дека некои инфекции станаа отпорни на стандардните антибиотици.
Сега сме со матичните клетки во моментот кадешто беа антибиотиците во раните денови на развој. Во моментов знаеме како лекуваат матичните клетки, но не ги разбираме во целост механизмите на дејствување, за кои дијагнози се оптимална терапија и како да ги добиеме ефикасно во големи количини. Мислам дека терапијата со матични клетки ќе биде стандардна терапија во медицината во наредните 30 години – посочува Френсис Вертер.
Фото: Pixabey